Обвинителската автономија голема, временските рокови мали! | Северна Македонија | DW | 16.09.2015
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Обвинителската автономија голема, временските рокови мали!

Законскиот рок во кој новото обвинителство во Македонија може да покрене обвинение е краток и ги доведува во прашање искреноста на процесот и борбата против неказнивоста, реагираат правни експерти

Законот за специјален обвинител на хартија навистина гарантира голема автономија во работата, но има одредени спорни членови кои може целосно да го нарушат очекуваниот ефект од него, реагираат правни експерти по анализата на вчера усвоениот lex specialis. Најмногу забелешки имаат за членот 22, кој се однесува на крајниот рок за покранување обвинение: „Јавниот обвинител кој раководи со јавното обвинителство може да покрене обвинение или да нареди запирање на истражна постапка, во период не подолг од 18 месеци од денот на преземање на предметите и материјалите во негова надлежност“.

Тој рок е прекраток и ја доведува во прашање искреноста на процесот, вели д-р Слаѓана Тасева, претседател на Транспаренси интернешнел - Македонија.

„Како може да се очекува дека 18 месеци ќе бидат доволни и како може после тоа постапката/истрагата да запре? Сепак сметам дека овој закон не може да ги стави настрана роковите на застарување од кривичниот закон и не треба, ако сакаме да се бориме против неказнивоста“, укажува д-р Тасева.

Треба да се клонира!

Рокот е уште попроблематичен, ако се има предвид дека дел од истрагите кои се однесуваат на оф-шор компании, ќе имаат меѓународен карактер и поради одредени процедури ќе биде потребно повеќе време за обезбедување докази. Но, според експертите, проблеми може да има и при обезбедувањето докази на домашен терен, со оглед дека специјалниот обвинител ќе работи, условно речено, во „непријателско институционално опкружување“, односно ќе нема сојузници во институциите со кои ќе треба да соработува, со оглед дека кризата во најголема мера е резултат на владејачката контрола врз нив. Друг проблем произлегува од членот 9 став 2: „Јавните обвинители немаат право да донесуваат наредби и обвиненија, а имаат право да го застапуваат Јавниот обвинител кој раководи со јавното обвинителство пред надлежен суд“.

Според д-р Тасева, ако специјалниот обвинител мора да ги потпишува сите налози и обвиненија, „тој ќе мора да се клонира, за да има време да се посвети на се“. Таа има забелешка и за одредбата платата што ќе ја добива специјалниот обвинител да биде за 10 проценти помала од сегашната плата на државниот јавен обвинител и смета дека морало да се води сметка за поголема финансиска мотивација, со оглед на сложеноста на случаите и на обемот на работа со кои ќе се соочи специјалниот обвинител.

Катастрофално решение

Во експертска јавност има разни забелешки и за законот и за изборот на специјалниот обвинител. Дел од правниците не сакаат јавно да зборуваат, но сметаат дека според работната биографија, Јанева нема искуство за постапување по сложени предмети со кои ќе треба сега за првпат да се соочи. Гордан Калајџиев, професор од Правниот факултет од УКИМ, јавно го соопштува тоа што другите го шепотат. Има забелешки и за законот, но најмногу за кадровскиот избор.

„Законот е изготвен од странци, лошо преведен и со невообичаена фразеологија, што може да предизвика проблеми и нејаснотии кога ќе се стави во контекст на нашите закони за обвинителство и за кривична постапка. Второ, кадровското решение е катастрофално. Избран е кадар кој досега имал искуство со најлесни дела - сообраќајки. Не е лошо да добиеме одговор, кога била едукатор во Академијата за судии и обвинители? Кога и пред кого одржала предавање? Неколку месеци во јавноста зборуваме со какво богато искуство и личен интегритет треба да располага идниот специјален обвинител, а добиваме решение извадено од тетратките на ВМРО-ДПМНЕ. Ова го сметам за предавство од страна на СДСМ, односно од Заев, бидејќи со прифаќањето на вакво решение тој ја предаде и закопа надежта за демократија и за правна држава“, вели Калајџиев.

И поранешни судии и обвинители кои синоќа го коментираа изборот на Јанева на тв -дебати, сметаат дека е голем хендикеп што обвинителката доаѓа од Основно обвинителство со ограничени надлежности, кое постапува само по предмети што опфаќаат кривични дела казниви до 5 години. Според нив, таа е можеби стручна, но го нема искуството во постапување со посложени предмети од областа на организираниот криминал и корупција, а токму со такви индиции ќе се соочи во содржините од прислушкуваните комуникации. Сметаат и дека ќе има реален проблем да го состави тимот, бидејќи е неизвесно дали понудата ќе ја прифатат искусни обвинители, кои и статусно и искуствено ќе се чувствуваат многу посупериорно од новиот „шеф“. Со оглед дека речиси е непозната во јавноста, правните експерти сметаат дека најголема енигма во моментов е каква е нејзината резистентност кон евентуални политички притисоци и капацитетот за справување со нив, нешто што ќе се види дури откако ќе започне со работа. А тој момент е се поблиску.

Собранието вчера го усвои Предлог законот за Јавно обвинителство за гонење на кривични дела кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите и ја утврди и кандидатурата на Катица Јанева за специјален јавен обвинител. Веднаш потоа заседаваше Советот на Jавни Обвинители, кој едногласно ја избра Јанева за специјален обвинител, по што се очекува денеска таа да даде свечена заклетва.