Од што боледува Франција? | Економија | DW | 19.11.2014
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Економија

Од што боледува Франција?

Француското стопанство стагнира. Расте само невработеноста и државниот долг. ЕУ-критериумите за буџетот ќе бидат запазени дури во 2017 година. Дали повторно почнува спиралата на долговите?

Критиката на француската економска политика е се посилна. Француската влада се‘ уште не ја сфатила сериозноста на сопствената економска ситуација, вели Катарина Пијненбург од Германскиот институт за економски истражувања во разговор за Дојче веле.

Во евро-просторот владее уште поголема несигурност, поттикната од геополитичките кризи како онаа во Украина. Но, и негативниот француски државен буџет, во втората по големина економија во еврозоната, не ја издржа својата должничка криза. И натаму постои ризик таа да излезе од контрола, тврди експертот по макроекономија.

Факт е дека во Франција веќе две години нема економски пораст. И покрај тоа, францускиот претседател Франсоа Оланд води експанзивна фискална политика. Француската влада верува дека поголеми државни интервенции можат да ја совладаат кризата. Но, Катарина Пијненбург со скепса гледа на оваа стратегија: Франција може да ја надмине кризата само преку структурни реформи, првенствено на социјалните системи и на пазарот на труд и да постигне истовремено јакнење на претпријатијата и пазарите.

Пораст наместо намалување на долговите

Но, Париз досега не покажа желба за реформи. Отпорот во сопствената Социјалистичка партија на Франсоа Оланд е преголем. Санирањето на државниот буџет не напредува, буџетскиот дефицит постојано расте од 2008 година и е над дозволената граница на ЕУ од три проценти. Во 2013 година дефицитот во буџетот беше 4,3 проценти. За 2015 година експертите предвидуваат пораст на 4,7 насто. Прогнозите на Катарина Пијненбург велат дека маастрихшките критериуми за нови задолжувања ќе бидат запазени дури од 2017 година. Со тоа јавното ново задолжување расте и натаму, на незадоволство на бриселската администрација.

Frankreich Präsident Francois Hollande 17.11.2014

Франсоа Оланд

Длабоката криза има последици и врз еврозоната. Токму антиреформските Франција и Италија се тие кои го кочат економскиот пораст во еврозоната, и тоа иако заедно со Германија се вбројуваат во трите најголеми економии во ЕУ.

„Мора нешто да се случи, инаку Франција ризикува преку развојот на долговите да доживее пад како своевремено Португалија и Шпанија“, предупредува економистката.

Франција и Италија - болежливи ЕУ-нации

Финансиската криза од 2008 година во банкарскиот сектор на двете земји водеше до голем пораст на државните долгови. Загубите во вредноста на државните обврзници поради неодржливиот развој на долговите, пак, предизвикаа кризи во банките. Оттогаш, консолидирањето на долговите и усвоените програми за штедење ја оптоваруваат реалната економија. Долгорочно, тоа води до намалени даночни приходи и растечки социјални давачки, а во краен ефект, до повисоки дефицити. Во однос на Франција, со оглед на високиот државен буџетски дефицит, постои се‘ уште опасност од вртење на спиралата на кризата, вели Пијненбург. Но, намалувањето на долговите е турнато во заднина, приоритет има економскиот раст на земјата, а тоа Оланд и неговата влада сакаат да го постигнат со сопствени сили.

„За таа цел треба да бидат скршени овие ригидни структури, за да се генерира поголем развој. Франција тоа го знае, но отпорот во сопствените редови е голем и го кочи преструктуирањето на социјалните системи и пазарот на труд“, смета Пијненбург. Француските економисти одговорноста за долготрајниот економски пад, пак, ја гледаат во Германија и политиката на штедење на земјите во еврозоната.

Опасност за целата еврозона

Но, притисокот врз француската влада расте, зашто ситуацијата на пазарот на труд е напната. Во јуни стапката на невработеност беше 10,2 проценти, двојно повисока отколку во Германија. Оваа висока невработеност првенствено ги кочи потрошувачката и конјунктурата. Притоа, потрошувачката за Франција е многу важен развоен столб и неочекуваниот економски пораст од 0,3 проценти во последниот квартал беше предизвикан главно преку потрошувачката.

„Посебно катастрофално би било натамошно растење на невработеноста“, истакнува Пијненбург. За да се избегне спиралата на назадување, на Франција првенствено и‘ треба поедноставен даночен систем, за на претпријатијата да им отвори поголем маневарски простор за инвестиции, смета економистката. За тоа е потребна избалансирана политика на конкурентност. Поголема конкуретност подразбира повеќе иновации. Тогаш фирмите се принудени да го избегнат притисокот на конкуренцијата со инвестиции во нов развој. Со тоа се предизвикува поголем пораст. За Пијненбург е важно да се создадат подобри рамковни услови за повеќе иновации и развој, за да може целата еврозоната поуспешно да излезе од оваа негативна состојба.

Реклама