Одлуката на Иванов била детално договарана? | Македонија | DW | 13.04.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Одлуката на Иванов била детално договарана?

Одлуката на шефот на државата била дел од цел „пакет“ мерки договорани во дискреција со најтесното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, тврдат партиски извори за ДВ.

Oдлуката со која претседателот Ѓорге Иванов овозможи „општ прекин на сите постапки меѓу политичарите и нивните соработници или поддржувачи, од спротивставените страни“, не е донесена како што тој изјави, без согласност или консултации со некого, туку била дел од цел „пакет“ мерки заткулисно договорани во дискреција со најтесното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, тврдат за Дојче веле партиски извори кои инсистираат на анонимност.

Првата била Уставниот суд да ја врати надлежноста на претседателот за помилување, втората - Владата да ги поништи сите одлуки донесени од министрите на СДСМ, а ќе следеле уште неколку други. Според овие извори, одлуката на Иванов претходно била детално анализирана и договарана, а за нејзина „правна одбрана“ била користена истата аргументација со која професор од Правниот факултет му помагал на Уставниот суд да ја образложи одлуката за враќањето на претседателската надлежност за помилување. Тајмингот на нејзиното соопштување не бил случаен, туку внимателно и намерно избран - денот на посетата на претседателите на Словенија и на Хрватска, Борут Пахор и Колинда Грабар-Китаровиќ. Нивното присуство требало да биде искористено како заштитен тампон од првичните реакции и „удари“ од јавноста и опозицијата, односно да бидат (зло)употребени како „алиби“ на Иванов дека е зафатен со високите гости, за да избегне дополнителни објаснувања. Врз основа на искуството со „млакиот и краткотраен опозициски протест против одлуката на Уставниот суд“, во договарањето било проценето дека и ова „чудо ќе трае три дена“, а ако евентуално има подолготрајни реакции или протести, тие ќе биле пресечени со друга „јака тема“, која ќе го дефокусирала вниманието од потегот на претседателот.

Mazedonien Gebäude Regierung

Одлуката на Иванов требало да отвори пат на изборните листи на ВМРО-ДПМНЕ да се најдат и дел од лицата за кои СЈО води истрага, тврдат партиски извори за ДВ

На избори морално чисти

Одлуката на Иванов требало да отвори пат на изборните листи на ВМРО-ДПМНЕ да се најдат и дел од лицата за кои СЈО води истрага, со цел партијата морално да се ребрендира и да се обнови внатрешната кохезија која била длабоко разнишана од „малтретирањето и бламирањето на нејзините партиски функционери по судовите“, но и стресовите што тоа им го предизвикувало, поради што „дел од нив станале нервозни, отсутни, разочарани, а во некои случаи и некооперативни“. Било договорено акцентот во изјавата на Иванов околу вината за политичката криза да се стави исклучиво на „туѓи цели и странски интереси“ за да се оправда намерата за аболиција, односно за внатрешно помирување. Иванов бил советуван и „суптилно“ да остави впечаток дека има сериозни докази за странска вмешаност во кризата, врз основа на информации од Агенцијата за разузнавање, а да избегнува одговори на конкретни прашања за тоа, со образложение дека „би било недипломатски и неодговорно тоа јавно да се соопштува.“ Притоа било договорено дека ВМРО-ДПМНЕ ќе глуми изненаденост и несогласување со одлуката на Иванов, исто како и во случајот со Уставниот суд, но дека нејзините експерти и аналитичари таа одлука правно ќе ја бранат максимално.

Исто така, наводно бил договорен и почеток на остар гард кон ставовите од претставниците на меѓународната заедница, прво од страна на Иванов во одбраната на неговата одлука (на идентичен начин како што тоа го сторил во интервјуто за германски „Билд“), а понатаму „по барање на народот“ ќе имало и други форми на реакции „против мешањето на странците во внатрешните работи на земјата“. Една од мерките, која наводно се договарала, било и целосно расчистување со сите „платеници, предавници и соросоиди“ кои ја критикувале власта во изминатиот период, но по завршувањето на изборите на кои власта смета дека ќе обезбеди победа. Дотогаш требало да се форсираат исклучиво изјави за помирување и престанок на поделбите.

Тачи се сомнева во договор

Сомневањата во договор меѓу Иванов и ВМРО-ДПМНЕ не ги исклучи ни лидерот на ДПА, Мендух Тачи. Како што објави ТВ „Телма“, тој вчера не сакал да ја коментира одлуката на Иванов, но неформално изјавил дека не е исклучено Иванов да се решил на таков чекор во договор со ВМРО-ДПМНЕ.

ДУИ одлуката на Иванов вчера експресно ја оцени како нелигитимна.

