Орбан подготвува офанзива против унгарските НВО на Сорос | Свет | DW | 24.01.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Орбан подготвува офанзива против унгарските НВО на Сорос

Владата на Орбан ги обвинува невладините организации финансирани од Сорос за нелегитимно влијание врз политичкиот живот. Граѓанските организации се подготвуваат за напад од политичарите кои некогаш на нив гледаа поинаку.

Џорџ Сорос, американско-унгарскиот милијардер, некогаш беше поздравуван како ослободител на Унгарија. Тој помогна во уривањето на комунистичкиот режим со тоа што ја снабдуваше либералната опозиција со машини за фотокопирање кои беа користени за печатење на дисидентските изданија, потоа го основаше престижниот Универзитет на централна Европа во родниот град - Будимпешта и таму го формираше центарот кој раководи со мрежата на либералните организации Отворено општество (ОСФ) кои во Унгарија финансираат повеќе од 60 невладини организации.

Како што визијата за либералното општество на унгарскиот премиер Виктор Орбан се заканува да стане глобална, во Унгарија Џорџ Сорос е прогласен за непожелна личност, а неговите идеали за „отворено општество“ се цел на напад. Во средината на јануари, пратеник од партијата на Орбан, Фидес, издвои три невладини организации финансирани од Сорос - организацијата за човекови права Хелсиншки комитет, Унгарската унија за граѓански слободи (ТАСЗ) и Транспаренси интернешнал – кои треба да бидат „избришани“. Предметот е ставен на законодавната агенда за пролет.

Минатата недела, во едно кафуле во центарот на Будимпешта, ДВ се сретна со еден вработен во Фондацијата отворено општество. Откако тој го стави својот мобилен телефон во црна „Фарадеј торба" – направа која го оневозможува набљудувањето на комуникациите преку блокирање на електромагнетските сигнали – со него разговаравме за можното влијаније на победата на Трамп врз политиките на Орбан кон невладините организации и успехот на црната пропагандна кампања против Сорос, кој отворено го поддржува населувањето на бегалците во Унгарија. Тој ни откри дека во ОСФ се разговара и за можноста од релокација на дел од организациите во помалку непријателски земји. Но, следниот ден, прес центарот на ОСФ го забрани објавувањето на неговите тврдења.

George Soros Stiftung (picture-alliance/dpa/M. Balce Ceneta)

Џорџ Сорос стана најголем непријател на унгарската влада

Наместо тоа, беше оставено на Џорџ Сорос да ги коментира плановите на унгарската влада кои тој ги нарече „многу сериозна закана“. Коментирајќи ги истите, внимателниот Сорос читаше однапред подготвена изјава, објаснувајќи: „Сакам да ги одберам моите зборови внимателно затоа што судбината на нашите стипендисти и вработени е под ризик“. Останатиот дел од интервјуто за  Блумберг маркетс кое тој го даде на маргините на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија се одвиваше слободно.

„Заканите од страна на членовите на унгарскиот парламент против унгарското цивилно општество се напад на вредностите на Европската унија и владеењето на правото, врз кои Унијата е градена низ декадите. Цивилното општество е витален компонент за демократијата и отворената дебата за јавните политики. Го посветив мојот живот и фондациите за промовирање на отвореното општество: сегашната унгарска влада се залага за спротивното“, рече Сорос. „Унгарија има придобивки од нејзиното членство во ЕУ: во тоа светло, обидот на сегашната влада да го заплаши и дискредитира цивилното општество е целосно неприфатлив“, додаде Сорос со што предизвика аплауз кај присутните.

Во меѓувреме, амбасадорот на САД во Унгарија во заминување, Колин Бел, назначена од Обама, во интервју за „Индекс.ху“ потенцираше дека „многу големи нешта“ за Унгарија биле направени од Џорџ Сорос. Како дел од неговите заложби таа ги истакна поддршката за ромската заедница и обезбедувањето на школарини за „талентираните Унгарци“. Неколку клучни политичари во партијата Фидес некогаш биле корисници на такви школарини, вклучувајќи го и самиот Орбан, што му дава едиповски пресврт на нападот против невладините организации финансирани од Сорос.

Владино мешање

Марта Пардави, ко-претседател на Хелсиншкиот комитет, организација која добива околу 30% од годишните финансии од Сорос, за ДВ изјави дека дознала од медиумите дека нејзината организација е во фокусот на владата.

„Има две страни: едната е декларација на имотот на лидерите на невладините организации. Другата е таргетирање на невладините кои добиваат голема пропорција од нивните ресурси од странски влади“, вели Пардави.

