Опасен судир меѓу Франција и Италија | Свет | DW | 08.02.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Опасен судир меѓу Франција и Италија

Неверојатно е како популистите во Рим го кршат политичкиот порцелан и го загрозуваат единството во ЕУ. Кавгата со Франција ескалира. Тоа не смее да се дозволи да продолжи, смета Бернд Ригерт.

Italien Innenminister Salvini (picture-alliance/Photoshot)

Матео Салвини

На францускиот претседател Емануел Макрон му преседна од постојаните провокации на популистите во Италија. Долго молчеше, но сега одлучи да го повлече својот амбасадор од Рим. Објаснувањето на Елисејската палата за оваа дипломатска казна, која не смееше да се случи меѓу две земји-членки на ЕУ, е остро. Главната порака: Односите меѓу владите во Париз и Рим се најлоши од крајот на Втората светска војна.

Реакцијата на популистичките блефери беше очекувана: тие му се потсмеваат на „Наполеон“ или на „лудиот љубител на шампањ“. Макрон нуди одлична база за напади во актуелната кампања за регионалните избори во Италија и за изборите за Европскиот парламент во мај. Лидерите на Движењето Пет ѕвезди и на десноекстремната „Лига“, Луиџи ди Мајо и Матео Салвини во либералниот поддржувач на ЕУ, Макрон, пронајдоа идеален противник. Макрон влезе во оваа игра, затоа што друго и не можеше откако Ди Мајо и Салвини почнаа отворено да флертуваат со неговите противници во Франција - „жолтите елеци“ и деснопопулистичката партија на Марин Ле Пен.

Целно провоцирање емоции

Популистите во Рим го прават она што го прават популистите: им раскажуваат бајки на луѓето, будат емоции, шират лажни обвинувања и омраза. Овие апсурдни обвинувања против Франција општо, и против Макрон конкретно наоѓаат на плодно тло во Италија. Уште пред промената на владите во Рим и Париз многу Италијанци се чувствуваа потчинети на арогантните Французи. Веќе долго време опстојува бесмислената теза дека ЕУ го поддржува големиот брат на Западот, а на сметка на тоа ги притиска Италијанците поради нивните државни долгови.

Riegert Bernd Kommentarbild App

Бернд Ригерт

Не е изненадување тоа што сега Ди Мајо и Салвини во Италија водат кампања еден против друг, а во истовреме се натпреваруваат кој повеќе ќе ја навреди Франција. Но депримирачки е колку се успешни популистите со своите отровни тонови: Околу 60 отсто од италијанските гласачи ја следат нивната заводлива музика. Претседателот Макрон, од друга страна, во својата земја е се послаб: Поддршката за него опаѓа, неговиот реформски курс е заглавен, а сега уште е во кавга и со партнерот Германија поради гасоводот Северен тек 2.
Почит и умереност не може да се очекуваат од политичките хазардери во Рим. Ним им е сеедно за штетата која на среден рок им ја предизвикуваат на француско-италијанските односи. Предупредувањата од претприемачите дека со ова им се прави голема штета на економските односи, се игнорираат. Италија е високо задолжена во Франција. Постојат огромен број заеднички инвестиции. Во авиокомпанијата Алиталија, во бродоградилишта, во транспортни проекти, во телекомуникациите и енергетиката... Дали сето тоа сега треба да се стави на коцка?

Ангела Меркел како медијатор?

Начинот на кој двете влади комуницираат меѓу себе не е достоен за две членки на ЕУ. Германската канцеларка би можела да се понуди како медијатор. Таа досега ги одмолчуваше критиките на популистите во Рим. Нејзиниот министер за внатрешни работи Хорст Зехофер во однос на миграциската политика веќе легна во истиот политички кревет со десниот националист Салвини. Стравувањето е дека пред европските избори нема да сакаат да го решат вештачки наметнатиот спор. Тој е премногу погоден како изборна муниција: Тоа е дуел на националистите против прогресивните.

За ЕУ, која е насочена кон компромис и косензус, оваа поларизација е отров. Државите мора да соработуваат, а не да се затвораат во своите национални лушпи. Што треба да се случи по повлекувањето на амбасадорите? Прекин на дипломатските односи? Мобилизација? Декларација на војна? Секако не! Матео Салвини и Емануел Макрон треба да се соочат на ТВ-дуел и да им ги презентираат на граѓаните своите дијаметрално спротивставени позиции.

DW.COM

Реклама