Обвинителство ќе „пресече“ за дилемите на Кривичниот суд | Северна Македонија | DW | 07.02.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Обвинителство ќе „пресече“ за дилемите на Кривичниот суд

Проширен колегиум на Јавното обвинителство денеска ќе гради став по конфузијата што ја предизвика правното мислење на Врховниот суд, со кое практично беше извршен атентат врз СЈО.

Проширен стручен колегиум на Јавното обвинителство денеска ќе гради став за натамошните постапки согласно со законот, откако Врховниот суд со правно мислење го прогласи Специјалното јавно обвинителство за неовластен тужител за обвиненијата покренати по истекот на рокот од 18 месеци, предвиден со членот 22 од законот за СЈО. На денешниот колегиум ќе присуствуваат и виши обвинители од четирите Виши јавни обвинителства (Скопје, Битола, Гостивар и Штип), како и шефицата на Основното јавно обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска.

Правното мислење на Врховниот суд создаде конфузија и многу дилеми и во однос на новите обвиненија на СЈО, и во однос на судбината на предметите што СЈО врз основа на стварна надлежност ги презеде од ЈО, а се во судска постапка или пред нејзиниот финиш. Од тие причини, Кривичниот суд побара државниот јавен обвинител Љубомир Јовески да се произнесе - кое Обвинителство треба да ги води предметите на СЈО кои беа оспорени со правното мислење на Врховниот суд. Бидејќи Кривичниот суд самиот нема законска можност да бара автентично толкување од Собранието на членот 22 од законот за СЈО, Судот сугерираше такво толкување да побара ЈО. Членот 22 од Законот на СЈО гласи: „Јавниот обвинител кој раководи со Јавното обвинителство, може да покрене обвинение или да нареди запирање на истражна постапка во период не подолг од 18 месеци од денот на преземањето на предметите и материјалите во негова надлежност“.

Промашена тема

Претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, смета дека нема потреба од автентично толкување, бидејќи смета дека законот бил јасен. Според него, целта на донесеното правно мислење била да се спречат штетните последици доколку СЈО продолжи да води предмети надвор од законскиот рок, бидејќи ако тие предмети во крајна инстанца стигнат пред Врховниот суд, ќе бидат укинати.

„Доколку има барање за носење на начелно правно мислење Врховниот суд мора да постапи по тоа барање“, изјави Вангеловски.

Повеќе на темата:

-За СЈО решаваат тие што СЈО не ги „реши“

-Македонските „бурбони“ и реставрацијата

-„Бомбите“ на буниште, СЈО пред еутанaзија

Такво барање до Врховниот суд стигна од адвокати на обвинети во предмети на СЈО. Според законот, тие имаат право да побараат правно мислење, но според правни експерти „промашена е темата“. Според нив, Вангеловски не е во право кога тврди дека „начелно правното мислење се дава заради обезбедување единство во примена на законите од страна на судовите“.

„Во случајов не се работи за никаква различна примена на законите, и според тоа, Врховниот суд излегол од својата надлежност“, укажуваат правни експерти.

На тој аспект се осврнува и обвинителката Вилма Русковска.  

„Врховниот суд според важечкиот закон нема законско право да толкува закон или член на законот. Според сегашната легислатива таа надлежност ја има Законодавно- правната комисија во Собранието. Врховниот суд може да донесе начелен став само за различна примена на еден закон, на пример кога различни судови различно толкуваат еден закон. Тогаш Врховниот суд треба да донесе начелен став како треба да се постапува“, објаснува обвинителката.

Игри со „кумулативниот услов“

Според правни експерти, најголемата „тенденција“ на Врховниот суд се наѕира и во она што во правното мислење е потенцирано како „кумулативен услов“ во однос на законскиот рок: 18 месеци од денот на преземањето на предметите и материјалите во надлежност на СЈО.

„СЈО не ги добило во исто време и материјалите (снимките -н.з) и предметите. На пример, материјалите немаат функција додека не се добијат и предметите и обратно, што значи дека во практика нивното постапување може да почне по последното дејствие. Од тој датум треба да се смета кумулативниот услов, односно рок во кој течат 18 месеци“, велат повеќе правници со кои разговараше ДВ.

Токму во играта со „кумулативниот услов“, тие гледаат обид за обжалување и укинување на пресуди по обвиненија од СЈО.

Сметаат дека ЈО треба да им даде насока судовите да продолжат со постапките, а многу внимателно да проценат дали е потребно да се бара од парламентот автентично толкување на членот 22 од законот за СЈО.

„Ако дејствата на СЈО продолжиле со преземање на предмети од надлежен јавен обвинител и во законска постапка - нема дилема дека тие постапки се законити“ велат нашите соговорници. 

Според нив, автентично толкување од Собранието треба да се побара само ако судовите „застранат“, односно почнат да го применуваат правно мислење на Врховниот суд, со кое тој излегол од својата надлежност и се впушил во недозволено толкување на член од закон.  

Но, се повеќе е извесно дека офанзивата на Врховниот суд нема да заврши само со  даденото правно мислење. Вангеловски веќе најави дека  планира да ја продолжи општата седница на која се расправаше дали „бомбите“ може да бидат користени како докази, што ја отвори пред две години. Тогаш врховните судии не донесоа мислење, но Вангеловски најавува дека тоа го очекува наскоро. Ако тие изгласаат дека „бомбите“ не се докази, тоа би значело и конечно „убиство“ на СЈО.

 

DW.COM

Реклама