Обвинители го дочекаа утрото во УБК: Ќе се одзема документација! | Северна Македонија | DW | 20.10.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Обвинители го дочекаа утрото во УБК: Ќе се одзема документација!

Тимот на Јанева се жали на опструкции, а од УБК тврдат дека системот е сопственост на операторот и само лице овластено од него може да изврши селекција на завршените од актуелните посебни истражни мерки

Тројца обвинители на СЈО утрово го дочекаа во УБК и нема да заминат се‘ додека не се спроведат двата судски налога, со кои тие вчера во 15 часот влегоа  во седиштето на тајната полиција. Како што објасни обвинителката Ленче Ристоска, со едната судска наредба се бараат податоци за лица кои биле опфатени со посебни истражни мерки (ПИМ) од 2008 до 31.12.2015 година, како и Книгата на евиденција за тие мерки.

„Притоа е јасно назначено дека не не‘ интересираат тековни ПИМ. По првата наредба веќе се постапува. Има многу документација за одземање“, вели Ристовска.

Втората судска наредба се однесува за одземање комјутерски податоци, по прашањето кои броеви биле предмет на следење на телефонските комуникации, односно кој се бил прислушуван.

„Само на тој начин може да се направи споредба дали има совпаѓање меѓу наредбите за ПИМ и следените комункикации“, велат од СЈО.

Ристовска и обвинителката Катица Јанева, ноќеска по полноќ соопштија дека и по 12 часа немаат пристап до дел од документите кои се предмет на истрага.

„Нема да си одиме се‘ додека не постапиме по судските наредби“, изјави Јанева, додавајќи се организирани во повеќе групи за дежурства и ако треба ќе останат во УБК и до 1-ви јануари следната година, се‘ додека не ги добијат бараните документи. Таа посочи дека е разочарана од односот на раководството во УБК, како и од необјаснивото присуство на директорот на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, кој постојано бил до обвинителите и истражителите.

Само операторот овластен!

Што го опструира СЈО- техниката или политиката во УБК? По полноќ Чавков ги образложи причините за неговото присуство во УБК.

„Тој систем не е сопственост на МВР, на УБК, туку сопственост е на операторот и само овластено лице од него може да пристапи до тој систем. Постојат огромни ризици за системот и за севкупната безбедност ако нестручно се манипулира и ако дојде до прекин. Затоа сум присутен овде“, изјави Чавков.

Директорот на УБК, Владимир Атанасовски, изјави дека „се трасираат чекорите целата постапка да заврши без ризик за безбедноста на државата“.

„Ќе постапуваме по судската наредба, но таа треба да биде во согласност со позитивните законски прописи. Тоа значи да немаме прекин во спроведувањето на посебните истражни мерки (ПИМ). Судската наредба се однесува на завршени ПИМ, а во посочениот период има и други ПИМ кои се уште се активни. Операторот треба да ги оддели активните од завршените ПИМ. Договорено е со претставникот од операторот да испратат нивни експерти и во наредниот период тој проблем да се надмине“, рече Атанасовски.

Чавков, пак, најави дека денеска ќе спроведе проверка за истрага - зошто од 14.30 часот припадници на „алфите“ биле  распоредени пред УБК.

Партиска тврдина

По влегувањето на СЈО во УБК, следуваа тактизирања, состаноци и други наводни процедури, кои ја отежнаа истрагата на обвинителите, а предизвикаа бројни реакции во јавноста. Либералната партија потенцира дека непостапувањето по судски налог е директно спротивставување на законот и системот, што по дефиниција УБК треба да го штити од домашни и надворешни закани.

„Одбивајќи да го спроведе судскиот налог и опструирајќи го барањето на СЈО, УБК и самата прераснува во закана по уставниот и правниот поредок на државата. Одбивањето на доставувањето на побаруваните докази со судски налог, всушност е обид за ’партиско-полициски удар’. Од објавените записи слушнавме што се зборувало, но клучно е македонската јавност да дознае кој наредил и спровел прислушкување, а потоа да се утврди одговорност за постапката - доколку прислушкувањето го правела УБК по наредба спротивна на законот, по чија наредба и доколку прислушкувањето е од странска служба - зошто тоа не е спречено и санкционирано“, се вели во реакцијата на ЛП.

Поранешниот министер за внатрешни работи, Павле Трајанов, изјави дека министерот за внатрешни работи раководи со сите полициски формации и има право во секој момент да даде наредба за дејствување.

„Ако директорот за јавна безбедност го опструира извршувањето на судската наредба, министерот Спасовски има овластување, но и обврска да го уапси. Може да го уапси и да го држи во полициска станица 24 часа, додека обвинителите не ги соберат доказите кои ги бараат во Управата, а кои се во врска со нелегалното прислушување и следење на комуникациите. Може да го уапси и заменскиот министер Андонов, како и сите останати во МВР кои го попречуваат извршувањето на судската наредба“, изјави Трајанов.

УБК во јавноста се доживува како затворена партиска тврдина, со оглед дека можност за увид во нејзината работа досега во повеќе мандати немаше ни собраниската Комисија за надзор над работата на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) и на Агенцијата за разузнавање (АР).

„Побаравме УБК да ни достави список на опремата затекната во 2006 година, на опремата набавена во меѓувреме, на расходуваната опрема, како и податоци за севкупната опрема која во моментот функционира во УБК. Побаравме да ни бидат доставени и сите технички карактеристики за опремата и упатството за нејзина употреба, дадено од производителот. Тоа ни беше потребно како елементарен минимум, за да се подготвиме за контрола во УБК. Но, од таму добивме само еден смешен документ кој не содржеше ништо од тоа што го побаравме“, се пожали неодамна претседателот на оваа Комисија, Хари Локвенец.

Недостапноста на податоците за перформансите на опремата, според поранешни вработени во УБК, е „совршено алиби“ за да се одложи секаков надзор во таа институција, бидејќи без знаење на тие податоци, секој увид би бил проформа.

„Се плашам дека и на обвинителите на СЈОсега им предочуваат некакви, во моментов непремостливи 'технички околности', само за да добијат време да ги сокријат вистинските мотиви и докази“, вели поранешен вработен во УБК.   

Од СЈО велат дека нивните обвинители и натаму остануваат во УБК, се до реализирање на судските наредби.

Оваа институција денеска на прес-конференција ќе соопшти и детали за два нови предмети за финансиски криминал, каде неофицијално, меѓу осомничените е и актуелен министер во Владата. Неофицијално, едниот се однесува на дел од проектот „Скопје 2014“, а другиот на првата фаза од проектот „Сончев град.“

 

DW.COM

Реклама