Обвинувања за сквернавање на бугарски гробишта во Кавадаречко | Северна Македонија | DW | 14.10.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Обвинувања за сквернавање на бугарски гробишта во Кавадаречко

Заради изградба на пат, наводно биле осквернавени бугарски воени гробишта, а бугарските власти не биле информирани. Надлежните ќе ги проверуваат наводите, кои ги објави бугарскиот весник Труд.

Бугарски весници на продажба во киоск во Софија

Бугарски весници на продажба во киоск во Софија

Коските на речиси 400 бугарски војници кои загинале во Првата светска војна, биле „изринати“ од две поголеми парцели на гробишта, поради изградба на пат кај селото Дреново, во близина на Кавадарци, објави бугарскиот весник Труд. Двете локации на бугарските воени гробишта во реонот на Дреново биле оддалечени една од друга еден километар, а според весникот потпаднале под теренот за патот.

„Во секоја од нив се закопани по речиси 200 бугарски војници и офицери. Таму има спомен обележја и две камени пирамиди за вечно сеќавање од бугарската држава, подигнати во 1916 година. Погребаните се загинати Бугари во периодот 1913-1915 година и се припадници на 8-та пешадиска Тунџанска дивизија со центар во Стара Загора и Хасково“, пишува Труд.

Весникот го пренесува ставот на претседателот на Фондацијата „Македонија“, Виктор Стојанов, според кој, македонските власти не го известиле Министерството за одбрана во Софија за нивната намера да ги уништат коските на загинатите Бугари. Исто така, тие не ја известиле и Бугарската православна црква, за да се направи опело и коските да бидат преместени на друго место со православен ритуал. Од име на Фондацијата „Македонија", Стојанов подготвувал протестно писмо до властите во РСМ, бугарската амбасада во Скопје и Обединетите нации.

Бугарскиот весник Труд

Бугарскиот весник Труд

Писмо до ЕК

Надлежни со кои разговараше ДВ, велат дека немаат никакви информации дека се случило такво нешто, но најавија дека ќе ги испитаат посочените наводи.

На фотографија што ја објави Труд, се гледа трасиран пат и раскопана земја во непосредна близина на споменик, кој самиот не е засегнат од градежните активности. Во просторот пред него има заштитна лента, со која тој е одвоен од трасата на која се гради пат.

Повеќе: Нова рунда преговори - нова надеж за односите меѓу Скопје и Софија

Но, по медиумските наводи, Ангел Џамбаски, бугарски европратеник и потпретседател на ВМРО-БНД, веднаш ја предупредил ЕК и претседателката Урсула фон дер Лајен за сквернавење на бугарските гробови поради изградба на пат во Северна Македонија.

„Потсетувам дека согласно со Женевската конвенција, секоја држава има право на свои воени гробишта и споменици на територијата на друга земја, без оглед на причината за војната, со исклучок на случаи кога станува збор за воени злосторници докажани од меѓународен суд. (...) Ова е продолжение на таа мрачна политика на југословенските комунисти за рушење и уништување на сѐ што е бугарско - од јазикот до храмовите и спомениците. Не можеме да дозволиме Република Северна Македонија да влезе во ЕУ. Оваа земја и нејзините институции се последниот бастион на југословенскиот комунизам", го пренесе Труд она што го напишал Џамбаски во писмото.

Од Европската Комисија тој побарал и одговори: кога ЕК ќе преземе конкретни дејства за зачувување на културно историско наследство на Бугарија во Северна Македонија, и дали ЕК во извештајот за РСМ ќе ги вклучи случаите на бришење на бугарското наследство.

Знамињата на ЕУ и Бугарија на зграда во Софија

Знамињата на ЕУ и Бугарија на зграда во Софија

„Сега е моментот“

Ова не е единствено обвинување кон РСМ во последниов период. Вчера претходеше и апел од македонски Бугари до властите во Софија, во кој велат дека „јасниот и принципиелен став изразен од Бугарија дека РСМ може да започне преговори само откако ќе ги реши проблемите на еднаквоста, јазикот, традициите, историјата, спомениците и се друго поврзано со нивниот бугарски идентитет, е зрак на спасувачка надеж и единствен начин за помирување".

Петар Колев, претседател на партијата Граѓанско-демократската унија (ГДУ) и еден од потписниците на апелот, вели дека „сега е моментот“ да се побара рамноправност и промена на македонскиот Устав, во кој бугарскиот народ треба да влезе како државотворен народ во РСМ.

„Наближуваат избори во Бугарија, течат избори и во РСМ. Очекувам лидерите во двете земји да ги објават нивните позиции“, изјавил тој за бугарското Радио „Фокус“.

Што се однесува до бугарските позиции, тие се познати. Токму Колев во јули годинава имаше официјална средба со претседателот на Бугарија, на која Румен Радев нагласи дека во РСМ има 120.000 лица со бугарски пасоши кои бараат властите во Софија да бидат поактивни во решавањето на нивните проблеми. Радев потенцираше дека предуслов за Северна Македонија да ги започне преговорите со ЕУ е да ги почитува копенхангеншките критериуми и да прекине со дискриминација кон Бугарите. Колев сега го реактуелизира прашањето, со обвинување дека Скопје не ги почитува договорите.

Бугарите по третпат годинава ќе излезат на гласање

Бугарите по третпат годинава ќе излезат на гласање

„Нѐ вознемирува тоа што нашата држава РСМ се докажа како субјект кој не ги почитува меѓународните договори. Бугарското општество најдобро го осознава тој момент, бидејќи имаше потпишана Декларација во 1999 година, која не се почитуваше. Стигнавме до Договор за пријателство, добрососедство и соработка, кој исто така не се почитува. Затоа нашиот апел до бугарското општество и лидери е да не веруваат на декларции. Ние сакаме едноставни нешта, РСМ да почне преговори со ЕУ, сакаме да биде членка на ЕУ, но тоа не треба да биде на наша, и на сметка на нашите основни човекови права, кои се и основен европски принцип. Бугарското општество треба јасно да разбере дека РСМ не е партнер кој си ги почитува договорите", изјавил Колев.  

И додека ваквите пораки го полнат етерот и медиумските страници, во сенка остануваат вестите кои говорат за соработката во областа на културата. Една од нив е и информацијата дека македонскиот режисер Милчо Манчевски утре ќе има изложба во Центарот за современа уметност во Бургас. Изложбата, насловена „Таму", која прикажува 88 дела на тема улична фотографија, на втори септември годинава гостуваше и во галеријата на Националната уметничка академија во Софија, каде го привлече вниманието на уметничката и интелектуалната публика.