Спротивставувањето на мешањето на странските влади во внатрешните работи на Унгарија догло време беше една од главните политики на Орбан. Неодамна, премиерот изјави дека во време на администрацијата на Барак Обама, САД користеле „најсурови методи на мешање“.

Но, самиот Орбан, постави реклама на цела страница во британскиот „Дејли меил“, за поддршка на кампањата за останување во ЕУ на Велика Британија - само неколку дена пред оддржувањето на референдумот за Брегзит. Но, според портпаролот на унгарската влада Золтан Ковач ова не може да се смета за мешање на странска влада.

„Тоа беше мислење, а не конкретно мешање, затоа што не се обидувавме да влијаеме или да вмешаме политичари или цивилни групи“, изјви Ковач за ДВ. „Тоа беше јасно и одговорно владеење".

Ungarn Orban gibt Statement zum Referendum ab (Reuters/L. Balogh)

И самиот Орбан профитираше од финансирањето на Сорос

Орбан, кој беше првиот лидер кој ја поддржа кандидатурата на Трамп е среќен поради заминувањето на неговиот претходник од Белата куќа. Една од причините за тоа е референцата на Обама за односот на Унгарија кон невладините организации во говор во 2014 година. „Од Унгарија до Египет, бескрајната регулација и отвореното заплашување се повеќе го таргетираат цивилното општество“, изјави Обама во својот говор.

Во ерата на Трамп, изјави Ковач, ќе биде повлечена нова линија помеѓу „избраните политичари“ и граѓанските органицации кои „влијаат или ги креираат политиките на нелегитимен или бесправен начин. Не треба да мислите на Турција или Русија – мислете на САД“, додаде тој.

Ковач бил корисник на стипендија од Сорос за студиите на Централно европскиот универзитет.

Наоружани со транспарентност

Кога е во опозиција, Фидес редовно се вклучува во граѓански иницијативи. На пример, министерот за човекови ресурси од Фидес, Золтан Балог, протестираше против „наводните повреди на човековите права на државно ниво и примената на двојни стандарди“ во парламентот во 2009 година, соосновајќи ја невладината организација „Фридом сркл“ две години претходно. Освен тоа, Фидес редовно ги цитираше извештаите на Транспаренси Интернешнл и повикуваа државата да им додели награди на ТАСЗ и Хелсиншкиот комитет.

Во тоа време, забележува Пардави, „тие сметаа дека критичките забелешки се потпираат на факти и не се пристрасни“.

„Пред десет години беше сосема различно“, објаснува Ковач. „Хелсиншкиот комитет се обидуваше да ја работи својата работа на волонтерска база, засновано на граѓански придобивки. Во последните шест години гледаме дека граѓанските групи се вмешани во политика и тоа е проблем“, додава тој.

Хелсиншкиот комитет е една од 62-те невладини организации финансирани од норвешки грантови кои беа таргетирани од владата на Орбан во 2014 година. По проверките на нивните канцеларии, инспекциите и ревизијата на работењето, сепак не беа откриени нерегуларности.

Ungarn Parlament und Fluss Danube im Winter in Budapest (Reuters/B. Szabo)

Унгарскиот парламент во Будимпешта

Во меѓувреме, како што вели Пардави за ДВ, голем број од невладините организации кои беа на мета, формираа неформална алијанса и форум за правно застапување наречен Колоп, која подготви документ за јавна политика на 64 страници со конкретни предлози за транспарентност. Таа вели дека владата решила да го игнорира документот.

Друга невладина организација, кон која повторно се очекува да биде вперен погледот на владата е порталот за истражувачко новинарство Атлазо (Транспарентно). 

Главниот уредник, Тамас Бодоки за ДВ изјави дека доколку се соочат со напад „ќе се бранат и ќе го нападнат противникот. Ако бараат транспарентност, ајде да започнеме од нив, од парите на даночните обврзници - ние ќе ја туркаме оваа револуционерна идеја“.

Бодоки додаде: „Ние веќе сме транспарентни и ги објавуваме нашите извори на финансирање“.

„Тие имаат голем број на невладини организации и медиуми кои се стопроцентно финансирани од владата. Ние сме многу повеќе транспарентни од нивните „гонгоси“ (невладини организации финансирани од владата). Ако сакаат да ја повторат Норвешката војна, ние треба да ги искористиме нивните аргументи против нив. Моите колеги ќе состават листа од гонгоси и ќе ја објават“.

Пардави вели дека невладините организации треба да го погледнат предлогот за отстранување на невладините организации и да одредат дали е во согласност со законодавството на ЕУ и дали „има одреден вид на дискриминација во поглед на примањето на финансиски средства“, додавајќи дека е „тешко да се прекинат финансиските трансакции во ЕУ“.

DW.COM

Реклама