Операција Спутник: Путин и здравствената Студена војна | Свет | DW | 14.08.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Операција Спутник: Путин и здравствената Студена војна

Вселената беше најпрестижниот театар на борба за време на Првата Студена војна. Вакцината за коронавирусот е театарот на Втората Студена војна. Пишува Ивор Мицковски

Спутник! Тоа е името на наводно првата вакцина против Ковид 19, произведена од страна на рускиот Национален истражувачки центар за епидемиологија и микробиологија „Гамалеј“.

Спутник е име кое ги издава руските намери. Именувањето на вакцината по името на сателитот кој во 1957 година ги понижи Американците и Западот, ја издава намерата на Путин да му се реваншира на Западот и на непријателот Америка. Мора да се биде прв во оваа трка, исто како и во „трката за Вселената“ кога пред 63 години СССР триумфираше со лансирање во орбитата на алуминиумската топка од половина метар.

Тогаш Америка ќе полуди од бес, бидејќи ќе сфати дека СССР е во состојба да лансира своја нуклеарна бомба било каде во светот, надминувајќи ја способноста на американските бомбардери и мисили. На САД ќе им требаат само 4 месеци да го направат истото. Потоа со Јуриј Гагарин во 1961. Советите пак ќе триумфираат. Сепак, во трката кон Месечината, на крај евентуално ќе победи Америка.

Да се победи Западот

Денес гледаме дека целта е иста како од пред 60 години: да се победи Западот, Европа, САД, па дури и Кина, да се потврди супериорноста на Русија на Путин како еден вид на реинкарнација на СССР, и повторно да се постави на мапата како светска сила од прв ранг, иако во последните години беше сведена на регионална сила.

Разликата е во тоа што Спутник – сателитот, беше вистински и реален. Сите, дури и најобичните радиоаматери можеа да го верификуваат и потврдат постоењето на сателитот, затоа што емитираше радио бранови. Вакцината на Путин од друга страна, останува мистерија за научниците, кои искажуваат сериозни сомнежи за брзината со која беше произведена, недостатокот од масовни тестирања, до самиот факт дека се нема никакви податоци околу имунолошките карактеристики, нус ефектите, колку воопшто долго трае имунизацијата. Со други зборови, Спутник – вакцината исфрлена вака набрзина наликува на авион кој се гради додека лета во воздух. Според експертите Русија не споделила податоци, оттука е тешко да се даде научен суд за вакцината, но тоа што со сигурност може да се каже, е дека науката не функционира на овој начин.

Други колумни од авторот:

До следниот пат, мој драг Бејрут

Стариот континент е спасен, сега е време за нова Европа

Изборите се претворија во канибалистичка церемонија

Германското претседателство и македонските преговори со ЕУ

Но, здравствените сомнежи околу вакцината ќе им ги оставиме на епидемиолозите и научниците, ние тука ќе се побавиме со политичките и геополитичките аспекти, секако и со економско-финанските, во оваа нова здравствена Студена војна и нова трка меѓу светските сили.

Вселената беше најпрестижниот театар на борба за време на Првата Студена војна. Вакцината за коронавирусот е театарот на Втората Студена војна, за која мислевме дека ќе се одвива единствено и ексклузивно помеѓу САД и Кина, помеѓу Трамп и Џипинг. Но, очигледно никогаш не треба да се потцени стариот волк Путин, искован во КГБ и исчеличен низ бурните години на владеењето на Елцин.

Уште од најавата за откритието на вакцината кое ни го соопшти Путин во телевизиска врска со своите министри, можеше да се насети духот на драматичност полн драматуршки паузи како од времето кога Радио Москва објави за лансирањето на Спутник 1.

„Внимание, внимание, говорит Москва“. И тука тонот на пораката ја следи својата историска парабола, уште од времето на Големата патриотска војна, името со кое Русите ја нарекуваат Втората светска војна, и начинот на кој беа најавувани говорите на Сталин, Таткото на Нацијата.

Повеќе од откритието на вакцината, тоа што му се соопшти на светот е дека Русија ја победи и претрка Америка, Кина, Индија, европските земји, сите што се во трка за вакцината. Тоа е потврда дека овој натпревар ја доби својата стратешка и геополитичка димензија, каде Москва со цел да победи ги користеше своите војници за живи експерименти. Една од ќерките пак на Путин, е меѓу првите цивили кои наводно примиле доза од вакцината.

Како науката мутира во политика

Оваа воено-фамилијарна компактност, целата Спутник пропаганда многу кажува за еден од аспектите на руската операција за повраќање на кредибилитетот на Путин: да се повика на национализмот, да се зацементира политичкиот консензус преку билдање на националната гордост. Да се направи аналогија и континуитет со поранешните успеси на советската воена сила и наука.

Не е случајно дека најголеми ентузијасти за руската вакцина се некои од автократите и диктаторите низ светот. Филипинскиот претседател Дутерте најави дека Русија му ветила бесплатни вакцини и дека тој првиот ќе ја вбризгал штом ќе пристигнела. Тука сме сведоци како науката мутира во политика, и дека ова наводно научно откритие, соопштено од Путин кој штотуку доби доживотен мандат замаскиран преку уставна реформа, наидува на ентузијазам и признание не од светските научници, туку од некои од најлошите и најопасните политички фигури во светот.

