1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Одмазднички напад врз германски конзулат во Авганистан

СН /дпа,афп,ртр
11 ноември 2016

Бомбаш самоубиец со мал камион наполнет со експлозив изврши напад врз германскиот конзулат во Мазар и Шариф. По експлозијата следувала жестока престрелка меѓу обезбедувањето на конзулатот и група вооружени напаѓачи.

https://p.dw.com/p/2SXkC
Afghanistan Explosion in der Nähe des deutschen Konsulatsbüros in Mazar-i-Sharif
Фотографија: Reuters/A. Usyan

Радикално-исламистичките талибанци ја презедоа одговорноста за нападот врз германскиот конзулат во Мазар и Шариф на северот на Авганистан во кој загинаа најмалку шест лица а повредени се преку 120. Вчерашниот напад е одмaзда за минатонеделната операција на силите на НАТО во Кундуз на североистокот на Авганистан, изјави портпаролот на талибанците, Забихула Муџахид.

Во тој воздушен напад извршен од американските бомбардери загинаа најмалку 30 цивили. Воздушниот напад беше изведен по судирите во кои  двајца  американски војници и тројца припадници на специјалните авганистански сили беа убиени во антиталибанска операција во Кундуз.

Загинати и повредени во нападот врз германски конзулат

Инаку меѓу повредените во силната експлозија на камион-бомба пред германскиот конзулат има најмалку 10 деца, јавија болнички извори во градот. Како што соопшти локалната полиција „напаѓачот кој управувал со камион наполнет со експлозив се забил во ѕидот на зградата во која се наоѓа германскиот конзулат“, во Мазар и Шариф. Според очевидци во градот се слушнала многу силна експлозија а направена е штета и на соседните згради. По експлозијата непознат број вооружени лица направиле обид да упаднат во конзулатот при што дошло до жестока размена на огнот со припадниците на германската армија Бундесверот, кои го обезбедувале конзулатот. Нив на помош им дошле и припадници на специјалните единици од други нации кои учествуваат во мисијата на НАТО во Авганистан.

Afghanistan Explosion in der Nähe des deutschen Konsulatsbüros in Mazar-i-Sharif
Фотографија: Reuters/A. Usyan

Германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер жестоко го осуди нападот врз конзулатот. Истовремено тој им се заблагодари на германските, грузиските и летонските специјални единици, кои им помогнале на војниците на Бундесверот во одбраната на конзулатот од напаѓачите. Тој истакна дека чувствува олеснување дека сите вработени во конзулатот не биле повредени. Според Штајнмаер напаѓачите не навлегле само во дворот на конзулатот туку и во самата зграда.