Нic Rhodus, hic salta | Северна Македонија | DW | 30.03.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Нic Rhodus, hic salta

Лекарите се обрзани професионално да одговорат на задачите, а не да ги третираат како желботека. Хероите се потврдуваат на здравствениот терен, а не на интернет. Коментар на Катерина Блажевска.

Фрапантна е информацијата што ја сподели директорот на струмичката болница, Наќе Гогов, дека струмички лекари одбиле да им направат задолжителна анкета на наши сограѓани кои вчера пристигнааа од Берлин, а беа сместени во карантин во хотелот „Цар Самуил" во Банско. 

Профилот на лицата кои одбиле ја да извршат професионалната обврска тој го опиша вака: „Колеги кои најгласно зборуваа, се сликаа и кажуваа дека не се работи доволно, дека има пропусти, наоѓаа замерки и се претставуваа како медицински херои по интернет и слично, одбија да ја направат интернистичката анкета која им е професионална задача".

Значи, кога дошол моментот да покажат што можат и што знаат (Hic Rhodus, hic salta), за што се и професионално обврзани, тие одбиле!

Директорот на болницата вели - „за среќа има исклучок на колеги кои сериозно ја земаат работата и се издигнаа на ниво на задачата - без да се направи нервоза и паника и сум сигурен дека успешно ќе ја спроведат анкетата".

Во актуелнава ситуација не смееме да се задоволиме со факторот „среќа" имало такви одговорни колеги. Сите лекари без исклучок се обрзани професионално да одговорат на задачите, а не да ги третираат како желботека - ова сакам, ова не сакам. Хероите се потврдуваат на здравствениот терен, а не на интернет. 

Дури и да се земе предвид елементарниот човечки страв од епидемијата, во случајов не станува збор за никаква вонредна опасност. Министерството за здравство, исто како и во другите случаи кога наши граѓани пристигнуваат со хуманитарни летови, така и во овој случај побарало да се направи интернистичка анкета од специјалист интернист, со цел да бидат запишани сите хронични болести и лекарствата кои тие ги земаат. Станува збор за лица кои немаат ни клиничка слика, ни сомнеж за заболеност од корона вирус, туку заради превентива треба да бидат изолирани две седмици. Станува збор за 176 наши сограѓани, меѓу нив и неколку дечиња. Се надевам дека никогаш нема да дознаат за грдата епизиода што му претходела на таквото „добредојдовте во татковината“.

Повеќе:

-Почината пациентка од Ковид-19 му отвори работа на обвинителството

-Коронавирус- вакцинирање по Агатангел

-Короналицемерие

Кои се тие лекари што одбиле да ја направат таа анкета? Му припаѓаат ли на нашиот здравствен систем, или од таму само земаат плата, а „работата" ја вршат во дискусии на интернет, како што посочува директорот на струмичката болница? 

Ако е така, ваквото поведение треба да биде санкционирано, за да се пресече синџирот на неодговорно и волунтаристичко однесување на медицински кадар во време на пандемија. Но, и да се стави крај на натамошната практика на партиско „обележување“ на здравствениот кадар, со изјави од типот „нашиот (партиски) здравствен тим и стои на располагање на власта“.

Поразително е ако овој случај евентуално е дел од таквото поимање и „стопанисување“ со кој било кадар, вклучително и здравствениот. На земјата и требаат кадри верни на системот, а не на партија, која и да е.

Директорката на охридската болница, на пример, нема никаква директна одговорност со непримањето на жената со влошена состојба, која подоцна почина во нејзиниот дом во струшкото село Горно Татеш. Но, ќе биде разрешна, бидејќи е менаџер на болницата и има морална и професионална одговорност да ја организира работата за да не дојде до такви случаи.

Обвинителството од своја страна води предистражна постапка за да се утврди конкретната одговорност на оној/оние кои не ја примиле жената со влошена состојба. Така треба и да биде, ако сакаме да изградиме силни институции, а не систем на слаби институции контролирани или подривани од силни партии.

 

Реклама