Опозицијата формираше ново парламентарно мнозинство со Беса | Северна Македонија | DW | 05.11.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Опозицијата формираше ново парламентарно мнозинство со Беса

Христијан Мицкоски соопшти дека новото парламентарно мнозинство го сочинуваат ВМРО-ДПМНЕ, Беса, Алтернатива, Алијанса за Албанците и Левица.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вечерва објави дека има обезбедено ново мнозинство во парламентот со Беса. Тој на Фејсбук вечерва објави фотографија од средбата со Арјанит Хоџа од Беса, Арбен Таравари од Алијансата за Албанците, претседателот на Алтернатива, Африм Гаши и Димитар Апасиев од Левица. 

„Имаме ново парламентарно мнозинство. Новата иднина доаѓа, ново време и нова надеж. Нѐ чекаат силни предизвици, свесни и благодарни за поддршката заедно ќе успееме. Македонија ќе успее! Имаме ново парламентарно мнозинство“, соопшти Мицкоски. 

Со слични реакции на социјалните мрежи се огласија и други партиски членови на ВМРО-ДПМНЕ. „Падна Владата! Најголемата победа, остварена!“, напиша Илија Димовски на социјалните мрежи. 

„Собраниско мнозинство без ДУИ и СДСМ. Честито! Секој добронамерен е добредојден“, порача и Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ. 

И претседателот на Левица, Димитар Апасиев, и генералниот секретар на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, вечерва во изјава за ТВ Клан потврдија дека има ново парламентарно мнозинство.

„Да, има ново мнозинство. Тоа е официјално. Имаме 61, со тенденција до 64“, рече Апасиев одговарајќи потврдно на прашањето дали новото парламентарно мнозинство го сочинуваат ВМРО-ДПМНЕ, Беса, Алтернатива, Алијанса за Албанците и Левица.

Пред два дена лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на прес-конференција рече дека опцијата за формирање ново парламентарно мнозинство во моментов нема да даде нова енергија, ќе предизвика нови раздори, пазарења, коишто ќе го разводнат капацитетот на институциите, коишто во наредниот период ќе треба да се соочат со енергетска криза, експанзија на пандемијата, криза во индустријата и образованието. Поради тоа тој повика на брзи предвремени парламентарни избори со кои ќе се обезбеди цврста и стабилна влада којашто ќе може да се соочи со неколкуте сериозни предизвици коишто ја чекаат државата.

Пресврт

Но, два дена потоа се случи пресврт на политичката сцена, откако Беса, одлучи да ја напушти власта по одлуката на Државната изборна комисија да има прегласување во Желино по приговори поднесени од ДУИ. Партијата, остана со тројца пратеници по локалните избори, откако лидерот Билал Касами стана градоначалник на Тетово. Касами како дел од коалицијата со СДСМ деновиве се изјаснуваше дека дава безрезервна поддршка на Владата, за која изјави дека треба да продолжи со работа. Ставот на Касами беше дека актуелното владино мнозинство треба да се зголеми и пратеници од опозицијата да се приклучат на мнозинството.

Но, по вчерашната одлука на ДИК за прегласување во Желино, почнаа најавите од членови на Беса дека ќе ја напуштат Владата. Арјанит Хоџа, кој е и актуелен министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, денеска порача дека нема да седи на иста маса во влада со министри од ДУИ и дека нема да дозволи натамошно непочитување на Беса како коалициски партнер. 

Реорганизација

Партиските прегрупирања се случуваат по оставката на премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев. По повлекувањето на партискиот лидер, престанува мандатот на целото раководство, коешто во текот на денот почна да ги најавува своите оставки. 

„Со оставката на претседателот Зоран Заев, престанува и мандатот на целото раководство. Му благодарам за укажаната доверба и можност да дадам придонес во градењето општество за сите. Останувам целосно посветена на борбата за социјалдемократските вредности“, соопшти попладнево Мила Царовска, министерката за образование и наука и потпретседателка на СДСМ. 

Претходно оставка од партиската функција поднесе и претседателот на Надзорниот одбор на СДСМ, Горан Сугарески, кој ја изгуби битката за градоначалник на Прилеп, од противкандидатот од  ВМРО-ДПМНЕ. 

Владејачката партија наскоро би требало да организира вонредни непосредни избори за наследник на Заев, откако тој ќе ја официјализира оставката на седница на Централниот одбор.Според Статутот, вонредни избори се распишуваат во рок од 15 дена од престанокот на функцијата на претседателот.

Поврзана содржина