„Сметам дека одлуката на Иванов е избрзана и непромислена и една таква одлука од т.н. претседател, нелегитимен претседател, за нас нема легитимност“, изјави Али Ахмети. Ваквата оценка тој им ја соопштил и на претседателите на Хрватска и Словенија, со кои синоќа имаше средба. Подоцна на Твитер Ахмети напиша: „Таканаречениот претседател Ѓорѓе Иванов веднаш да ја повлече својата одлука“.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев и заменик-претседателката Радмила Шекеринска на средбата со претседателите на Словенија и Хрватска изразиле голема загриженост поради ескалацијата на политичката криза во земјата, „посебно по потегот на Ѓорге Иванов со кој направи државен удар врз правниот поредок во Република Македонија“, соопшти партијата.

„Инсистираме Иванов да ја повлече апсурдната одлука, а и самиот тој веднаш да поднесе оставка. Ова не е само суспендирање на Договорот од Пржино, туку и погазување на Уставот и законите. Пред Уставот и законот сите мора да бидат еднакви и никој нема право да ги заштитува криминалците исплашени од СЈО, како што тоа се обидува да го направи Иванов“, рекол Заев. На средбата се разговарало и „за можните последници од неодговорното владеење на партиите на власт и на послушникот Ѓорге Иванов, како и за чекорите што планира да ги преземе СДСМ за враќање на демократските процеси“.

Од дипломатски извори дознаваме дека „високите гости умешно ја сокриле нелагодноста од (не)приликите создадени непосредно пред нивната посета“ и дипломатски се воздржале од забелешки за совпаѓањето на тајмингот за одлуката на Иванов и нивната посета.

Österreich Johannes Hahn - EU-Kommissar für Europäische Nachbarschaftspolitik

Хан Ако работите продолжат како во моментов, се сомневам дека ова ќе бидат избори по кои меѓународната заедница ќе може да каже дека тие го подготвиле патот на евроатланската перспектива на земјата

Хан: Избори ќе има

Вчера повторно се вжештиле телефонските разговори на релација Брисел-Скопје, но имало и разговори со амбасадори во Скопје. Се барале дополнителни објаснувања од претседателот Иванов, но и од лидерите на владејачките партии. Притоа, се разговарало и околу правните механизми за повлекување на „сериозно загрижувачката одлука“, со која се ризикува да се нарушат сите напори за зајакнување на владеењето на правото. Според извори на ДВ, ниту Иванов, ниту партијата што го предложи за претседател, не очекувале дека реакциите на меѓународната заедница ќе бидат толку брзи и остри, но засега „товарот“ да ја брани одлуката му бил оставен пред сѐ на Иванов, како негова „автентична“.

И покрај унифицираните реакции од меѓународната заедница, и овојпат не беа избегнати дисонантни тонови. По првичната изјава на комесарот Јоханес Хан дека постапката на Ѓорге Иванов го нарушува владеењето на правото и дека комесарот се сомнева оти се можни веродостојни избори, во интервју со дописникот на Радио Слободна Европа од Брисел, Рикард Јозвиак, тој изјави:

„Во принцип, изборите ќе се одржат во секој случај, бидејќи тоа е според на Уставот на ПЈРМ. Сега кога Парламентот е распуштен, тие ќе се одржат, но неопходно и важно е овие избори да бидат спроведени на начин на кој ќе бидат признаени од меѓународната заедница. Во спротивно, земјата нема да има евроатлантска перспектива и тоа беше сеопфатната цел на нашите активности и напори кои беа прифатени во договорот од јуни/јули минатата година“.

Хан ја повика Владата и сите кои се одговорни да придонесат да има Избирачки список кој ќе биде прочистен и прифатен од сите, опозицијата да се врати и да биде конструктивна и сите партии да бидат фокусирани на позитивна, конструктивна кампања за да ги презентираат нивните програми во фер и демократски натпревар и да немаат ваков тип на валкани игри. На прашањето што може да направи ЕУ да го спречи она што се случува, Хан одговори:

„Не можам да го предвидам исходот од изборите и начинот на кој ќе бидат спроведени, бидејќи тоа ќе се случи за два месеца. Но, има многу меѓународни набљудувачи, почнувајќи од ОДИХР, Европскиот парламент ќе има своја делегација на терен и многу други меѓународни организации. Тоа зависи од крајната оценка. Но, ако работите продолжат како во моментов, се сомневам дека ова ќе бидат избори по кои меѓународната заедница ќе може да каже дека тие го подготвиле патот на евроатланската перспектива на земјата. Тоа е она што се смета и тоа е единствениот притисок кој го имаме и да речеме: сите вие ризикувате оваа земја и нејзините граѓани да ја изгубат среднорочната и долгорочната перспектива“.

Реклама