Обединетите Нации се беспомошни во новиот свет | Свет | DW | 23.09.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Обединетите Нации се беспомошни во новиот свет

Судирот околу нападот врз хуманитарниот конвој во Сирија покажува дека ОН немаат стратегија за да им помогнат на луѓето во воените региони. Германија би можела да игра сѐ поважна улога, оценува Инес Пол.

Обединетите Нации се исцрпени. Структурите на организацијата не се во чекор со времето. Тие веќе не одговараат на еден свет, во кој конфликтите веќе не се одвиваат долж границите, во кој има борба за доминација на идеологии, а не за освојување територии. Вербалните напади на американскиот министер за надворешни работи Џон Кери против неговиот руски колега Сергеј Лавров сега се и видео-доказ за светот: Бирократската џиновска организација веќе не знае што може да направи за да им помогне на Сиријците.

Бомбардирањето на хуманитарните конвои, кои требаше да им донесат малку олеснување на илјадници луѓе, е ужасен доказ дека сите преговори и напори на крајот не донесоа ништо. Дека луѓето и натаму умираат, секој ден, секоја ноќ. Умираат и сега, во овој момент, додека ги читате овие редови.

DW Mitarbeiterin Ines Pohl

Инес Пол

Искуства од Втората светска војна

Кога во 1945 година беа основани ОН, светот беше сосема поинаков. Искуствата од Втората светска војна беа свежи. За да се спречи нешто слично во иднина, беа создадени соодветни структури. За одделни суперсили да не станат пресилни, право на вето им е дадено на пет постојани членки на Советот за безбедност. Денес важни економски сили, како Бразил и Индија, немаат место на големата маса. Повоена Германија дури во 1973 година стана воопшто членка на ОН.

Во суштината на оваа структура не се промени многу. Сѐ уште една земја како Русија или Кина или САД можат секој заклучок донесен со мнозинство гласови едноставно да го спречат со своето вето. Тоа се однесува и на изборот на Генерален секретар на ОН. И тука структурата е таа која спречува избор на некој маж или жена со јасна, храбра визија да застане на врвот. На крајот, секогаш се „протнува“ некој кандидат кој е некакво средно решение и со кој ќе бидат некако задоволни сите, а кој во жешки дебати околу некој проблем нема да може да заземе цврст став, затоа што тоа не смее.

Нема сила за обнова

Значи, институцијата која во свет на тероризам, на распаѓање на држави и структури, е поважна од кога и да е досега, нема храброст ниту сила да се обнови со сопствени сили. Меѓу другото и затоа што силите победнички во Втората светска војна не сакаат да признаат дека не можат самите да најдат решенија за конфликти како оној во Сирија и дека мора да предадат дел од моќта за Генералното собрание на ОН да стане навистина моќен инструмент за разбирање на народите.

Со настапувањето на ново ледено доба меѓу Русија и САД се чини ваква една реформа е уште подалеку отколку досега. И тоа токму пред очите на еден американски претседател како Барак Обама, кој рано сфати дека досегашните суперсили нема да можат да победат во новата војна на идеологии без да биде вклучен новиот свет.

Улогата на Германија станува поважна

Среде ваквата безизлезна ситуација, Германија поднесува барање од 2019-та да биде повторно примена за непостојана членка на Советот за безбедност на ОН за период од две години. Шансите не се лоши. Во најмала рака, на конфликтот во Украина Берлин покажа дека е во состојба да посредува. Инсајдерите кои не сакаат сосема да се откажат од надежта, велат и дека Германија, која е четврт по големина плаќач во ОН, некогаш би можела да напредува во постојана членка на СБ.

Дали тоа би помогнало? Не останува ништо друго, совен постојано да се има на ум дека сѐ уште е подобро кога политичарите врескаат едни на други, отколку кога воопшто не разговараат и кога во нивно име зборува оружјето.

И, на крајот, ова Генерално собрание на ОН уште еднаш покажа дека Германија во големиот светски театар мора да дејствува и во сопствен интерес. Сирискиот конфликт е само еден брутален доказ дека денес и далечните конфликти некогаш стигнуваат пред сопствената врата.

DW.COM

Реклама