Одбрана на кирилицата од непознат непријател | Информации и анализи за Балкан | DW | 26.09.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Балкан

Одбрана на кирилицата од непознат непријател

Може ли кирилицата во Србија да се зачува од доминацијата на латиницата со наметнување или поттикнување со буџетски пари? Соговорниците на ДВ не се сигурни дека на едно писмо му е потребна таква „одбрана“.

Вечерње новости, заедно со Политика, единствениот голем дневен весник во Србија што се печати на кирилица, забележаа и сопствен триумф во објавувањето на законот за „зачувување на кирилицата“. Во еден текст, весникот наведува дека со години ја следел „неизвесната судбина“ на писмото што е „пред изумирање“ и иницираше и „акција“ во која „водечките српски лингвисти, писатели, професори, академици“ се изјаснија за кирилицата. 

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, неодамна му го претстави нацрт -законот за кирилско писмо на членот на Претседателството на БиХ, Милорад Додик. Истиот закон - или речиси ист, којшто треба да биде во согласност со два различни устави -  Србија и Република Српска треба да го усвојат на 15 септември. На тој датум, во 1918 година беше пробиен Солунскиот фронт, а од минатата година беше означен како Ден на српското единство, слобода и национално знаме. 

Во четвртокот на 2 септември, Министерството за култура и информации потврди дека српската влада усвоила законски предлог за проширување на опсегот на субјекти коишто мора да користат кирилица: освен државните органи и јавните претпријатија, сега тоа ќе важи и за сите оние кои што работат со мнозинско учество во јавниот капитал. Културните манифестации коишто конкурираат за буџетски пари ќе мора да имаат лого на кирилица. 

Serbien Milorad Dodik & Aleksandar Vucic

Милорад Додик и Александар Вучиќ

Усвојувањето на законот беше потврдено и од Владата на Република Српска. Најинтересниот дел од законот може да биде оној што гарантира даночни или други поволности за оние „кои ќе одлучат да користат кирилица во нивната работа и бизнис“. Тука се вклучени и медиумите, па наскоро бдеењето над неизвесната судбина“на писмото  на Вечерње новости би можело и финансиски да му се исплати.  

Пари за кирилица

Заменик -градоначалникот на Белград, Горан Весиќ, се пофали дека е пионер во овој потфат, така што во главниот град од пред три години, компаниите коишто истакнуваат кириличен натпис имаат пет проценти попуст на даноците. 

„Мојот услов за време на преговорите со Старбакс беше дека натписот, покрај оној на латиница, треба да биде и на кирилица“, рече Весиќ еднаш за доаѓањето на американската франшиза позната по скапите кафе пијалаци. 

На прашањето дали финансиските стимулации се погодна алатка за зачувување на азбуката, писателот Владимир Табашевиќ одговори: „Ако нашата национална гордост и општествено битие се задоволни со фактот дека компанијатаво којашто сме вработени се изборила за подобри услови за работа преку таквата (зло)употреба на кирилицата, а не за тоа калкави се платите на вработените, какви се условите за работа, тоа зборува за нашиот капацитет да го разликуваме важното од ирелевантното “. 

Иако ќе биде тешко да се најдат луѓе во Србија или во Република Српска кои не владеат подеднакво добро со двете писма, борбата за „зачувување на кирилицата“ добива епски набој. 

„Така, постојат оние кириличари, чиј цел патриотизам завршува со пркосно кириличарење, во погрешно користење на таа азбука, како и оние латиничари, кои погрешно веруваат дека се поголеми граѓани на светот, ако ја мразат кирилицата“, рече Табашевиќ за ДВ. 

„Во таа смисла, неповолните околности за кирилицата се токму во фактот што нејзината симболична функција пресудно ја одредува нејзината практична функција“, додава овој добитник на наградата на НИН.  

Serbischer Schriftsteller Vladimir Tabasevic

Владимир Табашевиќ

Латинскиот е поисплатлив

Говорејќи за практичноста, Табашевиќ не го крие „интересот“ со својата, како што иронично вели, „нечитлива проза“ да биде достапен и за оние кои не користат кирилица. Затоа неговите книги, објавени од Лагуна, беа отпечатени на латиница. 

