Орбан во Израел: цврста илиберална алијанса | Свет | DW | 20.07.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Орбан во Израел: цврста илиберална алијанса

За време на посетата на Израел унгарскиот премиер Орбан беше срдечно од колегата Нетанјаху и покрај многуте антисемитски скандали. Зад тоа стојат заеднички интереси- тие си се меѓусебно потребни на меѓународен план.

Виктор Орбан постојано пласира деснорадикални пароли. Тој се залага за етнички чиста Унгарија и за прочистена и изолирана христијанска Европа. Спроведува антисемитски кампањи и го велича како вонсериски државник некогашниот унгарски соработник на нацистите и деклариран антисемит, кој сноси одговорност за холокаустот на унгарските Евреи, Миклош Хорти. И покрај тоа, унгарскиот премиер беше пречекан како почесен гостин од својот израелски колега

Добри другари, заеднички интереси

Во средата вечер Орбан отпатува со неговата сопруга и речиси сите министри од владата на дводневна државна посета на Израел. Повеќепати вчера се сретна со Бенјамин Нетанјаху, а покрај тоа и со претседателот на држава Реувен Ривлин и рабинот Давид Лау. За разлика од други европски политичари кои го посетуваат Израел, Орбан нема да го посети главниот град на Палестина, Рамала. Парадоксален е топлиот дочек на Орбан од страна на Нетанјаху само на прв поглед. Двајцата премиери се долгогодишни пријатели и јавно го покажуваат тоа.

Повеќе:

Тие пред сѐ имаат заеднички противници и со тоа и заеднички интереси. Двајцата следат анти-ЕУ курс и берзанскиот милијардер Џорџ Сорос го прогласија за свој личен непријател и постапуваат ригорозно против невладиниот сектор.

Заеднички интереси беа во прашање и кога Бенјамин Нетанјаху пред точно една година го одведоа на тридневна посета во Будимпешта, на повеќе билатерални средби со Орбан и премиерите од вишеградската група држави, како и Унгарија, Полска, Чешка и Словачка. Беше тоа историска посета, последен пат израелски премиер беше во посета на унгарскиот главен град во 1989, уште пред крајот на диктатурата.

По нејзиниот пад, израелско-унгарските односи беа постојано оптоварени и одбележани од дипломатски скандали. Антисемитски испади и афери во посткомунистичка Унгарија имаше со сите влади, кои во Израел предизвикуваа загриженост.

Релациите останаа оптоварени и по доаѓањето на власт на Орбан во 2010-та година. Иако Орбан лично не е антисемит и за разлика од тезите за Ромите, тој немал двосмислени искази за Евреите. Но, уште при систематското чистење на унгарските факултети во 2011-12 од непожелни интелектуалци владините кампањи имаа антисемитски тон кој продолжи и во последниве години со кампањите против Сорос, кој има унгарско-еврејско потекло.

Тактичко постапување со антисемитизмот

Орбан и неговата влада дури во поново време јасносе оградија од антисемитски манифестации на деснорадикални организатори. Од друга страна пак, во партијата на Орбан, Фидес, и натаму се велича Хорти, кој ја толерирал депортацијата на 600 илјади унгарски Евреи во германските логори. Минатата година Орбан го нарече вонсериски државник, бидејќи успеал да ја одржи Унгарија по изгубената Прва Светска Војна. На унгарскиот премиер му успеа на отворениот антисемитизам да му повлече јасна црвена линија и истовремено од тактички причини да игра со класични антисемитски клишеа.

Тоа што Нетанјаху премолчува, е пред сѐ заради заедничките интереси. При посетата во Будимпешта минатата година Нетанјаху се жалеше зад затворени врати, но при и натаму пуштени микрофони, за „апсолутно лудата ЕУ", која соработката со Израел ја врзува со политички услови. Орбан од своја страна сака ЕУ да ја редуцира на економска унија и повеќето компетенции да ги префрли на националните влади.

Заеднички против курсот на ЕУ

Надежта на Нетанјаху, да ја придвижи Унгарија и другите средно и јужноевропски држави кон ублажување на критичката политика кон Израел, не е без основа. Во мај Унгарија, Романија и Чешка блокираа заклучок на ЕУ кој беше против признавањето на Ерусалим за главен на Израел.

И на темата Сорос има заеднички точки меѓу Унгарија и Израел. Милијардерот е критичар на националистичкиот-автократски пресврт во Унгарија, како и на политиката на Нетанјаху за населување, поради што Унгарија и Израел во кампањата против Сорос дури и соработуваат на чудни начини. Приватниот израелски информациски портал Блек Кјуб му помогна на унгарскиот весник Маѓар Идок во изминатите месеци за кампањата против соработници на невладините организации. Тие во весникот беа прикажани како наводни „агенти на мрежата Сорос", кои во Унгарија наводно сакале да поттикнат антидржавни немири.

Орбан и Нетанјаху имаат симпатии еден за друг и за заедничкиот конфронтирачки и делумно автократски стил на владеење и се убедени противници на либералната демократија. При посетата на Орбан на Израел изгледа продолжи тоа што Нетанјаху минатата година го почна во Будимпешта: „светла иднина за двајцата".

 

DW.COM

Реклама