ОБСЕ критикува дека Турција не соработува | Свет | DW | 19.04.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

ОБСЕ критикува дека Турција не соработува

Набљудувачите на ОБСЕ ја обвинуваат турската влада дека нема желба за соработка при расчистувањата на обвиненијата за манипулации на референдумот.

Раководителот на набљудувачката мисија на ОБСЕ во Турција, Михаел Линк, за „Редакциска Мрежа Германија“ изјави дека раководството во Анкара не покажува волја за соработка со цел да се отстранат сомнежите и расчистат обвиненијата за манипулации во текот на референдумот за уставни промени. Изјавите на турската изборна комисија, која веднаш категорично ги отфрли сите обвинувања, зборуваат „доволно јасно“, оцени Линк. Тој ги отфрли тврдењата на турската страна за пристрасност на набљудувачите. „Јавно изнесените сомнежи во нашата неутралност се недвосмислено политички мотивирани“, изјави Линк, кој инаку е раководител на Канцеларијата за демократски институции и човекови права во ОБСЕ.

Меѓународната набљудувачка мисија на ОБСЕ и на Советот на Европа, составена од 63 набљудувачи од 26 земји, уште во понеделникот изрази остри критики за текот на гласањето. Линк потврди дека Врховната изборна комисија на Турција очигледно ги прекршила законите. „Одлуката на изборната комисија, донесена во последен момент, да се прифатат за важечки гласачки ливчиња кои немале воопшто печат или пак тоа било направено погрешно, е прекршување на турските закони.“

Претставникот на ОБСЕ подвлекува дека националните и меѓународни стандарди не се почитувале и пред референдумот. „Во текот на кампањата имаше јасно запоставување на НЕ-таборот. Друг сериозен проблем беше и е ограничувањето на слободата на печатот.“ По референдумот набљудувачите се жалеле на попречување на нивната работа од страна на полицијата. Набљудувањето на пребројувањето на гласачките ливчиња било можно само донекаде, се вели од ОБСЕ.

Протестите продолжуваат

Во Турција и во текот на вчерашниот ден илјадници луѓе протестираа против исходот од референдумот. Демонстрации имаше во Истанбул, Анкара, Измир и Ескишехир. Пред врховната изборна комисија во Анкара луѓето чекаа во редици за нивните лични барања за анулирање на резултатите од референдумот да влезат во протокол.

Таборот на претседателот Реџеп Таип Ердоган освои тесно мнозинство на референдумот за уставни промени - 51,4%. Според плановите, во ноември 2019 година би требало првпат да се гласа истовремено за претседател и за парламент во земјата. Во случај на победа на Ердоган, претседателот би бил и шеф на владата. Опозицијата смета дека земјата е на пат кон диктатура.

 

DW.COM

Реклама