Османи: Има документ за договор, се чека согласност од Софија | Северна Македонија | DW | 14.04.2022

Посети ја новата страница на DW

Погледнете ја бета-верзијата на dw.com. Сѐ уште не сме готови! Вашето мислење може да ни помогне да ја направиме подобра!

  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Османи: Има документ за договор, се чека согласност од Софија

Шефот на дипломатијата Бујар Османи вели дека македонската страна е подготвена да го прифати тој документ, но се чека одговор дали е прифатлив и за бугарската страна.

Шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи денеска (14.04) информираше дека има документ како основа за  договор со Бугарија, кој е прифатлив за македонската страна, но сѐ уште нема одговор дали тој е прифатлив и за Софија. Детали за тој документ засега не се споделуваат ниту со пратениците ниту со граѓаните.

„Има еден таков документ којшто сме спремни да го прифатиме, меѓутоа сѐ додека не добиеме одговор дека е прифатлив и за Република Бугарија сметам дека не се созреани предусловите за да можам да ги информирам пратениците и јавноста. Тој може да биде одбиен и тогаш сето тоа би било непотребно“, изјави Османи. Тој оцени дека има напредок во размислувањата како да се надмине ова прашање. На дневна основа се одвиваат комуникации меѓу македонскиот и бугарскиот државен врв. 

Bulgarien Premierminister Kiril Petkov

Бугарска делегација предводена од премиерот Кирил Петков в сабота се очекува да допатува во Битола

Ваквите изјави на Османи доаѓаат во пресрет на посетата на бугарскиот премиер Кирил Петков, потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова, поранешната министерка за надворешни работи Екатерина Захариева и Костадин Костадинов од партијата Преродба, кои се очекува да допатуваат в сабота (16.04) во Битола. Најавите се дека бугарските политичари ќе присуствуваат на отворањето на културниот клуб на Здружението „Ванчо Михајлов“ во Битола. Јотова и Захариева, како и  Костадинов, се очекува потоа да заминат за Охрид, каде што, според најавите, треба да отворат библиотека.

Нема поддршка за одвојување на Албанија

Додека двете страни интензивно работат на изнаоѓање прифатливо решение, со цел да се одблокира европскиот пат на земјата, во контекст на зголемените безбедносни ризици за Европа по војната во Украина, сѐ посилни се размислувањата за можно одделување на Албанија од заедничкиот пат со Северна Македонија кон ЕУ.

Шефот на романската дипломатија Богдан Ауреску, при посетата на Скопје порача дека Романија нема да поддржи ваков процес. „Нема разговори за раздвојување на С. Македонија и Албанија. Не го поддржуваме тоа раздвојување. Важно е да се најде решение за што е можно побрзо да се започнат преговори со двете земји заедно“, рече Ауреску на прес-конференција со македонскиот колега Бујар Османи.

-повеќе на темата: Германија бара од Бугарија да го тргне ветото за Северна Македонија

Шефот на македонската дипломатија смета дека одлуката за раздвојување на Скопје и Тирана е на земјите-членки и дали тие ќе постигнат консензус Албанија да ги почне преговорите. „Не е долгорочен интерес на Албанија да се одвои од нас на овој пат. Така што, ако барем до една фаза во процесот - додека политичките критериуми се клучни - си помагаме еден на друг, долгорочно ќе се создаде една синергија која го турка целиот процес напред“, вели тој.

Османи е дециден дека долгорочно таква одлука нема да одговара на Албанија и многу земји-членки сметаат дека тоа ќе ја влоши регионалната динамика ако тоа се случи. „Засега немаме сигнал од ниту една земја-членка која би преферирала одвојување на пакетот“, вели министерот за надворешни работи. 

Албанскиот премиер Еди Рама во изминатиот период во неколку наврати најави дека ќе побара раздвојување на Скопје и Тирана на патот кон ЕУ, доколку Северна Македонија до јуни не го реши прашањето со Бугарија. 

 

Поврзана содржина