Обама ја пофали бегалската политика на Германија | Свет | DW | 21.09.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Обама ја пофали бегалската политика на Германија

На самитот за бегалците во Њујорк, американскиот претседател упати зборови на признание за Германија и Канада поради нивниот ангажман во бегалската криза. До сите останати Барак Обама упати итен апел.

На почетокот на самиtот за бегалците, организиран од страна на САД, беа упатени пофални зборови за премиерите на Германија и на Канада: „Би сакал лично да им се заблагодарам на канцеларката Меркел и на премиерот Трудо и на народите на двете земји“, изјави американскиот претседател Барак Обама во Њујорк.

Двете земји дадоа сѐ од себе за да им помогнат на бегалците и да им дадат поддршка. За политиката на отвореност кон бегалците политичарите често мораа да платат висока цена, рече Обама додавајќи дека „политиката понекогаш беше жестоко против оние на власт кои ги отворија вратите за оние кои бараа заштита“, мислејќи притоа на германската канцеларка Ангела Меркел кој е цел како на внатрешно-политички така и на внатрепартиски критики во нејзината Христијанско-демократска унија.

Американскиот претседател го пофали и ангажманот за бегалците во Шведска и во Јордан како и во Мексико, каде според наводите на ОН само годинава се очекуваат околу 400 илјади бегалци главно од Централна и од Јужна Америка.

Покрај тоа американскиот претседател на отворањето на самитот за бегалците во седиштето на Обединетите нации во Њујорк изјави педесет земји ветиле дека ќе примат 360.000 бегалци годинава односно, двојно повеќе од минатата година.

Претходно, Белата куќа најави дека покрај примањето на бегалците, споменатите земји ќе издвојат вкупно 4,5 милијарди долари повеќе во однос на претходната 2015 година за оваа цел. „Заедно, нашите земји двојно ќе го зголемат бројот на бегалците кои ќе ги примиме, и ова година ќе достигне 360.000. Бегалците, од кои повеќето се жени и деца, бегаат од тероризмот. Тие се жртви“, рече Обама, без да наведе поединости која земја колку бегалци ќе прими.

Обама истакна дека отфрлањето на бегалците од страна на некои земји затоа што се муслимани „само ја јакне терористичката пропаганда“, со што всушност ја критикуваше претседателската кампања на републиканскиот кандидат Доналд Трамп.

Претходно, во својот настап на трибината на ОН, Обама ги повика богатите земји повеќе да се ангажираат „дури и тогаш кога тоа е тешко од политички позиции“. САД примија 10.000 сириски бегалци во изминатата буџетска година. Активистите за човекови права сметаат дека таа бројка е премала и ѝ забележуваат на најбогата земја и најголемата светска сила за недоволен ангажман во решавањето мигрантската криза.

За буџетската 2106/2017 година, Вашингтон вети дека ќе прими вкупно 110.000 бегалци, но не наведе колку од таа бројка ќе бидат Сиријци. Повеќе од половината од бегалците на планетава живеат во само осум држави: Либан, Јордан, Турција, Кенија, Етиопија, Пакистан и Уганда, а богатите земји примиле само 14 проценти.

DW.COM

Поврзана содржина

Реклама