Објектот на А1 под полициска блокада | Македонија | DW | 26.11.2010
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Објектот на А1 под полициска блокада

Македонската телевизија А1 вчера (25.11.10) беше блокирана од полиција. МВР соопшти дека станува збор за полициска асистенција на инспекторите на УЈП. А1 тврди дека станува збор за политички притисок.

default

Тензична атмосфера на раб на ескалација предизвика полициската блокада на објектот во кој се наоѓа телевизијата А1. Полициски тимови вчера вечер (25.11.10) ги блокираа влезовите на Националната телевизија, новинарите тврдат дека е извршен упад во медиумот, МВР пак дека станувало збор за асистенција на финансиската полиција, која од вчера претпладнето е во контрола на дел од фирмите на сопственикот на А1 Велија Рамковски.

Чадиковски: силен притисок врз новинарите и А1 телевизија

Polizei und Bürger vor dem Fernsehsender A1 in Skopje

Уредниците револтирани што полицијата го попречила влезот на новинарите во сопствената редакција и вршела нивно легитимирање. Дел од нив се пожалија и на полициска бруталност: „Ова го толкувам како еден силен притисок врз нас новинарите и врз А1 телевизија која што е единствен телевизиски демократски столб во моментов. Сакаме да знаеме што се случува и зошто ни е попречено слободното движење. За оваа ситуација ќе ги информираме меѓународните институции, ова вака не може да остане, а во исто време ја повикуваме цела демократска јавност да застане зад нас бидејќи во вакви услови неможе да се работи“, изјави Младен Чадиковски, главен и одговорен уредник на телевизијата.

МВР тврди дека станува збор за полициска асистенција побарана од инспекторите на УЈП

Innenministerium Mazedonien

МВР

Од МВР тврдат дека во А1 не бил извршен упад ниту притисок туку само асистенција на инспекторите кои со судска наредба ја чешлале финансиската документација на фирмите кои биле на иста адреса со А1, но не и на самата телевизија: „Во моето јавување во А1 се обидов да им објаснам дека не станува збор за контрола на телевизијата туку напротив за контрола на други фирми кои немаат допирни точки со медиуми. Истото тоа соопштение МВР го објави до сите медиуми можеби еден час претходно, но тоа ниту беше објавено на А1 ниту покажаа интерес за тоа“, изјави портпаролот на МВР Иво Котевски.

Од УЈП се сомневаат дека преку дел од фирмите на Рамковски биле одлеани милионски суми во странство: „Се сомневаме за неосновано одлевање на капитал во странство од овие фирми во износ од цирка седум ипол милиони евра. Тоа е нашето сознание. Преку контрола на други деловни субјекти и деловните односи меѓу тие фирми дали е тоа вистина или не треба да го овозможи токму оваа контрола“, изјави првиот човек на Управата за јавни приходи Горан Трајковски доцна синоќа за телевизијата Канал 5.

Полициската интервенција испровоцира жестоки реакции на политичари од опозицијата, новинари, експерти и претставници на невладиниот сектор кои ја обвинија власта за брутален атак врз слободата на говорот и демократијата во Македонија.

Автор: Костадин Делимитов

Редактор: Александра Трајковска