Тука гледаме како вирусот ја доби својата политичка димензија, и дури стана еден вид на раскрсница помеѓу демократиите и диктатурите. Најголемите негационисти на вирусот и пандемијата беа токму светските диктатори или автократски лидери замаскирани зад нелибералната демократија. Самиот Путин на почетокот ја негираше и потценуваше пандемијата, за потоа да ја увиди политички-економската вредност во трката за вакцината. Истата шема на однесување можевме да ја видиме и кај Болсонаро, Лукашенко, Дутерте, Орбан, Вучиќ. Дури ни лидерот на светската демократија предводена од Трамп не беше имуна на сличен начин на резонирање, нешто што сега делува како надминато.

Економски аспект

Се разбира дека целата операција Спутник мора да се гледа и од економско-финансиски аспект. Целокупниот бизнис со вакцини до 2027. година, на годишно ниво е проценет на околу 62 милијарди долари. Целата иднина на глобалниот капитализам и бизнис зависи од постоењето или не на ефикасна вакцина. Русија тврди дека веќе примила нарачки од 20 нации, вклучувајќи ги и богатите клиенти од Персискиот Залив, подготвени да купат преку милијарда дози. Путин има неодложлива потреба да ги закрепне своите потчинети, а за тоа нема да бидат доволни пропагандата и националната гордост. Минималната цена на нафтата ја уништува руската економија. Рубљата удри во дното и не престанува да се обезвреднува: се менуваа 23 рубљи за 1 евро во 2000 година, денес се потребни 85. БДП на Русија, кој денес е понизок од тој на една Италија, како последица на пандемијата се намали за дополнителни 10 проценти.

Оттука, во недостакот на прилив од енергенсите, прилив од фармакологијата би значело сериозно полнење на државната каса за Москва. Руската „Гамалеј“ беше национализирана од страна на Путин, но во другите земји зад универзитетските лаборатории стојат големите мултинационални фармаколошки компании, чија судбина на берзите многу би зависела од евентуална победа во трката за вакцината. Потоа, тука се државните тендери, кои ќе ја одредат среќата или пропаста на многу компании. Во услови на антиглобалистичка фаза, улогата на големите национални фармаколошки индустрии, кога секоја држава воглавно бара автархични решенија, само додава уште поголем патос и драма во националистичката трка за вакцината.

Конечно, тука е влијанието врз економијата како целина, било национална или глобална. Доколку се дојде до ефикасна вакцина или вакцини, тоа би значело за многу земји рестартирање на цели индустриски и производни сектори. Благосостојбата на цели држави, изборните судбини на многу лидери, ќе зависат од тоа дали до крајот на 2020 година ќе се пронајде и примени ефикасна вакцина. Сите овие аспекти не приморуваат цената на вакцината и влогот во трката да ги гледаме од поинаква призма.

Russland Moskau | Nach der Abstimmung über Verfassungsänderung: Wladimir Putin (Reuters/Kremlin)

Вакцината Спутник- престижен проект на Владимир Путин

Само за пример, секој изгубен процент БДП на Америка вреди околу 220 милијарди евра. А само во едно тромесечје, БДП на САД падна за 10 проценти. Оттука не зачудува како речиси секоја земја, а меѓу нив прва Русија, нема да се воздржи да ги употреби сите средства, дури и војската и тајните служби во трката за вакцината. Во САД една од најголемите федерални институции која издава средства за истражување на вакцина е под крило на Пентагон. Кинескиот конзулат во Хјустон беше затворен како последица на обвинение дека кинеските дипломати ги шпиунирале американските компании кои се бават со истражување на вирусот. Се разбира дека тука не може да изостане Москва. САД, Велика Британија и Канада уште пред неколку месеци обвинија дека руски хакери украле тајни поврзани со истражување на вирусот.

Видовме дека во оваа стратешка, геополитичка, политичко-економска трка и нова форма на Студена војна улога играат најразлични аспекти и дека трката не е само здравствена, туку пред се политичка и пропагандистичка, и дека од нејзиниот исход ќе зависи и светската демократија, како и иднината на капиталистичката економија.

Како и секој предизвик, а можеби и пораз во трката, за кој денес се уште немаме доволно податоци и докази дека Русија е победникот, постојат и позитивни аспекти, и трката најчесто е многу подолга од тоа што на прва наликува. Западот кој делува како импонентен и поразен во првата рунда, сепак има едно оружје плус во оваа борба.

Тука повторно ќе се повикам на врската меѓу науката и политиката. Како што во Првата Студена војна, Западот кој каскаше зад СССР, сепак на крајот успеа да ги надмине и победи Советите во трката за вселената, така и овој пат, истата судбина би можела да се случи во трката за вакцината. Но, овој пат, не во името на идеологијата или борбата против комунизмот, туку во име на доброто владеење, демократијата и науката.

Западот не може и нема да си дозволи без научен кредибилитет и сериозни испитувања и тестирања да извади вакцина на пазарот, како што направи Русија на Путин. Чија вакцина ќе биде поефикасна и подобра, ќе кажат науката и докторите, но тоа што веќе е јасно, е дека здравствената Студена војна, со сите свои политичко-економски импликации штотуку е почната и нема брзо да заврши.

Победникот е далеку од одлучен, што и да Говорит Москва.

Поврзана содржина

Реклама