Олабавување на рестрикциите во Австрија | Свет | DW | 14.04.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Олабавување на рестрикциите во Австрија

Австрија од денеска постепено ги укинува мерките на изолација поради пандемијата. Иако најавата на канцеларот Курц разбуди нова надеж, стручњаците велат дека чекорите во правец на нормализација ќе бидат мали и бавни.

Томас Кашовиц, сопственик на бутик за машка мода во центарот на Виена, смета дека во последниот месец останал без обрт од околу 50.000 евра. Имено, на 16 март во Австрија беа затворени сите продавници кои не служат за основно снабдување. Од денеска (14 април) Кашовиц може повторно да оди на работа.

Минатата недела австрискиот канцелар Себастијан Курц најави отворање на продавниците со големина до 400 квадратни метри и на маркетите за градежна и градинарска опрема, додека до први мај би требало да следуваат и трговските центри и фризерските салони. На средината од мај, доколку се’ биде во ред, ќе се отворат и рестораните и училиштата. Големите манифестации ќе чекаат до крајот на јуни.

Со тоа Австрија стана прва европска земја со конкретен план за излез од карантинот.

„Се разбира дека сум задоволен што повторно ќе го отворам бутикот“, вели Кашовиц за ДВ и додава: „Но, не мислам дека расположението на граѓаните е како да е се’ во ред, зашто вирусот е се’ уште тука. Атмосферата ќе биде малку попозитивна, но самата ситуација мора уште да се подобри.“

Österreich | Thomas Kaschowitz | Tom`s Männermoden (privat)

Томас Кашовиц денеска може повторно да го отвори бутикот

Прерана радост е непотребна

Минатата недела австрискиот канцелар најави обврска за масовно носење заштитни маски - освен со супермаркетите и аптеките, тие ќе мора да се носат и во сите други продавници, како и во автобусите и трамваите.

„Не треба да викаме ’ура’ и да се однесуваме како се’ да е готово“, вели професорот Ханс-Петер Хутер, заменик директор на Центарот за јавно здравје на Медицинскиот универзитет во Виена.

„На сите мора да им биде јасно дека враќањето на одредени слободи оди во пакет со тоа дека мора да се придржуваме до конкретните мерки.“

Hans-Peter Hutter, Medizinische Universität Wien (MedUni Wien/Felicitas Matern )

Професор Ханс-Петер Хутер смета дека Австрија треба да се држи до мерките за заштита

Стручњаците кои ја советуваат австриската влада се надеваат дека хируршките маски ќе спречат заразените луѓе да го прошират вирусот, а постојано потсетуваат и на потребата од редовно миење раце и држење дистанца. „Ако луѓето не се придржуваат до овие мерки, можно е да стигнеме онаму каде што бевме пред четири недели и проблемот да почне од почеток.“

Во Виена веруваат дека брзо го совладале првиот бран на пандемијата токму затоа што реагирале решително. Сега сакаат исто така да спречат уште поголеми проблеми за економијата. Бројот на невработени во Австрија, според Службата за вработување, само во првите две недели по воведувањето на мерките против пандемијата се зголемил за 200.000 и изнесува нешто повеќе од половина милион луѓе.

Birgit Meyer, Wirtschaftuniversität Wien. (2019 WU Wien)

Биргит Мајер, Универзитет за економија и бизнис, Виена

„Секое поле на економијата е погодено непосредно или посредно“, вели Биргит Мајер од Економскиот универзитет во Виена. „Она со што почнуваме е само капка во море. Но, сепак значи дека во плановите се внесува одредена извесност. Екстремно важно за компаниите и независните претприемачи е да знаат што ги чека.“

Мајер вели дека многу работи зависат и од тоа како светот генерално се носи со проблемот, зашто многу бизниси зависат од суровини или полупоризводи од странство. „Ако останатите земји не ја следат Австрија и не почнат полека да ги отвораат економиите, тогаш и на австриската економија ќе и’ треба подолго време за повторно да го достигне полниот потенцијал.“

Повеќе:

ЕУ: Со половина билион евра против корона-кризата

Кој е поефикасен во борбата против коронавирусот - автократиите или демократиите?

Први случаи на коронавирус во Швајцарија, Австрија и Хрватска

Сопственикот на бутик Кашовиц е свесен дека во догледно време нема да продава толку како порано. „Но, имав доста нарачки и повици од муштерии, така што во прво време ќе има работа.“ Тој се надева дека по долгиот велигденски викенд мерките против ширење на вирусот ќе продолжат да даваат резултати. Она што никако не го сака е државата повторно да му го затвори бутикот.

Реклама