Објавен договорот со „Фајзер“, пристигнуваат 21.000 вакцини во март | Северна Македонија | DW | 04.03.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Објавен договорот со „Фајзер“, пристигнуваат 21.000 вакцини во март

Премиерот Зоран Заев вели дека земјата досега има нарачано 2,5 милиони дози од различни производители

До крајот на март во С. Македонија треба да пристигнат 21.000 дози вакцини обезбедени преку директни преговори со компанијата „Фајзер“. Ова се последните најави на премиерот Зоран Заев, откако не се исполнија очекувањата за набавка на вакцини во февруари, кога требаше да започне имунизацијата на населението против Ковид-19. Надлежните соопштија делови од договорот со „Фајзер“ за испорака на вакцините во текот на цела 2021 година. Производителот „Фајзер-Бионтек“ во 2021 година на Р.С. Македонија ќе и испорача 800.280 дози вакцини. Испораката на вакцините ќе се одвива во 4 квартали, а првата достава ќе се случи во март, информираше Министерството за здравство. 

Нарачани 2,5 милиони дози

Премиерот Зоран Заев вели дека земјата досега има нарачано 2,5 милиони дози од различни производители. „Во вториот квартал од годината ќе добиеме поголеми количини. Не се работи за несериозност, знае нашиот народ дека се работи за недостиг на вакцини во целиот свет. Сакам да ги уверам граѓаните дека, ние како Влада, имаме направено повеќе од тоа што треба за да ги обезбедиме потребните количини“, изјави Заев по увидот во почеток на изградба на далекуводот Штип - Овче Поле.

Nord-Mazedonien PK Premierminister Zoran Zaev

Не сме несериозни во набавката на вакцини, вели Заев.


С. Македонија има нарачано 800.000 од „Фајзер“, 833.000 дози преку Ковакс механизмот, потоа 400.000 од Кина и 200.000 вакцини од Русија. Исто така се очекуваат и дополнителни вакцини од ЕУ преку грантот од 70 милиони евра за Западен Балкан, како и најавени донации од соседните земји. За имунизација на населението треба да се вакцинираат еден милион граѓани.

-повеќе на темата: Ковид-19: Ни требаат ли нови вакцини?

Вакцините на производителот „Фајзер-Бионтек“ се спакувани во повеќедозажни вијали, од една вијала се вадат 6 дози вакцини. Вакцината се чува и дистрибуира на -70 степени, во обичен фрижидер од 2 до 8 степени може да стои 5 дена, а растворена може да се чува 6 часа. Според Министерството за здравство, здравствениот систем е целосно подготвен за прием и спроведување на вакцинација. 
Со вакцината на производителот „Фајзер-Бионтек“, веќе неколку недели се врши имунизација на здравствените работници коишто се во првите редови во борбата со Ковид-19. Досега се вакцинирани над 3.000 медицински лица со 8.000 дози вакцини добиени од Србија. За вакцинација преку веб-страницата „ vakcinacija.mk“ досега се пријавиле 72.800 граѓани, а 47.569 преку матичен лекар.

Расте бројот на заболени

Во исчекување на имунизацијата на населението, расте бројот на заболени, но и починати во земјата. За една недела бројот на новозаболени од Ковид-19 е зголемен за 56.4 отсто во споредба со претходната недела, Од 22 до 28 февруари регистрирани се 3.628 нови позитивни случаи од 32 градови во државата, се наведува во Извештајот на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). 

-повеќе на темата: Коронавирусот можеби никогаш нема да замине, но ќе стане безопасен

Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје. Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60  години. Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 и 10-19 години. Пријавени се 69 смртни случаи од 20 градови, за еден случај помалку во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 60 лица биле над 60 години, 5 лица на возраст од 50-59 години, 3 лица на возраст од 40-49 години и едно лице на возраст од 30-39 години.