ОБСЕ/ОДИХР: Избори во атмосфера на недоверба во институциите | Македонија | DW | 12.12.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

ОБСЕ/ОДИХР: Избори во атмосфера на недоверба во институциите

Во текот на целата кампања имаше наводи за заплашување гласачи, притисок врз јавните службеници, купување гласови, принуда и злоупотреба на административни ресурси, оцени Меѓународната набљудувачка мисија за изборите.

Во извештајот за изборите во Македонија на 16 страници Набљудувачката мисија за избори на ОБСЕ/ОДИХР оценува дека иако основните слободи биле генерално почитувани и учесниците во изборниот процес слободно ги воделе своите кампањи, изборите „се одвиваа во атмосфера на недоверба на јавноста во институциите и политичкото уредување. Наводи за заплашување гласачи, широко застапен притисок врз јавните службеници, купување гласови, принуда и злоупотреба на административни ресурси беа присутни во текот на целата кампања... Таквите дејства се спротивни на заложбите на ОБСЕ и стандардите на Советот на Европа", се вели меѓу другото во извештајот.

Денот на изборите, според ОБСР/ОДИХР, минал „мирно и без поголеми инциденти, иако беа забележани процедурални нерегуларности, особено при броењето".

Не секогаш транспарентна ДИК

„Набљудувачите забележаа и голем број лица на кои не им беше овозможено да гласаат поради тоа што биле избришани од гласачкиот список... Подготовките на Државната изборна комисија (ДИК) за изборите беа попречени од неефикасната внатрешна организација, политизирано носење одлуки и скратените законски рокови. Неколку рокови беа пробиени и некои процедури не беа докрај разјаснети. Активностите на ДИК не беа секогаш транспарентни, бидејќи често одржуваше седници зад затворени врати и не секогаш ги објавуваше своите одлуки. Комисиите на пониско ниво генерално беа професионални во своето работење, иако на некои им недостасуваше соодветен простор, навремено финансирање и опрема. Вкупно, 1.784.416 гласачи беа регистрирани. Како одговор на долгогодишната недоверба во точноста на избирачкиот список, за првпат ДИК го прегледа регистарот на гласачи по пат на вкрстена проверка на неколку бази на податоци и теренски проверки. Ваквите проверки не гарантираат долгорочно подобрување, бидејќи се направени само за овие избори. Законските и структурните недостатоци на водењето на регистарот на гласачи останува да се решаваат. Процесот на проверка ја подобри точноста на избирачкиот список, но се чини дека доведе до одземање на можноста на некои граѓани да гласаат на овие избори", констатира Меѓународната набљудувачка мисија. 

Значително пречекорени буџети за кампањи

Во извештајот, ОБСЕ/ОДИХР се осврнува и на финансирањето на кампањите, па констатира дека „регулативите за финансирање на кампањите се сеопфатни и предвидуваат постојано известување од страна на учесниците во изборниот процес. Меѓутоа, транспарентноста е намалена поради непостоењето обврска за учесниците во изборниот процес да приложат банкарски изводи и сметки со извештаите. Извештаите поднесени од страна на учесниците во изборниот процес на 1 и 10 декември покажуваат значителни надминувања на буџетот, особено од страна на Внатрешната Македонска Револуционерна Организација - Демократска Партија за Македонско Национално Единство (ВМРО-ДПМНЕ)".

Во делот за медиумите, во извештајот се наведува дека „разноликата медиумска сцена е поделена по политичка и етничка линија. Учесниците во изборниот процес можеа да ги водат своите кампањи на јавните и приватните медиуми преку платено и бесплатно политичко рекламирање. Набљудувањето на медиумите од страна на НМИ на ОБСЕ/ОДИХР покажа дека јавните медиуми во најголем дел им обезбедиле на учесниците во изборниот процес рамномерно покривање во вестите. Некои од набљудуваните приватни медиуми покажале пристрасност кон владејачката партија. Голем број соговорници, вклучувајќи и новинари, изразија загриженост за самоцензурата и уредувачката независност поради политичките и бизнис интересите наклонети кон владејачките партии. Иако последните измени и дополнувања забрануваат владини реклами и покривање на државни функционери за време на кампањата, суштинските медиумски реформи предвидени со Пржинскиот договор сè уште не се имплементирани“, се вели меѓу другото во опширниот извештај на Набљудувачката мисија за избори на ОБСЕ/ОДИХР.

 

Реклама