Одлука за Косово | Балкан | DW | 22.07.2010
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Балкан

Одлука за Косово

Меѓународниот суд на правдата во Хаг денеска треба да реши дали декларацијата за независноста на Косово од Србија е во согласност со меѓународното право.

Тешка одлука за судиите на Меѓународниот суд на правдата

Тешка одлука за судиите на Меѓународниот суд на правдата

Пролетта 1999 година НАТО силите ги прекинаа оружените судири меѓу српската армија и косовските паравоени сили, кои се бореа за независност на покраината од Србија. Подоцна Советот за безбедност на ОН ја донесе Резолуцијата 1244, со која се предвидува меѓународна управа во Косово. Резолуцијата го остава отворено прашањето на идниот статус на Косово, кое и’ припаѓаше на Србија. Во неа се нагласува дека треба да се зачува суверентиетот на Сојузна Република Југославија, чиј наследник е Србија, но само до изнаоѓањето конечно решение за статусот, што треба да биде договорено со нов договор. Долгогодишните преговори меѓу Белград и Приштина, меѓутоа, не донесоа никакви резёултати, така што во февруари 2008 година Косово еднострано прогласи независност. Србија на тоа поднесе тужба до Меѓународниот суд на правдата во Хаг, кој денеска треба да ја објави пресудата.

Тачи очекува потврда на независноста

Hashim Thaçi Premierminister Kosovo

Косовскиот премиер Хашим Тачи

Владата во Приштина е уверена дека судот на ОН ќе потврди оти прогласувањето независност било во согласност со меѓународното право. Премиерот Хашим Тачи не ги отфрла преговорите со Србија, но во никој случај не сака да разговара за прашањето на статусот.

„По претставувањето на експертизата на Судот ќе почне нова фаза во консолидирањето на нашата држава. Таа ќе содржи интеграција на Косово во НАТО, ЕУ и ОН. Во таа фаза ќе се погрижиме и за изнаоѓање решение за некои технички проблеми со Србија“, порача Тачи. Тој под технички проблеми подразбира прашања како царината, граничните контроли и пронаоѓањето на исчезнатите лица од времето на војната во 1999 година.

Србија не го дава Косово

Властите во Белград, напротив, сметаат дека прогласувањето независност на Косово било спротивно на принципите на меѓународното право и бара нови преговори околу статусот. Српската делегација пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг, во декември минатата година нагласи дека Косово и натаму го смета за

Vuk Jeremic EU Balkan Gipfel in Sarajevo Bosnien und Herzegowina

Шефот на српската дипломатија Вук Јеремиќ

„лулка на српскиот народ“. Министерот за надворешни работи Вук Јеремиќ појасни дека неговата земја никогаш нема да ја признае независноста на Косово:

„Косово беше, е и ќе биде дел од Србија!“

Голем интерес за спорот

Свое мислење за проблемот со независноста на Косово на Судот во Хаг му испратија дури 30 земји. Српскиот став го поддржаа 12 земји, меѓу кои и две со право на вето во Советот за безбедност на ОН - Кина и Русија. Во спротивниот табор се наоѓаат земји како САД, Велика Британија, Германија, Франција и Хрватска. Тие сметаат дека граѓаните на Косово имаат право на самоопределување, дека Резолуцијата 1244 предвидува изнаоѓање решение, но дијалогот меѓу Приштина и Белград не донесе резултати.

Косово не е преседан

Германската претставничка Сузане Вазум-Рајнер порача дека Косово не може да биде преседан и пример за другите сепаратистички движења ширум светот. „Косово не е преседан, туку специфичен и единствен пример. Елементите за тоа се: прво, имаше период на голема и систематска примена на насилство врз косовското мнозинско население. Второ, ОН управуваа долго на Косово, каде Србија немаше никакво влијание. И трето, преговорите со посредство на ОН на крајот пропаднаа.“

Одлуката на Меѓународниот суд на правдата не е правно обврзувачка, но сепак се очекува дека ќе има големо влијание врз натамошниот развој на ситуацијата околу независноста на Косово.

Автор: Бахри Цани / Горан Чутаноски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

DW.COM