Одговорноста е најмалата морална сатисфакција за жртвите во катастрофата! | Македонија | DW | 10.08.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Одговорноста е најмалата морална сатисфакција за жртвите во катастрофата!

Ако системот функционираше според напишаното на хартија последиците од големата бура во Македонија сигурно ќе беа многу помали, истакнува Марина Митревска, универзитетски професор по кризен менаџмент и цивилна заштита

ДВ: Професорке Митревска, како гледате на начинот на кој се менаџира актуелната криза?

Митревска: „Она што можам да го кажам врз основа на штурите информации кои ги добиваме од терен е дека ние имаме систем. Но тој систем очигледно е само на парче хартија, а на терен покажува сериозна некоординираност и тоа на сите елементи што го сочинуваат неговиот целокупен безбедносен аспект. Тука се моите главни забелешки. Единствената добра реакција во целата катастрофа е што Владата прогласи кризна состојба. Тоа овозможи да дејствуваат војската и полицијата. Да се расчисти теренот, да се помогне, да се спречат натамошни катастрофи и зарази. Но во делот на ефикасното и ефективно работење на институциите кои имаат ингеренции да се справуваат со последиците од природни катастрофи очигледно дека се затајува“.

ДВ: Но што е со превентивата, затаи ли можеби таа, или сепак природата како што тврдат надлежните е главниот виновник за она што се случи?

Митревска: „Нема никакво оправдување дека се` ова е резултат на природата. Во дел да, тоа држи, но во делот на организацијата и функцијата на системите што ги имаме од аспект на превенција и заштита, дефинитивно дека сериозно се потфрли. Зошто државата дозволува да дојде до толкав број на жртви, ние имаме, или треба да имаме систем кој треба да работи во делот на превенцијата и рано предупредување. Но јас лично не видов дека тој систем функционира и ги предупреди граѓаните дека се очекува таков силено невреме. Дали тие предупредија некаде, јас тоа не го видов.

ДВ: Кој дел од превентивата според Вас најмногу затаи?

Митревска: „Секаде. Затаија во Управата за хидрометеоролошки работи, Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи кои треба да се во постојани контакти. Зошто граѓаните да не се предупредат па и тие самите да помогнат во превенцијата? Зошто се дозволи војската и полицијата да интервенираат доцна? Ако обиколницата е критична, зошто не ја затворија, зошто не предупредија, па таму имаше најмногу жртви. Постојано се зборува дека има инструменти, подготвени активности, превенција и рано предупредување. Зарем никој не знаел дека во тоа кризно место има несредени канали, одводи, каде е тука системот за кој ние секојдневно обезбедуваме пари за тој да работи и да биде функционален“!

Marina Mitrevska, Professor für Krisenmanagement aus Mazedonien

Марина Митревска

ДВ: Каде е тогаш вината, или кој според Вас треба да носи најголема одговорност?

Митревска: „Она што јас како експерт но и како граѓанин на оваа земја во најмала рака би сакала да го видам е еден од тие министри барем да понесе морална одговорност. Во име на 22- те жртви да понесе макар морална одговорност. Каде е градоначалникот на Скопје кој требаше уште дента да поднесе оставка токму заради нефункционирање на системот во градот кој го раководи, а не да се правда дека станувало збор за виша божја сила. Жртвите се огромни за да нема одговорност во институциите, тоа е најмалата морална сатисфакција која е потребна во моментов“.

ДВ: Црниот биланс е веќе огромен, а за жал најверојатно и нема да биде конечен. Се повеќе се слушаат и негодувања дека вистинските бројки дозирано се соопштуваат, па дури и дека се кријат!?

Митревска: „Не сакам да верувам дека се кријат такви информации. Можеби има обид да се ублажи револтот кај граѓаните бидејќи навистина жртвите се многу големи. Ова досега е огромна бројка, 22. загинати, а се уште има исчезнати, тоа е многу. Еден живот е прескап а камоли ова. Но сега да се бројат жртвите е многу грда активност. Сега ни е потребна солидарност. Но дали е ова поука дека системот треба некаде да ја преиспита својата функција, на терен да ја имаме координацијата на сите кои работат во делот на заштита на безбедноста на луѓето. Затоа велам, последиците некој мора да ги понесе, а тоа мора да биде само некој од оние што се во власта“.

ДВ: Дали само персоналните промени се доволни?

Митревска: „Јас постојано предупредувам за она што сме сведоци со години. Како и кои се поставуваат за министри, директори, на функции, луѓе што немаат искуство и знаење. Партиски и неспособни кадри доминираат во институциите и еве ни ги резултатите. Нека биде министерот од политичка партија која ја добила власта, да ја знае политиката, но толку. Нам ни требаат ефикасни институции, кои за жал ги имаме на парче хартија, и еве затаија во клучното. Еве ако ништо повеќе, ако градоначалникот Трајановски не чувствува морална одговорност за да поднесе оставка, барем јавно нека соопшти дека милионите за Панорамското тркало ќе ги пренамени за да се исчистат каналите, да се направат насипи, да се изгради инфраструктура која ќе не заштити од ваквите појави. Барем толку веројатно може!


DW.COM

Реклама