Оланд најави распуштање на „Џунглата“ | Свет | DW | 26.09.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Оланд најави распуштање на „Џунглата“

При посетата на францускиот пристанишен град Кале, претседателот Франсоа Оланд најави комплетно распуштање на нелегалниот мигрантски камп наречен „Џунгла“. Тој упати и опомена до британската влада

Ситуацијата околу провизорниот бегалски камп кај Кале веќе со месеци предизвикува жестоки дискусии во Франција. Денеска шефот на државата Франсоа Оланд ги потврди најавите за целосно уривање на кампот и воедно ги повика Британците да ја преземат „својата улога“ во совладувањето на миграциската криза во Кале, која стана голем политички влог седум месеци пред претседателските избори во Франција. За првпат откако беше избран на функцијата во 2012 година Оланд допатува во овој пристанишен град во Франција, каде го потврди планираното комплетно и конечно распуштање на дивиот мигрантски камп наречен „Џунгла“

Меѓу седум и десет илјади мигранти, пристигнати од Сирија, Еритреја или Судан, живеат во оваа дива населба, најголема од таков вид во Франција, во надеж дека ќе успеат да стигнат до Велика Британија. Од пролетта наваму кампот двојно се зголеми поради порастот на бројот на бегалци кои го преминуваат Средоземното Mоре како и поради евакуацијата на париските кампови.

Соочен со растечките тензии меѓу мигрантите и мештаните кои живеат во близина на кампот, министерот за внатрешни работи на Франција Бернард Казенев веќе претходно најави распуштање на „Џунглата“ уште пред почетокот на зимата. „Владата ќе оди до крај“, изјави денеска во Кале Франсоа Оланд, кој меѓутоа не го посети нелегалниот камп.

„Решителен сум во својот повик до британските власти да ја преземат својата улога во хуманитарните напори кои сега ги вложува Франција, а ќе продолжи да го прави тоа и утре“, изјави Оланд.

Во согласност со договорите потпишани во 2003 година меѓу Париз и Лондон, британската граница се наоѓа во Франција и француските власти имаат одговорност да го блокираат приливот на мигранти кон Велика Британија.

Лондон придонесува финансиски со десетици милиони евра за надзор на таа граница.

 

DW.COM

Реклама