Одлуките на ММФ и Брисел не се врвот на економската изолација! | Северна Македонија | DW | 14.07.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Одлуките на ММФ и Брисел не се врвот на економската изолација!

За Македонија нема друго решение освен Централен фискален борд кој би управувал со јавните финансии до консолидирање на фискалните дубиози, веќе структурални, а не циклични, вели во интервју за ДВ Абдулменаф Беџети.

Одлуката на ММФ да го повлече својот постојан претставник од Македонија и потегот на ЕУ да запре дел од парите за низа проекти ќе влијаат негативно а цехот ќе го платат граѓаните, предупредува академик Абдулменаф Беџети. Македонија според него е на чекор до грчкото сценарио чија власт не сакаше, но беше приморана да штеди!:

Дојче веле: Господине Беџети, ММФ и ЕУ повлекоа потези. Монетарците ја напуштија Македонија, Брисел запира дел од финансиските програми наменети за земјата, колку е ова загрижувачки?

Беџети: Повлекувањето на ММФ и покрај тоа што беше формулирано со многу внимателен вокабулар во соопштението, сепак треба да се разбере како многу сериозна порака наменета пред се до институциите, инвеститорите, потрошувачите и сите економски агенти во земјата. Претходно и Брисел ги покажа своите одлуки за редуцирање и стопирање со сите програми се додека институциите не се вратат во нормалните текови и односи. Впрочем, по Брисел тоа и беше очекувано од монетарните глобални институции. Секако дека последиците ќе бидат големи, но за жал тие ќе бидат на товар на граѓаните се` додека тие не се свестат како даватели на мандатите на оние кои треба да управуваат со институциите.

ДВ: Што очекувате по ваквиот развој? Може ли наскоро да слушнеме однадвор и нови полоши најави?

Беџети: Мислам дека овие одлуки не се врвот на економската изолација. Се зависи до каде е подготвена владејачката структура да оди со тоталитарното владеење. Ова досега ќе има своја цена. Преку поскапување на алтернативните извори на финансирање на буџетскиот дефицит, кој како што тече времето ќе биде уште покритичен со оглед дека уште од стартот на годинава е во постојан раст. Впрочем, ребалансот на буџетот уште полошо ќе влијае бидејќи кратењето на капиталните инвестиции и јавната потрошувачка уште повеќе ќе иницира намалена економска активност, а со тоа и уште помала реализација на приходите. Кога на ова ќе се додадат уште и редуцирањето на приватните инвестиции (надворешни и внатрешни) и приватната потрошувачка, негативната буџетска разлика ќе расте уште повеќе. Алтернатива на сето ова се само задолжувањата кои ќе бидат се` поголеми, односно се додека се наоѓаат позајмувачи. Но еден ден и нив ќе ги снема!

Abdulmenaf Bedzeti Akademiker Mazedonien

Абдулменаф Беџети

ДВ: Во буџетот очигледно дека фалат пари за планираните расходи, но власта не се откажува од растрошноста иако е очигледно дека изворите за задолжување поскспеа а и пресушуваат. Не ли е попаметно наместо засилено трошење да се штеди?

Беџети: Не ја научивме лекцијата од Грција. И тие доброволно не сакаа да штедат се` додека тоа не им го наметнаа кредиторите. Многу скоро и со нас ќе се случи истото. Само се чека на моментот кога кредиторите повеќе нема да сакаат да кредитираат непродуктивна и авантуристичка потрошувачка. Се` додека кај граѓаните не се создаде критична маса и не се сфати дека само тие ја плаќаат цената, дотогаш ова владеење ќе продолжи на идентичен начин. Друга алтернатива нема. За ваквиот начин на владеење постојано предупредуваме уште од 2009 година. Кога ова ќе престане ќе биде исто како тркач на велосипед кој престанува да се движи.

ДВ: Ќе не чини ли многу финансиското опоравување, ако воопшто и можеме да се надеваме дека тоа и може брзо да ни се случи. Каде го гледате излезот?

Беџети: Во степенот на фискалното ограничување и претесната фискална рамка со предимензионирани јавни расходи и тенденција на пад на приходите, нема друго решение освен „Централен фискален борд“, од типот на валутен борд кој би управувал со јавните финансии се` додека не се консолидираат фискалните дубиози кои се веќе структурални а не циклични.

ДВ: Оваа идеја звучи добро, но колку таа е и лесно остварлива. Сепак за ова треба и политичка волја, која кај власта очигледно ја нема доволно?

Беџети: Дури и друга политичка гарнитура нема да може ова да го постигне во некој краток рок преку политичко управување бидејќи тоа би предизвикало краткорочна социјална дестабилизација и се разбира потоа и политички нестабилно владеење. Премногу е исцеден фискалниот лимон за да може која било инспекциска сила да исцеди повеќе! Кратење на социјалните расходи би предизвикало и социјална експлозија. Решението треба да се бара во стабилизациона фискална програма за најмалку 3 години, односно се` додека не запрат негативните фискални трендови.

Поврзана содржина

Реклама