Оди и не свртувај се, Василе | Северна Македонија | DW | 16.03.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Оди и не свртувај се, Василе

Диференцијација на наш начин: ако победи на Евросонг сигурно ќе биде прогласен за голем Македонец. Ако изгуби, ќе биде само лице со бугарски пасош.

Две онлајн петиции на интернет, две поделени македонии, две „музики“ за ушите на јавноста, но и за Васил Гарванлиев: едни бараат тој да не ја претставува Северна Македонија на годинешново издание на Евровизија (Евросонг) поради тоа што имал и бугарски пасош, а други собираат потписи за негова поддршка. Ако го читате ова, значи сте се разбудиле во Македонија, во својата татковина, каде наместо „добро утро“ ве дочекуваат списоци за нови поделби.

Освен тешките контри во институците (бојкоти, блокади), одамна не сме имале протести и контрапротести, пленуми и контрапленуми, фрлени чифтиња заради некаква контра. И еве, по подолга пауза кондициски напреднавме, и - паднавме уште едно ниво подолу. Не беше лесно, ама кога се сака, нели, сѐ се може.

Токму кога изведувачите на стратегијата „единствени само во поделбите“ во очај крикнаа „леле луѓе, останавме без работа“, еден сосед се пријави да ни биде нов архинепријател. И оттогаш нема зима. Патриотизмот цвета на двете страни од границата. Веќе никој веќе не се занимава со Гоцевата „Јас го разбирам светот како поле за културен натпревар меѓу народите“. Таа изрека е адаптирана на новото време и новите потреби, и гласи: „Јас го разбирам светот како поле за пасошки натпревар меѓу народите“.

Според тоа кој колку и какви пасоши има, сега се мери лојалноста и патриотизмот. Тоа на своја кожа го почувствуваа десетици македонски политичари и партиски функционери, почестени од леснотијата на провокативната практика на бугарскиот вицепремиер, Красимир Каракачанов.

Но, „патриот-метарот“ се вклучи од наш терен, а оценките на своја кожа ги почувствуа Васил Гарванлиев, Македонец, но и интернационалец, имајќи предвид колку време поминал и надвор. Би рекле - ништо спорно за човек кого го води музиката, песната, настапите, турнеите.

Но, „прекиот суд" на лиценцираните патриоти не мисли така. Со откопување на неговата ланска изјава дека имал и бугарски пасош (нешто што лани на никого не му било спорно) и со „откривање“ на наводна бугарска тробојка во спотот за неговата евровизиска песна „Here I stand", се крена толкава врева, што Гарванлиев реши со негово видео обраќање да објасни кој е и што е.

Искрен и доблесен потег од него, но во суштина погрешен. Што и да каже, нема да престанат да му ги бројат црвените крвни зрнца, да му роварат по ДНК, така како што на некои им одговара. Погрешно е ако направил измени во спотот за да нѐ убедува во своите намери и чувства. Ако станува збор за уметничко дело, зошто да се правда дека тоа не е бугарско знаме? Ако состојбата треба да се промени, за тоа да се случи треба да и се контрира, а не таа да се конзервира со постојани оправдувања за нештата.

Васил допрва ќе научи дека џунглата на афалтот е различна од светот на музиката. Дека ако победи на Евросонг сигурно ќе биде прогласен за ГОЛЕМ Македонец. А, ако изгуби, ќе биде само лице со бугарски пасош. Таква е диференцијацијата што се прави овде.

„Времето лечи рани, но не и телешки глави“, пееше Дино Дворник во песната „Оди и не свртувај се сине“.

Оди и не свртувај се, Василе. Пеј, натпеј, фрли ја во длабока тишина вревата што сака да и држи лекција на песната, на слободата, на изборот, на правото да се биде, и да се брани тоа. Пеј, и не свртувај се.

 

Поврзана содржина