Оставката на германската министерка - „одлука достојна за почит“ | Информации и анализи за Германија | DW | 13.04.2022
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Германија

Оставката на германската министерка - „одлука достојна за почит“

По жестоките критики поради одморот на кој отиде по катастрофалните поплави минатата година, министерката Шпигел поднесе оставка. Врвот на Партијата на зелените најави дека наскоро ќе назначи наследник.

Политичарката на Зелените, Ане Шпигел поднесе оставка од функцијата сојузен  министер за семејството. Заднината на оставката е нејзиниот однос кон катастрофалните поплави во германската покраина Рајнланд-Пфалц во летото 2021 година. „Денеска поради политички притисок решив да ја ставам на располагање функцијата федерален министер за семејството“, вели 41-годишната политичарка во соопштението коешто го испрати Министерството за семејство.

„Ова го правам со цел функцијата да не претрпи штета, бидејќи се соочува со големи политички предизвици“, додаде Ане Шпигел. Така, таа поднесе оставка само четири месеци по нејзиното назначување.

Шпигел беше критикувана затоа што како поранешна министерка за животна средина на германската покраина Рајнланд-Пфалц, замина на одмор десет дена по катастрофалните поплави и само еднаш го прекина одморот за да се појави на задолжителен настан во долината на реката Ар.

Во нејзиниот емотивен настап во неделата (10 април), Ане Шпигел го оцени тогашниот одмор како грешка. Покрај тоа, таа призна дека за време на одморот не се појавувала на видео-врска на седниците на покраинската влада, како што тогаш тврдеше.

Bundespraesident besucht die Flutregion im Ahrtal

Ане Шпигел во посета на поплавените подрачја

Раководството на Зелените ја поздравува одлуката

Партиските лидери на Зелените оценија дека одлуката за оставка е правилна. Рикарда Ланг и Омид Нурипур, кои подеднакво ги водат Зелените, веруваат дека кадровското прашање брзо ќе се реши. „Многу наскоро ќе дадеме предлог за наследник“, рече Нурипур, додавајќи дека министерката Шпигел добро ја извршувала работата, а сега ја презела одговорноста.

„Имам голема почит кон неа“, рече Аналена Бербок, германска министерка за надворешни работи. Кај неа предизвика емоции оставката на колешката: „Ане Шпигел лично помина низ многу тежок период. Денес таа не само политички, туку мислам и лично, го помина патот кој според мене покажува колку сурова може да биде политиката“, рече германската министерка за надворешни работи, додавајќи дека сето тоа може да биде „предупредување за сите нас во политиката“.

Бербок ја пофали својата колешка за одлуката да поднесе оставка: „Имам голема почит за нејзината одлука и сакам јасно да кажам - сојузната влада, ние како кабинет, губиме одличен министер за семејство, кој страсно се посвети на семејствата, децата и жените во оваа земја и која, пред сè, го започна најголемиот реформски проект на оваа коалиција – гарантирана основна финансиска сигурност за децата“.

Berlin | Außenministerin Annalena Baerbock

Аналена Бербок

Поддршка од Шолц

Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека со голема почит ја примил одлуката на министерката Шпигел - ова го соопшти заменик-портпаролот на германската влада, Кристијана Хофман.

Непосредно пред нејзината оставка, Олаф Шолц изрази поддршка за Ана Шпигел: „Што се однесува до соработката во владата, федералниот канцелар ја цени министерката и нивната соработка е блиска и полна со доверба“, рече Хофман.

За „почит“ зборуваше и коалицискиот партнер, либералите (ФДП). „Им посакуваме се најдобро на г-ѓа Шпигел и на нејзиното семејство“, изјави шефот на либералите Кристијан Линднер за Рајнише пост.

Конзервативна опозиција: оставката „одамна требаше“

Потпретседателката на баварската Христијанско-социјална унија (ЦСУ), Доротеа Бер, за весникот „Аугсбургер алгемајне“ изјави дека „оставката врз основа на бројни грешки и лаги е одамна неопходна и исправна“. За време на викендот се почесто се слушаа критики на сметка на министерката Шпигел, а тие главно доаѓаа од редовите на конзервативната Унија, која ја сочинуваат Христијанско-демократската унија (ЦДУ) и баварската Христијанско-социјална унија (ЦСУ).

Премиерот на најнаселената германска покраина Северна Рајна Вестфалија, Хендрик Вист, изјави дека тоа е „тест на кредибилитет за Социјалдемократите и Зелените“. Тој рече дека Социјалдемократите и Зелените морално се издигнаа во последните недели, судејќи според Урсула Хајнен-Есер. Демохристијанскиот политичар подоцна ја прецизираше таа изјава: „Сега треба да разјаснат дали остануваат на принципите без разлика на партиската книшка или тоа е само изборна кампања“, рече тој.

Урсула Хајнен-Есер, конзервативна министерка во Министерството за животна средина на покраинската влада, поднесе оставка минатиот четврток (7 април), бидејќи беше објавено дека таа и неколку други членови на владата прославиле роденден на шпанскиот остров Мајорка неколку дена по катастрофалните поплави во јули 2021.