Опозицијата тргнува во протестна „блокада на Скопје“ | Северна Македонија | DW | 01.12.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Опозицијата тргнува во протестна „блокада на Скопје“

Поради немање увид во разговорите меѓу Скопје и Софија, опозициската ВМРО-ДПМНЕ за денеска напладне повика на обединувачки и натпартиски протест.

Продолжуваат напорите да се дојде до решение за надминување на недоразбирањата меѓу Софија и Скопје, неофицијално потврдуваат за ДВ извори од македонската влада, но без дополнителни детали околу шансите за успех на тој процес. Потврда дека процесот продолжува, но дека не е лесен, синоќа дојде и од германската канцеларка Анегела Меркел. Како што објави ДВ, во видео-конференција со европските парламентарци, таа изјави: „Се соочуваме со потешкотии да овозможиме одржување на меѓувладината конференција со Северна Македонија“. Одговарајќи на прашање на пратениците, рече дека се надева оти Северна Македонија ќе ги започне преговорите годинава.

Но, за што се разговара? Тоа е главното прашање што го поставува најголемата опозициска партија, која вчера попладнето му постави и ултиматум на премиерот Заев.

„Го повикуваме премиерот во заминување Зоран Заев јавно да објави пред македонската јавност за што точно тајно се преговара во Софија овие денови? Заев во интервју за бугарски медиум соопшти скандалозни тези ретуширајќи ја историјата, нашите придобивки од антифашистичката борба, удирајќи по темелите на современата Македонска држава. Дали искажаните позиции за кој не се извини сега се на маса за пазарење со Бугарија? Доколку Заев јавно не излезе до вечер (30.11. - н.з.) за што точно преговара и од што точно се откажува, ВМРО-ДПМНЕ во текот на утрешниот ден ќе организира блокади на Владата и Министерството за надворешни работи“, соопшти партијата.

Мицкоски повика на протест

Потврдата дека денеска ќе има протестна „блокада на Скопје“ синоќа стигна преку видео-обраќање на партискиот претседател Христијан Мицкоски.

„Само политички аматер може да потпише договор во кој критериум за напредокот на Македонија и нејзината интеграција во рамките на ЕУ ќе бидат лингвистичките проблеми и проблемите со историјата. Само политички аматер може во една таква подредена состојба да ја донесе сопствената држава, сопствениот народ и сопствената нација“, обвини Мицкоски.

Повеќе:

-„Викенд на мртовци“ во Македонија

-Софија бара реакција против „групата за плукање“

-Мицкоски загрижен за македонскиот идентитет во преговорите со Бугарија

Тој упати апел за масовно присуство на денешниот протест пред Владата и МНР од 12 и 30 до 14 часот, кој го најави како натпартиски и обединувачки. Притоа упати и порака до политичарите.

„Немојте да се дрзнете да го чепкате македонскиот идентитет, македонскиот јазик, посебност, македонската историја, традиција, обичаи. Немојте да се дрзнете и да помислите и да се откажете од македонското малцинство кај нашиот источен сосед затоа што таа хартија која што вие ќе ја потпишете е безвредна. Следната Влада која што ќе биде Влада на единство, истото тоа парче хартија нема намера да го почитува“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Од владејачката СДСМ одговорија дека „граѓаните знаат кој им штети на државните и национални интереси и затоа ДПМНЕ и Мицкоски уште долго ќе бидат во опозиција".

„Се што е назадно и уништувачки е белег на Мицкоски. Колку и да е хистеричен Мицкоски не може да ги блокира реформите и европскиот пат на земјата", беше наведено во соопштението од СДСМ.

ВМРО-ДПМНЕ синоќа повторно излезе на протести, кои овој пат се одржаа во 11 градови - Крива Паланка, Кратово, Свети Николе, Неготино, Струмица, Гевгелија, Струга, Крушево, Кичево, Македонски Брод и Гостивар, на кои главните критики беа насочени кон премиерот Заев, со обвинувања дека „за пазарење со македонскиот идентитет".

„Наместо ветувањата на Заев дека ќе ја однесе државата во европски Париз, тој заглави во бугарскиот Пазарџик, на сметка на пазарењето со националното достоинство на Македонците“, изјави на протестот во Кичево, Антонијо Милошоски, член на Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Како што соопшти партијата, синоќа „учесниците на протестот во одделни обраќања побарале веднаш да прекинат преговорите со Бугарија, а членовите на меѓудржавната комисија за историски прашања да поднесат оставки".

Лидерска средба -да или не?

ВМРО-ДПМНЕ и во изминатиот период бараше увид во разговорите со Бугарија, односно одржување лидерска средба на која ќе се забетонираат позициите за заштита на македонскиот јазик и идентитет, и ќе бидат потврдени со резолуција на Собранието. За лидерска средба се залага и Африм Гаши, претседател на Алтернатива. Тој во синоќешното гостување на ТВ „21“ посочи дека и како Албанци, и како политичка партија, целосно ги поддржуваат Македонците во делот на заштита на нивниот идентитет, јазик и култура.

„Затоа се спремни да помогнат. Но, кога веќе власта не побарала никаква помош од нас, тоа го сметаме дека не сакаат да не вклучат во овој процес“, изјави Гаши.

Тој посочи дека власта воопшто не ги консултирала околу спорот со Бугарија, и побара да се организира лидерска средба.

Претседателот на државата Стево Пендаровски, во интервју за ДВ минатата недела изјави дека не гледа потреба од лидерска средба.

„Иако под мое раководство беа одржани повеќе т.н. лидерски средби, мојот став е дека таквиот вонинституционален формат на средби, во принцип, не треба да биде форсиран затоа што, на тој начин, всушност, се нуди супститут на институциите за кои е неспорно дека со јулските избори добија полн легалитет и легитимитет. За прашањата пак поврзани со последниот македонско-бугарски спор, не гледам апсолутно никаква потреба од лидерска средба, дури, по мое мислење нема потреба ниту од посебна седница на парламентот затоа што ниту еден политички субјект не го спори идентитетот на македонскиот народ и јазик. За мене е несериозно во 2020 година, сите релевантни политички партии и политичари да се собереме и свечено да потпишеме дека сме Македонци кои зборуваат македонски јазик!? Тезата дека Бугарите тоа го направиле и дека ние треба да го следиме нивниот пример е без основа, затоа што Бугарите имаа посебна причина преку парламентарна декларација да дојдат до политички консензус, со оглед дека барањата кои ги истакнаа во неа беа сосема нови и не беа воопшто третирани во Договорот за добрососедство“, образложи претседателот.

 

 

Поврзана содржина