Од денеска строги контроли за влез во Шенгенскиот простор | Свет | DW | 07.04.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Од денеска строги контроли за влез во Шенгенскиот простор

Денеска почнуваат да важат новите правила за вршење контрола на надворешните граници на ЕУ. Отсега систематски ќе се проверуваат и граѓаните на ЕУ.

Како реакција на големата опасност од тероризам, државите на Европската Унија донесоа одлука за заострување на контролите на надворешните граници. За сите патници кои на германските аеродроми или пристаништа доаѓаат од земји кои не се дел од Шенгенскиот простор, детално ќе бидат проверувани и споредувани личните податоци и бројот на пасошите со податоците на лица по кои е распишана потерница, соопштија сојузната полиција на Германија и Министерството за внатрешни работи.

Ваквите нови правила се донесени на предлог на Европската Комисија, по нападите од Париз, во ноември 2015 година. Пред околу еден месец беше донесен заклучок за преработка на Шенгенскиот граничен кодекс.

Досега на надворешните граници на ЕУ систематски, со сите безбедносни банки на податоци, беа споредувани само податоците за лица од земји кои не се членки на ЕУ, и тоа само при влез. Новите правила сега важат и при излез и тоа за сите граѓани на ЕУ.

Дел од Шенгенскиот простор се најголемиот дел од членките на ЕУ, како и Швајцарија и Норвешка. Сите земји членки се обврзани да го прилагодат својот менаџмент на границите, соопшти германската сојузна полиција. Преку контролите треба да биде спречен влез на луѓе кои претставуваат закана за јавниот ред и внатрешната безбедност.

Полицијата најави дека ќе преземе сѐ за да ги направи поподносливи времето на чекање на патниците и последиците кои новите мерки ќе ги имаат врз авионскиот сообраќај.

 

DW.COM

Реклама