1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Од каде ќе продолжат преговорите за името?

9 јуни 2009

Пред доаѓањето на медијаторот Метју Нимиц во Скопје и Атина, македонскиот државен врв не открива дали преговарачот ќе продолжи таму каде запре, со пет предлози за името и пакет спорни прашања за идентитетот.

https://p.dw.com/p/I60W
Што ќе донесе овојпат Нимиц?Фотографија: Petr Stojanovski

Кон крајот на јуни ќе се сретнат посредникот од ОН во спорот со името, Метју Нимиц, грчкиот претставник Адемантиос Василакис и македонскиот, Зоран Јолевски. Пред доаѓањето на медијаторот Нимиц во Скопје и Атина, македонскиот државен врв не открива дали преговарачот ќе продолжи таму каде запре, со пет предлози за името и со пакет на спорни прашања меѓу Атина и Скопје околу македонскиот идентитет. Не е исклучено на островот Крф да биде одржана неформална средба меѓу македонскиот министер за надворешни работи Антонио Милошоски и неговата грчка колешка Дора Бакојани, а на состанокот на ОБСЕ во Грција е најавено и присуството на американскиот државен секретар Хилари Клинтон. Милошоски синоќа (08.06.2009) во телевизиски настап потсети дека грчката влада во 2004 година има донесено одлука за стопирање на билатералните средби меѓу владини претставници на Скопје и Атина:

„Доколку има расположение, поволни околности и доколку тоа се вклопува во агендата на домаќините, ние сме расположени за разговори.“

Шефот на македонската дипломатија со објаснување: разумен компромис е име кое нема да го ограничи самоопределувањето на националниот идентитет и македонскиот јазик.

„Некој да расправа за вашето национално име, за вашиот идентитет, за името на вашата држава, тоа воопшто не е губење на време. Сметам дека ова национално прашање заслужува да има национален одговор и носењето на одлуката да биде со референдум.“

Mazedonien Außenminister Antonio Milososki zu Kosovo
Антонио МилошоскиФотографија: AP

СДСМ: што ќе значи референдумот?

Новото раководство на СДСМ ќе ја поддржи владата за секое брзо решение, кое нема да го загрози евроатлантскиот пат на Македонија и желбата на граѓаните. Секретарот на СДСМ Андреј Петров сепак предупредува:

„Одлуката да се носи во парламентот е легитимна и референдумот е легитимна одлука, особено за работи кои се од поширок национален интерес. Но, прво, референдумот подразбира дека тој треба да биде успешен. Ако референдумот биде неуспешен, што ќе биде исходот, дали владата ќе даде оставка?“

Ако не се изнајде побрзо решение, Албанците во Македонија ќе се вратат на своите етнички интереси, предупредува дел од експертската јавност.

По победата на Пасок на евроизборите во Грција, тамошната опозиција врши притисок за вонредни парламентарни избори.

„Кај нас, ние влеговме во тригодишен безизборен период, каде има можност да се постигне суштински напредок, меѓутоа доколку во Грција има предвремени избори, веројатно наесен, тоа ќе влијае кон натамошно забавување на процесот на преговорите“, вели универзитетскиот професор Васко Наумовски.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Жана Ацеска