Од сабота задолжителни тестови за корона при влез во Германија | Информации и анализи за Германија | DW | 06.08.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Германија

Од сабота задолжителни тестови за корона при влез во Германија

Германија воведува задолжителни тестови за коронавирус за сите патници кои доаѓаат од ризични региони, најави министерот за здравство. Сепак, останува можноста патниците да приложат негативен тест не постар од 48 часа

Мерката која беше најавена минатата недела ќе стапи во сила од сабота, 8 август, откако во земјата се зголемија стравувањата од раст на бројот на новозаразени поради летните одмори и локалните кластери.

„И сега патниците од ризичните региони имаат обврска или да заминат во 14-дневен карантин или да приложат актуелен негативен тест“, изјави министерот за здравство Јенс Шпан на прес-конференција.

Но, од сабота, „патниците кои влегуваат во Германија ќе мораат да носат со себе резултати од тест или да се тестираат по пристигнувањето“, рече Шпан, дополнувајќи дека тестирањето ќе биде бесплатно. Казната за оние кои ќе одбијат тестирање може да достигне до 25,000 евра. 

- повеќе на темата: Задолжителни корона-тестови при влез во Германија

Листата на ризични региони која ја изработува Институтот Роберт Кох, во моментов ги вклучува речиси сите земји надвор од ЕУ, како и неколку провинции во Шпанија и Белгија.

За патниците кои доаѓаат во Германија од Северна Македонија, оваа одлука нема да промени многу. Имено, тие и досега имаа обврска при влез во земјата да приложат негативен тест на коронавирус, не постар од 48 часа, или да заминат во двонеделен карантин по влез во земјата.

Deutschland Berlin | Pressekonferenz Corona | Jens Spahn (picture-alliance/dpa/M. Kappeler)

Германскиот министер за здравство Јенс Шпан

На германските аеродроми најпрво беа воведени незадолжителни тестови за сите патници, поради стравувањето дека не постои законска основа да се присилат луѓето да се тестираат.

„Сфаќам дека ова е нарушување на индивидуалната слобода, но мислам дека е оправдано“, рече Шпан.

Стравот од нов бран на коронавирус во Германија се зголеми откако Институтот Роберт Кох вчера регистрираше 1,045 случаи на новозаразени во земјата, што е највисока бројка уште од почетокот на мај.
Шпан вели дека тоа е резултат на „повеќе мали кластери“, поради тоа што луѓето се заразуваат на семејни веселби, на работа или во заеднички објекти.
Дополнително, бројката на новозаразените, според Шпан, се зголемува и поради бесплатното тестирање на границите. Стапката на позитивни меѓу оние кои се враќаат од патување е двојно повисока од стапката на редовно тестирани во земјата.

DW.COM

Реклама