Омикрон зема сѐ поголем замав - како правилно да се самотестирате | Северна Македонија | DW | 12.01.2022
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Омикрон зема сѐ поголем замав - како правилно да се самотестирате

Расте притисокот врз здравствениот систем - амбулантите се преполни со пациенти, до термини за тестирање се доаѓа сѐ потешко, па многумина се одлучуваат да се самотестираат со брзи тестови

Новиот сој Омикрон зема сѐ поголем замав во Северна Македонија. За една недела, според извештајот на Институтот за јавно здравје, за 3,1 отсто е зголемен бројот на новозаболени во однос на минатата недела, додека пак за седум пати е зголемен бројот на реинфекции со коронавирусот во земјата. Комисијата за заразни болести деновиве се очекува да донесе одлука околу можноста за скратување на времето на изолација на позитивните асимптоматски случаи на ковид. Во меѓувреме расте притисокот врз здравствениот систем - амбулантите се преполни со пациенти, до термини за тестирање се доаѓа сѐ потешко, па многумина се одлучуваат да се самотестираат со брзи тестови. Лекарите советуваат внимателно да се изврши тестирањето за да се добие валиден резултат. 

Nordmazedonien Skopje | Test auf Coronavirus

Кога се самотестирате со брз тест со брис од нос, со истото стапче прво земете примерок од грлото, со што значително се намалува бројот на лажно негативни тестови.

„Кога се самотестирате со брз тест со брис од нос, со истото стапче прво земете примерок од грлото, со што значително се намалува бројот на лажно негативни тестови“, советува д-р Ненад Лазаров. Според него, сензитивноста на брис од грло заедно со нос кај Омикрон е очигледно поголема во првите денови од инфекцијата.

Новиот сој го има во 12 градови

Новиот сој Омикрон е детектиран во 12 градови и тоа во Скопје – 48, Охрид – 27, Кочани – 7, Тетово – 6, Велес – 5, Пехчево, Штип, Гевгелија, Кавадарци по 2 и Виница, Неготино, Битола по 1 заразен.

Министерството за здравство соопшти дека Омикрон варијантата била детектирана во 68% од секвенционираните примероци направени во лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика на Институтот за јавно здравје. Во периодот од 5 до 10 јануари од 152 позитивни примероци, 104 биле со Омикрон варијантата. Анализите покажуваат и дека последната недела за 51% е зголемен бројот на нови случаи со Ковид-19. Најголем број од заразените се лица на возраст од 30-39 години. 

Според извештаите од болниците, моментално на територија на Северна Македонија хоспитализирани се 351 лице што е 41% повеќе во споредба со претходна недела, а зголемен е и бројот на дневни прегледи во инфективните одделенија низ болниците. Според епидемиолошките анкети, најголем дел од пациентите имале контакт со позитивен случај три дена пред почетокот на симптомите или добивањето на позитивен резултат.

Полемики околу наставата

Брзото ширење на вирусот, кој сѐ почесто ги напаѓа помладите, предизвика загриженост кај дел од родителите кои бараат наставата да се одржува онлајн во второто полугодие од учебната година, кое што треба да започне на 20 јануари. Во јавноста има бројни полемики околу темата. 

Епидемиологот Драган Даниловски вели дека треба да се почека да заврши распустот. Ако болниците нагло се полнат и се заканува нивно преоптоварување, тој советува да се воведат краткотрајни рестриктивни мерки, во кои спаѓа и продолжување на распустот за две-три недели. Претставници на Движењето „Поддршка за онлајн настава“ пред Владата побараа наставниот процес во второто полугодие да почне онлајн, поради зголемениот број на заразени. Ана Глигорова, рече дека досега во училиштата не се почитувале протоколите за заштита на учениците.

Deutschland | Omikron Covid-19 Variante | Schulunterricht

Брзото ширење на вирусот, кој се почесто ги напаѓа помладите, предизвика загриженост кај дел од родителите кои бараат наставата да се одржува онлајн.

Но, лекарот и професор по медицина, Нико Беќаровски, смета дека за децата Омикрон е обична вироза, какви што има секоја зима.  „Местото на децата е во училишните клупи, а на неработниците вон образованието. Единствено може почетокот да се одложи до понеделник, 24 јануари“, порача Беќаровски.

-повеќе на темата: Симптоми на Омикрон: Што знаеме досега за болеста од новиот сој

Комисијата за заразни болести одлука дали ќе се пролонгира зисмкиот распуст ќе донесе пред почетокот на второто полугодие од учебната година, во зависност од епидемиолошката состојба во државата. Одлуката за почетокот на второто полугодие од учебната година ќе биде усогласена и со Министерството за образование и наука.

Во земјата има 12.333 активни случаи со Ковид-19. Вкупниот број на инфицирани од почетокот на епидемијата достигна 236.241. Според вчерашната статистика, од направени 7.724 тестови, регистрирани се 1.964 нови случаи со ковид. 

Според Светската здравствена организација (СЗО), над половината од луѓето во Европа до март би можеле да бидат заразени со новиот сој на коронавирусот – Омикрон.

 

DW.COM