Обама се бори за гласови - надеж за втора шанса
4 септември 2012Воодушевувањето не познаваше граници во 2008-ма година. „Да, ние можеме“ беше паролата со која шармантниот Обама ги мотивираше своите приврзаници. Неговото ветување беше: „Надеж и промени“. Тогаш Барак Обама објасни:
„Знам дека немав доволно време за да ги истражам структурите на власт во Вашингтон, но бев доволно долго таму за да знам дека Вашингтон мора да се промени“.
Четири години подоцна, оптимизмот му го отстапи местото на разочарувањето. Барак Обама мораше да признае: „Имаме уште многу незавршена работа“. Тој неуморно патува од една во друга сојузна држава и се обидува да освои уште еден мандат. Ајова, во која тогаш изненади во предизборите кај демократите, а исто така и за време на претседателските избори освои победа против републиканецот Џон Меккејн, сега е претворена во „бојно поле од држава“, во која за победа претседателот и сегашниот противник од редовите на републиканците, Мит Ромни, имаат еднакви шанси.
Несовршен претседател
На предизборен собир во училиште во градчето Маршалтаун Обама покажа скромност. „Уште во 2008-ма реков дека не сум совршен, а тоа можете да ја прашате и мојата сопруга Мишел, и оти нема да бидам совршен претседател. Никој не е“, рече Обама.
Но, 51-годишниот претседател нагласува дека секој ден ќе се бори за интересите на гласачите. „Треба да изградиме повеќе училишта, треба да вработиме повеќе професори, треба повеќе трупи да вратиме дома, треба да направиме повеќе патишта“, ги наброја Обама незавршените работи.
Листата на работи, кои претседателот би сакал да се остварат, може да се продолжи. Пред се’ со ветувањето дека ќе ја извади земјата од економската криза. За американската економија е алармантна стапката на невработеност од осум проценти. Американската економија, и покрај државната финансиска помош во висина од милијарди долари, бавно се опоравува. Но, и останати законски иницијативи половично се спроведени, како реформата во доселувањето или, пак, на финансиските пазари, позната како Вол Стрит реформа.
Борби со републиканците
Здравствената реформа, на која владата на Обама главно се концентрираше, стапи на сила во март 2010-та година. Но, да се протурка таа реформа низ Конгресот беше тешко, бидејќи демократите загубија едно место во јануари 2010-та со смртта на Тед Кенеди и освојувањето на местото од страна на републиканецот Скот Браун, а истата година во ноември го загубија и мнозинството во Претставничкиот дом на изборите за Конгресот. Од тогаш траат борбите меѓу претседателот и Конгресот за тоа кој има поголема моќ, што го парализира законодавниот процес и земјата ја доведе во 2011-та на раб на финансиска неликвидност.
Според истражувањето на Галуп, 68 проценти од Американците беа задоволни со Обама при неговото преземање на претседателската функција. Денес тој процент изнесува само 45.
„Напред“ наместо „Надеж и промена“
Најголемиот успех на Обама, кој имаше и најголем одек, е убиството на водачот на терористичката организација Ал Каеда Осама бин Ладен. Тоа Обама го истака и во својот овогодишен говор за состојбата во нацијата.
„За првпат по две децении Осама бин Ланден повеќе не претставува закана за оваа земја“, рече Обама.
Без оглед дали се задоволни од неговата работа, сепак мнозинството Американци го сметаат Обама за симпатичен. Анкета на Галуп од јуни годинава покажа дека такво мислење имаат 81 процент од испитаниците, додека конкурентот Мит Ромни за симпатичен го сметаат 64 проценти од Американците. Затоа, не постои сомнеж дека неговата Демократска партија, на конвенцијата во Шарлот во Северна Каролина од 4-ти до 6-ти септември годинава, повторно ќе го избере за свој претседателски кандидат. Партискиот слоган сега наместо „Надеж и промени“ гласи „Напред“.