1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Криминал

Обвинение за два сина на Ел Чапо

ЕМФ / дв
22 февруари 2019

Поранешниот мексикански наркобос Ел Чапо по мамутски судски процес во САД беше прогласен за виновен. Сега под лупата на американското правосудство се и два сина на Ел Чапо.

https://p.dw.com/p/3DrWp
Mexiko, Mexiko City: Joaquin "El Chapo" Guzman
Казната за Ел Чапо ќе биде соопштена во јуниФотографија: picture-alliance/AP/E. Verdugo

Американското правосудство подогна обвиненија поради трговија со дрога против два сина на неодамна осудениот мексикански наркобос Хоакин „Ел Чапо“ Гузман. Обвинението е обелоденето само една и пол недела откако Ел Чапо беше прогласен за виновен. Со обвинението 34-годишниот Хоакин Гузман Лопез алијас „Ел Гуеро“ (русокосиот) и 28-годишниот Овидио Гузман Лопез алијас „Ел Ратон“ (глушецот) се товарат за внесување кокаин, канабис и кристал мет во САД во периодот од 2008 до 2018 година.

Обвинението било подготвено уште во април 2018 година, но се држело во тајност за да се заштитат сведоци и за да не се попречи истрагата, објаснуваат американските власти. Двајцата обвинети важат за членови на картелот Синалоа, основан од страна на нивниот татко, и во моментов најверојатно се наоѓаат во Мексико.

Друг син на Ел Чапо, Хесус Алфредо Гузман Салазар, уште во 2014 година беше обвинет за трговија со дрога и се наоѓа на листата на десет најбарани осомничени лица која ја има составено американската Агенција за борба против дрога - ДЕА. „Ел Чапо“ има повеќе деца со различни жени.

Повеќе: Наркобосот Ел Чапо е прогласен за виновен

Инаку, „Ел Чапо“, на 12 февруари беше осуден во Њујорк по тримесечен мамутски судски процес. Поротниците го прогласија за виновен за различни дела. Според обвинението, картелот Синалоа под раководство на Ел Чапо во периодот од 1989 до 2014 година во САД внесол речиси 155 тони кокаин и големи количества други видови дроги. Казната за Ел Чапо ќе биде соопштена на 25 јуни.