Според досегашните информации од локалните власти во погодените области во Авганистан, најмалку 920 луѓе загинале во силниот земјотрес почувствуван во авганистанско-пакистанскиот пограничен регион. Уште најмалку 600 лица се повредени во земјотресот во провинцијата Пактика, јави авганистанската државна новинска агенција Бахтар.
Земјотресот за кој најнапред беше јавено дека имал интензитет од 6,1 степени по Рихтеровата скала во средата во раните утрински часови ги погоди густо населените Авганистан и Пакистан.
Американскиот геолошки завод (УСГС) пак подоцна објави дека земјотресот имал интензитет од 5,9 степени. Според УСГС, епицентарот на земјотресот бил на околу 50 километри југозападно од градот Хост во близина на границата со Пакистан на длабочина од околу десет километри.
Спасувачите од Црвената полумесечнина се упатуваат во погодените региони во Авганистан
„За жал, минатата ноќ дојде до силен земјотрес во четри области во провинцијата Пактика, во кој настрадаа и се повредени стотици наши сограѓани и уништени се десетици куќи“, напиша на Твитер Милал Карими, портпарол на владата.
Тој ги повика сите итни служби веднаш да испратат екипи на терен за да се спречи натамошна катастрофа.
Поголемиот број смртни случаи се забележани во покраината Пактика, рече Мохамад Насим Хакани, челник на талибанската влада за управување со катастрофи.
Починати има и во источните покраини Нангархара и Кос, додаде тој.
Земјотресот се почувствувал во распон од околу 500 километри во Пакистан, Авганистан и во Индија, соопшти Европскиот медитерански сеизмолошки центар.
-
Земјотреси кои го потресоа светот
Централна Италија во рушевини
Последниот голем земјотрес во Европа се случи во централна Италија. Земјотресот кој удри на 24 август годинава однесе 256 животи, и остави повеќе од 40 илјади луѓе без покрив над главата.
-
Земјотреси кои го потресоа светот
Лабрадорот Лео
Лабрадорот Лео беше поздравен од папата Франциско на 3 септември годинава за време на беатификацијата на Мајка Тереза. Лабрадорот стана инстант-херој откако во урнатините од земјотресот пронајде четиригодишно дете.
-
Земјотреси кои го потресоа светот
Танзанија
Земјотрес со јачина од 5,7 степени го погоди северозападниот регион на Танзанија на 10 септември годинава. Во катастрофата загинаа најмалку 16 луѓе, а 250 беа повредени.
-
Земјотреси кои го потресоа светот
Вежби за децата во Јапонија
Јапонија е екстремно трустно подрачје, и во минатото честопати беше погодувана од силни земјотреси. На 1 септември секоја година, кога се одбележува годишнината од големиот земјотрес од 1923 година, децата во основните училишта учествуваат во специјални вежби за заштита при земјотрес.
-
Земјотреси кои го потресоа светот
Потрага по најблиските (Беичуан, Кина)
Мајка го оплакува својот син кој загина во катастрофалниот земјотрес кој ја погоди провинцијата Сичуан во Кина на 19 август 2008 година. Повеќе од 1,500 ученици и учители загинаа во земјотресот, кој севкупно однесе 69 илјади човечки животи.
-
Земјотреси кои го потресоа светот
Катастрофата во Хаити
На 12 јануари 2010 година, Хаити беше погоден од катастрофален земјотрес со магнитуда од 7 степени. Над 200 илјади луѓе загинаа во природната катастрофа, а речиси три милиони луѓе беа погодени. Главниот град Порт-о- Принс беше срамнет со земја.
-
Земјотреси кои го потресоа светот
Земјотресот во Суматра
На 26 декември 2004 година разурнувачки земјотрес со јачина од 9,2 степени го погоди западниот брег на Суматра, во Индискиот Океан. Земјотресот и бројните цунами бранови кои се подигнаа како последица од него однесоа 230 илјади животи во 14 земји. Тоа е третиот најсилен земјотрес забележан во историјата и истовремено, удар со најдолго траење- меѓу 8 и 10 минути.
-
Земјотреси кои го потресоа светот
Музафарабад, Кашмир
Потресот чиј епицентар беше кај градот Музафарабад во Пакистан во октомври 2005 година опфати регион од 30 илјади квадратни километри. Во непосредната околина загинаа 84 илјади луѓе. Земјотресот беше со јачина од 7,6 степени.
-
Земјотреси кои го потресоа светот
Л' Аквила- земјотрес и одговорност
Земјотресот во Л'Аквила, во централна Италија од 6 април 2009 година, однесе 308 човечки животи. Бројни контроверзи следеа по катастрофата, откако 6 научници и еден државен службеник беа осудени на затворски казни поради тоа што не предупредиле на опасноста од земјотресот. Во 2014 година, пресудите на научниците им беа укинати.
Автор: Б. Георгиевски
Земјотресите не се невообичаени во Авганистан и особено во планинскиот венец Хиндукуш. Штетата е често поразителна поради лошата градба на многу авганистански куќи. На ова се додава фактот дека хуманитарната ситуација во Авганистан е катастрофална како резултат на повлекувањето на западните трупи и преземањето на власта од страна на радикалните исламски талибанци во минатата година. Има недостиг од храна и лекови.