ОН ги осудија нападите на цркви во Египет | Свет | DW | 10.04.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

ОН ги осудија нападите на цркви во Египет

По нападите врз коптски цркви во Египет, претседателот Абдел ал-Сиси најави тримесечна вонредна состојба во земјата. ОН остро ги осудија нападите, за кои одговорност презеде Исламска држава.

Претседателот Абделфатах ал-Сиси изјави дека воведувањето вонредна состојба е нужно „заради заштита на земјата“. Тој планира и формирање ново тело - Совет за борба против тероризмот и екстремизмот, но без да наведува детали.

Во два бомбашки напади врз цркви во Тантра и во Александрија вчера беа убиени околу 50 луѓе, а преку сто се ранети.

Советот за безбедност на ОН остро ги осуди атентатите како одвратни терористички акти. Нападите како овие во Египет се сериозна закана за светскиот мир и за меѓународната безбедност, стои во изјавата од Њујорк. Советот повика извршителите и инспираторите на делото да бидат повикани на одговорност.

Во нападот во Тантра беа убиени најмалку 27 верници, како што јавуваат египетските медиуми, повикувајќи се на извори од здравствените служби. Во Александрија атентаторот-самоубиец убил 18 цивили и четворица полицајци пред коптско-православната црква Свети Марко. Според медиумите, во моментот на извршувањето на нападот, коптскиот верски поглавар Тавадрос Втори држел миса во катедралата, но останал неповреден.

Коптската црква соопшти: „Се молиме на Господ за заздравување на ранетите и Египет и неговите граѓани да бидат поштедени од натамошни напади и омраза“.

Одговорноста за двата напади ја презеде терористичката милиција Исламска држава. Тие се случуваат седум дена пред најголемиот христијански празник Велигден и неколку недели пред планираната посета на папата Франциско на Египет. Папата им изрази сочувство на Коптите и на египетскиот народ.

 

Реклама