Опасната изборна победа на Имран Кан | Свет | DW | 27.07.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Опасната изборна победа на Имран Кан

Имран Кан, популистот и поранешен врвен играч на крикет, веројатно ќе биде следниот премиер на Пакистан. Последните избори ја поделија земјата како никогаш досега, смета Шамил Шамс.

Имран Кан, поранешната крикет ѕвезда, веројатно ќе стане нов премиер а Пакистан. По првпат во историјата на оваа земја, еден популист од Пенџаб се соочува со генералите. Долго не беше сигурно дали овие избори воопшто ќе се одржат, бидејќи главниот ривал на Кан, поранешниот премиер Наваз Шариф, се „скара“ со моќната војска во земјата. 

Шариф, кој во моментов е во притвор поради обвинувања за корупција заедно со неговата ќерка Маријам, за време на својот мандат беше сѐ поостар кон војската. Се обиде внатрешната и надворешната политика да ја доведе под цивилна контрола и да ги подобри односите со Индија и другите соседни земји. Тој, исто така, ѝ се спротистави на војската и кога стануваше збор за милитантните исламисти во земјата. На меѓународен план, Пакистан го обвинуваат дека ги користи екстремистите да ја дестабилизира авганистанската влада.

Со отсуството на Шариф од политичката сцена се чинеше дека патот на Кан ќе помине без пречки. Меѓутоа враќањето на Шариф од Лондон само две недели пред изборите, разбуди надеж кај неговата партија дела ќе може да ја победи популистичката партија на Кан- иако Шариф беше уапсен по пристигнувањето на аеродромот во Исламабад.  Но првите неофицијални резултати од гласањето покажуваат дека долгогодишниот сон на Имран Кан се остварува и оти тој ќе стане премиер на Пакистан.

Ова не се добри вести

Последиците од таа победа би можеле да бидат опасни за Пакистан, бидејќи победата е контроверзна. Спроти изборите имаше извештаи за заплашување на гласачите и силна цензура. Неколку партии веќе најавија протест поради „бројните неправилности“ во изборниот процес.

Shams Shamil Kommentarbild App

Шамил Шамс, автор на коментарот

Притоа на веќе поларизираната земја итно ѝ е потребно сеопфатно помирување, особено поради огромните безбедносни проблеми. Во бомбашкиот напад на т.н. „Исламска држава“ во Квета на денот на изборите загинаа 30 луѓе. „Исламска држава“ на почетокот на јули во провинцијата Балуџистан го изврши еден од најсмртоносните напади во историјата на Пакистан. 

Тоа не се добри вести за земјата која се бори со акутен недостаток на вода, катастрофално снабдување со електрична енергија, висока невработеност и растечка инфлација. Тоа исто така значи дека сѐ поголем број луѓе губи доверба во парламентарната демократија и се врти кон забранетите исламистички групи.

Подготвеност за промени

Имран Кан повеќепати стави до знаење дека тој не е човекот кој би иницирал процес на политичко помирување. Тој ќе продолжи да зазема агресивен став кон своите политички противници и со тоа уште повеќе ќе ја поларизира земјата. Кан веројатно и дополнително ќе ја заостри својата реторика кон Западот: Тој повеќепати го обвинуваше Вашингтон поради „хаосот“ во Авганистан и ги оправдуваше акциите на талибанците. 

Организацијата  „Financial Action Task Force" (ФАТФ) во рамките на ОЕЦД во Париз, неодамна го стави Пакистан на „сивата листа“ на земји кои се одговорни за финансирање на терористички активности. Во септември Пакистан би можел да се најде дури и на „црната листа“, што за пакистанската економија би било катастрофално. Прашање е дали Имран Кан ќе може или ќе сака тука нешто да се промени.

Притоа Пакистан не може да остане на својот пат на меѓународна изолација. Меѓународната заедница и натаму ќе бара поголема отвореност, поголема соработка, поголема слобода на говорот и повеќе демократија. Имран Кан ќе мора да работи на тоа, да ја ублажи својата реторика, да придвижи политичко помирување, да ги подобри односите не само со Кина, туку и со САД, и да воспостави уставен суверенитет над националните институции. Пакистан не може да си го дозволи неговиот популистички авантуризам.

 

DW.COM

Реклама