Омбудсманот и извршителите во судир поради поплаките на граѓаните | Македонија | DW | 15.08.2015
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Омбудсманот и извршителите во судир поради поплаките на граѓаните

Народниот правобранител констатира растечки број на жалби на граѓаните поради постапките на извршителите. Досега во оваа 2015 година, 162 граѓани се пожалиле на извршителите кај омбудсманот.

„Пред три месеци наместо пари да земам во банката, пари мене ми беа одземени од социјалната помош, која досега ја примав. Во банката само ми одговорија дека ми е блокирана трансакциската сметка. Дополнително разбрав дека, поради заостанат долг кон комунално претпријатие од околу 5 илјади денари, еден извршител издал налог за извршување, со што ја блокирал мојата трансакциска сметка, на која ми се префрла социјалната помош. Кон вкупното побарување извршителот додал околу 10 илјади денари на име на свои трошоци. Јас ќе докажувам дека таа комунална сметка е неоснована и оти е стара повеќе од три години, а извршителот го прашав дали навистина не знае дека нема право да посегнува по мојата социјална помош.“, ни изјави една граѓанка на Тетово. Ова е само еден од повеќето примери на граѓани, кои се жалат зачестено на постапувањата на извршителите, тврдејќи дури и дека ним незаконито им се одземаат парите од трансакциските сметки во банките. Жител од Гостивар (насловна фотографија) за ДВ изнесе свое тврдење дека извршител ја блокирал трансакциската сметка во банка, преку која неговата ќерка како хронично заболено лице прима посебен социјален додаток, исто така спротивно на одредбите од Законот за извршување. Вакви, или слични случаи, има се повеќе во Македонија и голем број од тие граѓани побарале помош од народниот правобранител.

Критики во извештајот на омбудсманот

Во својот извештај за работењето во 2014 година, кој Собранието на РМ го има усвоено кон крајот на годинашниов јуни, народниот правобранител Иџет Мемети констатираше: „И натаму се зголемува бројот на претставки на граѓаните кои се жалат на работата на извршителите, односно на неправилности во постапките на извршување. Во најголем број случаи, како доверители во постапките на извршување, се појавуваат јавните претпријатија, акционерските друштва со државен капитал и телефонските оператори, кои бараат наплата на долговите од граѓаните за дадени комунални, телекомуникациски и други услуги. Должниците во постапките на извршување често наведуваа дека не биле известени за постоењето на долгот, се повикуваа на застареност, а во некои случаи наведуваа дека во налозите за извршување се опфатени побарувања кои биле исплатени. Извршителите во голем број случаи не ги доставуваа налозите за извршување до должниците и граѓаните за постоењето на побарувањето и за фактот дека против нив се покренува постапка за извршување дознаваа при обидот да подигнат пари од трансакциските сметки.“

Остри реакции

Македонскиот омбудсман ги има изнесено во својот извештај и следниве согледувања од праксата: „Загрижува бројот на претставките во кои граѓаните се жалеа на спроведување на присилно извршување врз примања стекнати по основа на социјална помош, законска издршка или привремена невработеност, кои со законот за извршување се изземени од присилна наплата. Граѓаните наведуваа дека иако до извршителите доставиле докази дека се корисници на помош, извршувањето од овие средства продолжува и покрај фактот што законот за извршување пропишува забрана за извршување врз овие примања. Дел од граѓаните доставија претставки во кои наведоа дека извршителите не ги почитуваат законските ограничувања, извршувањето да се спроведува најмногу до една третина од месечните примања по основ на плата или пензија на должникот. Неколку извршители спрема ист должник во приближно ист временски период издале налог за извршување со задршка од една третина од платата или пензијата. Ваквите состојби настанаа како резултат на тоа што извршителите немаат база на податоци од која ќе се информираат дали спрема некој од должниците, друг извршител има покренато постапка за извршување и дали врз основа на друг налог за извршување му се запира дел од пензијата или платата.“

Ваквите констатации на правобранителот Мемети пред неколку месеци веќе предизвикаа остри реакции од страна на извршителите и нивната комора. Зоран Петрески, претседател на таа комора, во својата изјава за ДВ напоменува: „Ваквите изјави и констатации на народниот правобранител се груби невистини. Објавивме демант, во кој потенциравме: ’Согласно со законот за извршување, корисниците на социјална помош се иземени од извршување и по доставување потврда за примање на постојана социјална помош се запира извршувањето. Ако на должникот му е блокирана сметката, или ако се повлечени средства, тогаш тие му се враќаат и сметката се деблокира. Ако граѓанинот донесе потврда дека средствата на блокираната сметка се од плата, сметката ќе му биде деблокирана и ќе му бидат вратени две третини од средствата. Ако граѓанинот веќе има блокада на една третина од плата, ќе му бидат вратени сите средства.' Извршителот постапува исклучиво врз основа на барање за извршување, според строго утврдени законски правила, а не по сопствено наоѓање.“

