ОБСЕ: Изборите ефикасни, кампањата под стандардите | Северна Македонија | DW | 28.04.2014
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

ОБСЕ: Изборите ефикасни, кампањата под стандардите

Преодна оценка за гласањето, критики за кампањата, жалење за одлуката на СДСМ. ОБСЕ/ОДИХР повика да се напушти бојкотот и фокусот да се насочи кон стратешките интереси.

„Недостатоците во текот на кампањата фрлија сенка на генерално добро спроведениот изборен ден“. Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР даде преодна оценка за денот на гласање но повторно изнесе серија критики околу предизборната кампања и начинот на известување на медиумите. Странските набљудувачи генерално се задоволни од вчерашната слика на терен, но не и од периодот помеѓу двата изборни круга.

„Вчерашните избори беа спроведени ефикасно и изборниот ден помина непречено. Сепак изборната кампања на владејачката партија не успеа соодветно да ги одвои партиските од државните активности. Нашите набљудувачи добиваа извештаи за заплашување на гласачите во периодот на кампањата, а морам да забележам и дека главната албанска политичка партија која е дел од власта продолжи со бојкотот на претседателските избори и со притисок врз гласачите Aлбанци да не гласаат за претседател“, изјави Кристин Мутонен, специјален координатор на краткорочната набљудувачка мисија на ОБСЕ.

„Во предизборниот период не се исполнија главните заложби на ОБСЕ вклучувајќи ги и оние за одвоеноста на државата и партијата, обезбедување рамноправен изборен натпревар, неутралноста на медиумите, точноста на избирачкиот список и можноста за правен лек по пат на ефективна жалбена постапка. Сето ова го засени изборниот ден кој што ги исполни заложбите и помина во мирна атмосфера“, изјави амбасадорот Герт Аренс, шеф на набљудувачката мисија на канцеларијата ОБСЕ/ОДИХР.

Меѓународните набљудувачи изразија жалење, но и критики заради одлуката на опозицискиот блок предводен од СДСМ за непризнавање на изборните резултати. Предупредија дека бојкотот е лошо решение за демократијата и апелираа на политичка зрелост во носењето на одлуките во наредниот период.

„Демократијата без опозиција и парламент без опозиција е слаба демократија. Концептот на демократијата не се состои само од тоа што се случува на денот на изборите туку е многу важно и она што се случува по изборите. Имав можност да ги прочитам програмите на партиите и се чини дека има одредени точки околу кои што има поклопување и политичките партии треба да работат околу заедничките интереси. Сите одговорни политички актери мора да разберат дека стабилноста на земјата е главен императив. Јас ги разбирам емоциите на изборниот момент, но треба да се разбере кој е заедничкиот интерес. Кога го велам тоа мислам на интересот на народот на Република Македонија и затоа овој мој апел е упатен до сите. И до политичките партии, до медиумите, невладините организации“, предупреди Изабел Сантош шеф на Делегацијата на Парламентарното собрание на ОБСЕ.

На сериозност, но и политичко единство соработка околу клучните интереси повика и Кристин Мутонен: „Генерално бојкотот не е пожелен инструмент и не придонесува за напредок на земјата. Од она што слушнав, се чини дека постојат неколку интереси што се заеднички за сите, а тоа се членството во ЕУ и НАТО. Мислам дека околу тие интереси опозицијата и власта треба да направат политички напори за да се обезбеди напредок на овој план“, изјави Мутонен.

Инаку речиси идентично како и по првиот круг гласање, меѓународните набљудувачи испратија сериозни забелешки за работата на медиумите. Мониторингот на покажал дека најголем дел од медиумите биле пристрасни во корист на владејачката партија и актуелниот претседател и кандидат за шеф на државата, додека пак за активностите на опозицијата главно се известувало со негативен тон. Во вакви услови од ОБСЕ/ОДИХР повикаа дека е неопходно сите учесници во процесот сериозно да ги разгледаат ваквите наводи и да работат на создавање услови за послободна и непристрасна медиумска средина. Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР ќе остане во Македонија и во наредните десетина денови за да го набљудува постизборниот процес. Финалниот извештај за претседателските и парламентарни избори ќе биде објавен за осум недели.

Поврзана содржина