Издавачот за ДВ наведува дека книги за деца се печатат на кирилица, оние за тинејџери на двете писма  и дека домашните автори на литература за возрасни „само го избираат писмото на кое ќе се печати нивното дело“. 

Преводите што сочинуваат 60 проценти од понудата на Лагуна се претежно на латиница. Според нив, тие имаат читатели во регионот и во дијаспората, кои често не владеат со кирилица, а латиницата нуди и поголем број фонтови. „Веруваме дека нашите публикации се објавени на добар, точен и литературен српски јазик и дека овој квалитет може подеднакво или можеби повеќе да придонесе за зачувување на српскиот јазик отколку фонтот во кој се печатат книгите“. 

Медиумската група Адриа, која го издава таблоидот Курир и повеќе списанија - сите на латиница - наведува дека „ја поздравуваат иницијативата за заштита на кирилицата и ќе ја поддржат колку што е можно повеќе“, но не одговараат конкретно на прашањето на ДВ дали ќе преминат на кирилица доколку тоа донесе даночно олеснување за медиумите или биде услов за конкурси кофинансирани од државата.
Веjко Лалиќ, главен и одговорен уредник на списанието „Недељник“, категорично вели дека латиницата може да ја прочита цела поранешна Југославија, како и дијаспората, додека кирилицата би ја преполовила потенцијалната публика. „За нас, кои инвестираме најмногу во дигиталното издание и што имаме читатели во секој дел од светот, тоа е најважно“. 

„Не ја разбирам одбраната на кирилицата, особено кога никој не ја напаѓа. Кирилицата е модерна, во последно време дури и хипстерска, а единственото нешто што може да и се закани е таа насилна одбрана или мешање на државата“, додаде Лалиќ за ДВ. 

Symbolbild | Serbische Bücher

Досегашни добитници на наградата на НИН

А одбраната на пишаниот збор? 

Оние кои се задоволни со новиот закон потсетуваат дека кирилицата ја губи битката со времето. Уште во 2014 година, истражувањето на агенцијата Open Source покажа дека 47 проценти од испитаниците пишуваат на латиница, а 36 проценти на кирилица (останатите ги користат двете писма). За разлика од тинејџерите, каде што писмата се изедначени, младите луѓе во дваесеттите години користат латиница многу почесто (65 наспроти 18 проценти), додека кирилицата доминираше само кај постарите од 60 години. 

Интернетот, социјалните мрежи и сеприсутните англицизми се тег на вагата што може долгорочно да ја измести кирилицата, велат некои. Други тврдат дека тоа е невозможно се додека кирилицата е првата азбука што се учи во училиштата. 

На другите им пречи фактот дека одбраната на кирилицата се вклопува во политиката на Вучиќ да го брани она што никој не го напаѓа и што е неспорно, како на пример Стефан Немања на кого му беше подигнат споменик или правото да се зборува за страдањата на Србите во Јасеновац, за што е снимен филм со државни пари. 

Кога некому не му се допаѓа изведбата, или, на пример, прашува колку чини споменикот и зошто железничката станица зад него е преместена на периферијата, тој лесно и брзо станува обвинет дека се противи на „се што е српско“. 

„Проблемот на нашите простори и политики што се водат е дека упорно старите проблеми се сервираат како да имаат ново значење. Доаѓаат генерации на кои не сакаат да бидат заробени во тој маѓепсан круг“, смета Владимир Табашевиќ

„Тие користат емотикони, се скратуваат, класичните писма не ги интересираат, времето истекува, нема време за дијакритика, нема време за цели зборови, аудио-визуелните содржини на кои се изложени одлучуваат за степенот на афектираност и буквите се само за да се следи визуелната содржина што ја пренесува емоцијата, но - и тоа е суштинското прашање според мене - зборовите, пишаните зборови, престануваат да имаат моќ да соопштуваат внатрешни, душевни случувања и состојби, а фотографијата има предност, и на нас што се држиме до пишаните зборови, останува да ја осмислиме и да ја обезбедиме нивната иднина“, додава овој писател.

 

DW.COM