Сепак, и во првата половина на 2015 продолжува доставувањето претставки од страна на граѓаните кои се однесуваат на работата на извршителите, односно на неправилности во постапките на извршување. Од канцеларијата на народниот правобранител за ДВ информираат: „Од почетокот на 2015 година за работата на извршителите доставени се 162 претставки на граѓани. Констатирана е истата состојба во однос на присилното извршување од средствата на граѓаните, особено на средствата кои ги остваруваат врз основа на социјална помош. Минатата и оваа година значителен број граѓани во своите претставки наведуваа дека иако до извршителите доставуваа докази дека се корисници на помош, извршувањето од овие средстава продолжува и покрај фактот што законот за извршување пропишува забрана за нивно зафаќање. Најголемиот дел од доставените претставки се однесуваат на тоа дека на граѓаните - должници им се одземаат средства над законски предвидениот максимум од една третина од плата или пензија, како и дека се одземат средства кои според законот се изземени од извршување-социјална помош. Најголемиот дел на поплаките од граѓаните се однесуваат на тоа дека различни извршители врз основа на издадени налози за извршување вршат задршка од плата или од пензија, при што должниците заради наплата на долговите остануваат без основни средства за егзистенција, што е спротивно на одредбите од законот за извршување. Минатата година над десет граѓани доставија поплаки дека повеќе извршители издале повеќе налози за извршување со задршка од една третина од платата или пензијата.“

Потребни се измени на законот?

Народниот правобранител во сите случаи се обратил до извршителите и побарал налозите за извршување со подоцнежен датум да бидат ставени во мирување, а задршката од пензија и плата да се ограничи на една третина согласно со законски предвидениот максимум. Во најголем број на случаи извршителите постапиле по тие барања. Во овој контекст, Петревски е категоричен дека не постојат случаи на истовремени присилни наплаќања од ист должник: „ Ако должникот има предмети кај повеќе извршители, долговите се намируваат по редослед на пристигнување на налогот. Невозможно е некому да му се запираат повеќе од една третина од плата или пензија без разлика колку налози за извршување постојат и од колку различни извршители се тие. Одвојувањето една третина од плата е обврска на работодавецот и тој треба да води сметка за редоследот на налозите, како и за зафаќањето на една третина од плата. За одвојувањето од плата внимава работодавецот, или Фондот за пензиско псигурување за пензионерите...“

Mazedonien Zoran Petrevski

Зоран Петревски

Констатирајќи дека „во законот за извршување има бројни недостатоци“, народниот правобранител смета оти „постојат недефинираност и непрецизности, особено во одредбите кои го регулираат извршувањето врз побарувања по сметка кај банка, со што се врши блокирање на трансакциските сметки на должниците“. Омбудсманот оценува дека „е неопходно во Законот за извршување да се предвиди обврска извршителот пред издавање на налогот со кој се блокира трансакциската сметка, да го извести должникот за побарувањето, односно да го повика да го исплати утврдениот долг со примена на други средства за извршување“

Околу оваа иницијатива за измени и дополни во односната законска регулатива првиот човек на извршителската комора Петревски вели: „И ние сметаме дека е неопходно да се донесе нов закон за извршување, бидејќи постојниот е од 2005 година. До денес нема никакви измени, иако искуството покажа дека е потребно негово менување. При донесувањето на новиот закон треба да се вклучат колку е можно повеќе граѓани и правни субјекти, со цел да имаме прецизен и праведен закон за извршување.“

ДВ се обрати до министерствата за финансии и за правда со прашање каков е ставот на овие институции во врска со иницијативата на правобранителот Мемети околу промените во законот за извршители. Но, до моментот на објавувањето на овој текст одговор на тоа прашање не беше добиен. Самиот омбудсман во својот извештај за лани има наведено: „Владата го извести народниот правобранител дека иницијативата е препратена на надлежност до Министерството за финансии. Министерството за финансии го извести народниот правобранител дека ако надлежните органи за наплата бараат измена и дополнување на закон тие ќе пристапат кон подготвување предлог за изменување и дополнување на законите, а не по барање на народниот правобранител.“

Реклама