Од каде одеднаш толкава слога во Европа? | Свет | DW | 31.08.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Од каде одеднаш толкава слога во Европа?

Во ЕУ се водат спорови, најмногу долж оската исток-запад. Но, кога е во прашање Брегзит, сите земји во ЕУ се претставуваат како единствен блок. За тоа има силни причини, смета Норберт Мапес-Нидик.

„Ако мора да водам војна, тогаш барем против некоја коалиција молам“, наводно своевремено рекол Наполеон. Цела Европа се здружила против Франција, но европските сили оставале простор да ги изигра едни против други и една по една паѓале како домино коцки. Колку и да звучи јасна поуката, во случајот со Брегзит, математиката на францускиот владетел излегува наопаку. Флексибилното и добро подмачкано царство со столетни структури на одлучување се чини ќе се изрони заради неговиот високоефикасен и светски прочуен пример за парламентаризам. „Килавата коалиција“ пак, односно ЕУ, која инаку има толку проблеми со формулирање заеднички став, сега зборува во еден глас. Колку и огорчено да се расправа во ЕУ за реформските планови, колку и да треба претседателите на држави или влади да дебатираат по цели ноќи за да изнајдат компромис, кога се работи за условите за истапување на Велика Британија од ЕУ на преостанатите 27 земји членки не може да им се протне ни влакно.

Заблуда е дека ЕУ не е сакана на Исток

Промената на улогите остава простор за скромен оптимизам. Изгледа дека во изминатите 200 години сепак нешто се променило. Но, сепак, не и требало да се очекува дека сега ќе се случи некакво поместување на континентот и дека бројните евроскептици ќе го променат своето мислење.

Критичарите, особено оние на истокот на ЕУ, не се расположени за истапување од Унијата како што тоа често погрешно се интерпретира. Токму спротивното. Во Полска, чија десничарска влада актуелно е најкавгаџиски настроена во Брисел, 75 проценти од граѓаните сакаат по секоја цена да останат во ЕУ. Тоа е една од највисоките стапки во Европа. Четворица од петмина Унгарци во земјата на Орбан се убедени дека членството во ЕУ носи повеќе предности за земјата отколку лоши страни. Дури и меѓу особено евроскептичните Чеси двојно е поголем бројот на оние кои сакаат да останат во Унијата од оние што сакаат да ја напуштат.

Кога одлуките се носеа во Москва

Тоа пак не е некоја причина за оптимистички поглед кон иднината. За повеќето Европејци од истокот визијата за ЕУ е различна отколку на Французите, Германците, Шпанците или Италијанците. Нивните нации, за разлика од западните, се настанати своевремено во борбата со централните власти во Виена, Санкт Петербург или Истанбул, како еден вид група што морала да се наметне над друга група. Слично бил организиран и Варшавскиот пакт, каде сите важни одлуки се носеле во Москва. Задача за домашните политички елити била да извадат што повеќе за сопствената нација.

Оттука, целта на евроскептиците не е воспоставување неограничен национален суверенитет. Во сѐ понесигурен свет со фокусирањето на целосна независност се асоцира изолација, особено за мали нации кои на истокот на континентов се мнозинство. И тука понекогаш се зборува за наводни подобри времиња во минатото, кога навидум сосема сами одлучувале и не морале да имаат обѕири кон никого. Но, такви времиња на истокот на Европа всушност никогаш и немало и, за разлика од Британците, тие нема ни на што да се потсетуваат. А дури и на наследниците на големото кралство им станува сѐ појасно дека суверенитетот во време на глобализација не е она што бил некогаш и дека ни највештиот премиер не може со волшебно стапче да направи глобалната криза да исчезне.

Така Брегзитот всушност повеќе го зајакнува единството во Унијата, или барем не го загрозува. Но, кога е во прашање следниот чекор, за продлабочувањето на Унијата, за нејзиниот натамошен развој во насока на економска и монетарна унија, за заеднички институции, политиката и јавноста, особено во големите источноевропски држави, станува скептична. Само Словенците, Словаците, Летонците и Естонците се исклучок.

Не се тежнее кон вистинска моќ и креирање на политиките. Тоа објаснува и зошто во битката за врвните позиции во Унијата во јуни годинава ниту една земја од истокот не уфрли свој кандидат. Повеќето источни Европејци не си ја замислуваат Европа како заеднички тим, туку како терен за игра. Кога некој, како сега Британците го напушта теренот, не им недостига соиграч. Тие едноставно сметаат дека на игралиштето има еден конкурент помалку.

Други колумни од авторот:

Циничниот третман на бегалците во Европа

Себастијан Курц, студениот канцелар

Напнатост долж оската север-југ

Кај Европејците по убедување таквото сфаќање на ЕУ доведува до тоа да им ѕвонат сите ѕвона за узбуна. Тоа, имено, лесно може да доведе до јакнење на конкурентската борба за ресурси и со тоа индиректно да ги зајакне силите кои се противат на каква било ЕУ. Тоа што истокот би останал не значи дека некој друг нема да си оди. На југот на Европа, на пример во Италија, стравот од самостојно битисување е помалку изразен отколку кај источњаците. Ако земјите околу Средоземното Море во конкурентската борба бидат натерани в ќош, Унијата би можела да почне да се распаѓа долж оската север-југ. 

Зашто денес оние кои се чувствуваат како губитници од обединувањето на Европа не се на истокот на континентот, туку тие се во Италија или Грција. За Европа во пост-Брегзит ерата тоа не е убава перспектива. Колку грда ќе биде таа, ќе се покаже во натегањето околу повеќегодишната финансиска рамка и барањето на милијардите кои би можеле да недостигаат во случај на тврд Брегзит. Малку е веројатно дека низ Европа ќе прострујат некакви нови импулси. Поверојатно е дека ќе дојде до потреси насекаде во Европа.

Норберт Мапес-Нидик живее во Грац и е дописник за Југоисточна Европа на голем број весници од германско говорно подрачје.

DW.COM

Реклама