Опфатот на вакцинирани во С. Македонија под светскиот и европскиот просек | Северна Македонија | DW | 26.08.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Опфатот на вакцинирани во С. Македонија под светскиот и европскиот просек

Вчера прва доза вакцина примиле 13.300 граѓани, но бројките, и на светско и на европско ниво, покажуваат дека С. Македонија далеку заостанува зад развиениот свет. 

Северна Македонија | Коронавирус | Вакцина

Вакцинацијата во Северна Македонија оди бавно.

Иако последниве денови се забележува раст на опфатот на вакцинирани во С. Македонија, бројките покажуваат дека земјата и натаму далеку заостанува зад европскиот просек. Во средата прва доза вакцина примиле 9.123 граѓани, а уште четири илјади ја примиле втората доза. Податоците покажуваат дека просекот на вакцинирани во С. Македонија е на ниво на светскиот просек. 
Според базата на британската истражувачка организација „Нашиот свет низ податоци“ (Our World in Data) на светско ниво, заклучно со 25 август, вакцинирано е вкупно 33% од населението, од нив 25% целосно со две дози, и малку над 8% со една вакцина. Но, тука треба да се земе предвид дека ова е средна вредност во која важна улога играат ниските бројки на вакцинирани на неколку континенти. Така на пример, кумулативната стапка на вакцинирани на африканскиот континент е само 4,7 проценти, од кои едвај 2,6 отсто од населението е целосно вакцинирано. Во Азија, Јужна Америка и Австралија целосно се вакцинирани меѓу 25 и 28 отсто од населението. 

Северна Македонија | Коронавирус | Вакцина

Во Северна Македонија се вакцинирани над 50% од граѓаните над 50 години


На европскиот континент целосно е вакцинирано 46% од населението, а доколку се додадат и 7% кои примиле прва доза се доаѓа до кумулативен процент од 53%. На ниво на земјите-членки на ЕУ тој процент расте до 64%. 

Бугарите и Украинците на дното 

Во регионот на Западниот Балкан најголема стапка на вакцинација има во Србија каде е имунизирано 43% од населението од кои 41 отсто целосно. Далеку под неа е Црна Гора со стапка на вакцинирани од речиси 33%. Опфатот на вакцинирани во С. Македонија е под светскиот просек и далеку зад европскиот просек. Во земјата досега едвај 24% од населението е целосно вакцинирано со две дози вакцина, а кумулативно, кога ќе се додадат и оние кои примиле само една доза достигнува 32%. Податоците за С. Македонија се заклучно со 23 август, а во изминатите два дена ревакцинирани се нови 7,5 илјади граѓани, што не влијае позначајно на статистиката. 

Infografik Corona Impfquote nach Kontinent (22.08.21) EN

Опфат на вакцинирани луѓе по континенти

Севкупно, седум европски држави имаат полоша стапка на вакцинација од С. Македонија. Тоа се соседните Бугарија, Албанија и Косово, како и БиХ, Молдавија, Украина и Романија. Апсолутни негативни рекордери во тој поглед се Украина со кумулативна стапка на вакцинирани помала од 12%, Молдавија со 14% и Бугарија со 16%. Но во поширокиот регион има и позитивни примери- во прв ред Грција каде опфатот на вакцинирани е над 57 проценти, и Турција со 55 отсто вакцинирано население. 

Младите го „уриваат“ просекот 

Во Северна Македонија процентот на вакцинирани го „урива“ ниската стапка на имунизирани млади луѓе. Според податоците на Министерството за здравство до кои дојде Дојче веле, опфатот на целосно вакцинирани на возраст од 18 до 40 години е едвај 20-ина проценти. За разлика од нив, старосната група над 50 години е подобро опфатено со над 50 проценти. 
Министерот за здравство Венко Филипче во четвртокот оцени дека вакцинацијата добро се спроведува на територијата на целата држава. Последниве недели, соочени со рестрикции во јавниот живот, граѓаните побрзаа да се вакцинираат, па и дневните просечни бројки на имунизирани се искачија на околу 10 илјади. 

Северна Македонија | Коронавирус | Вакцина

Последниве недели порасна интересот за вакцинација, особено меѓу помладите категории граѓани.


„Она што е карактеристично и интересно е тоа што во последниот период значајно расте интересот за вакцинација на помладите граѓани, особено од 18 до 40 години и сега таа бројка изнесува 170 илјади вакцинирани граѓани, што според анализите е 26 проценти од вкупно население во тие возрасни групи", вели Филипче. 

DW.COM