1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Литература

НЦЦ: Петре М. Андреевски- македонскиот Кафка

БЈ/ печат
13 ноември 2020

Делото на прославениот македонски автор се најде и пред германските читатели, што беше повод, швајцарскиот весник Ноје Цирхер Цајтунг да го спореди со славниот Кафка

https://p.dw.com/p/3lGUu
Deutschland Mazedonische Literatur auf der Frankfurter Buchmesse
Фотографија: DW/B.Georgievski

Расказите на Македонецот Петре М.Андреевски се едно големо Мементо мори, пишува Ноје Цирхер Цајтунг (НЦЦ) во најавата на текстот, дополнувајќи дека германската публика сега има ретка можност да се запознае со делото на македонскиот автор преку збирката раскази „Сите лица на смртта“. Текстот на НЦЦ ви го пренесуваме во целост:

„Во расказот 'Дупка' на Кафка, една безимена, уплашена креатура речиси фанатично работи за да го обезбеди и одбрани нејзиниот подземен систем од тунели од можни натрапници.

Речиси како продолжение и драматичен развој на фрагментот од Кафка се чита прозното дело на македонскиот автор Петре М.Андреевски кое што сега за прв пат е објавено на германски јазик.

Logo: Neue Züricher Zeitung, NZZ

Во само неколку страници долгиот текст со наслов “Кртот” едно агресивно животно ја уништува градината на еден човек кој очајно се обидува да се одбрани од натрапникот со помош на стапици, отров и мотика. 

Конечно, тероризираниот умира, полуден од кошмари со кртот. 

За неговиот вечен дом на гробиштата се вели: “Кога најблиските роднини на Данаил Кордановски по 40 дена отидоа да поделат храна за неговата душа околу неговиот гроб најдоа свежи ископини од крт. Како да дошол искусен орач и околу гробот да ја ископал првата бразда”. 

Повеќе:

-На Македонците секогаш им го загорчувале животот

Такви страшни случки тематизираат најголемиот дел од 19-те раскази на во 1934 година родениот и веќе упокоениот Андреевски, кои ги издаде берлинската издавачка куќа Гуголц под насловот “Сите лица на смртта” (мак.издание во 1994 година). 

Лиричарот, драматург и прозаичар кој со романот “Скакулци” (герм.издание 2018) создал македонски национален епос на раниот 20-ти век, темите ги црпел од архаичниот живот на селаните и занаетџиите од пред сто години. 

За завојуваниот свет на историска Македонија, тоа “буре барут на европскиот ориент” некогаш во своите романи “Урнатини” и “Во царството на Албанците” со ликот на отмениот Германец Кара Бен Немзи и неговиот несмасен пријател Хаџи Халеф Омар, пишувал и Карл Мај кој земјата изгледа ја знаел само од колонијални прераскажувања. 

До 1912 година мултиетничка Македонија била составен дел од Османлиското царство. Потоа во повеќе војни соседите се бореле за нејзината територија; прв пат во Југославија под Тито на земјата и е признаен статусот на нација. 

Колку жешко гори жарот од историјата на Балканот се гледа и по тоа дека земјата во 2019 мораше да се преименува во Северна Македонија за да си го држи отворен патот кон ЕУ.

Deutschland Mazedonische Literatur auf der Frankfurter Buchmesse
Фотографија: DW/B. Georgievski

Во позадина беше најмалку сто години стариот спор околу Александар Велики, којшто соседна Грција го рекламира за себе. 

Како што често е случај кај Андреевски, и во расказот “Татко” се работи за опсесии и ненадејни насилни испади. 

Капетанот Рагип застрелува војник од неговата чета кој како дете бил киднапиран од арамии. Неговиот престап очигледно бил тоа што во меана по децении го препознал татка си, “каурин”, и го почестил едно кафе. 

Капетанот вели: “Ние на каурите не им даваме ништо, ние само земаме од нив”. За чувствата на таткото чии што очи се толку “ладни како да се полни со проѕирен лед”, не дознаваме ништо.

Но, и меѓу христијаните не е ништо помилостив односот. Во друг расказ двајца млади мажи заради кладба се нурнуваат среде зима в река за да фатат крст кој попот го фрла при годишниот ритуал.  

Поразениот подоцна ќе го убие победникот со секира. 

Ковачот кој го направил алатот, се вели дека по таа случка во секое сечиво го гледал “ликот на убиениот”. 

Македонија на Петре М.Андреевски е обележана од сиромаштија, патријахална строгост и неправда. И сепак делата не му се социјална критика. Тие - а, и тоа го поврзува со Кафка - се вртат околу општо важечкото, вмешаноста и вината на поединецот, неизбежноста на смртта.

Текстовите се обележани од измачувачкото прашање за смртта и она што следи по неа, како и врамени во хоризонтот на христијанството, а поткопани со суеверие. 

Но, дали случките се дело на натприродни сили, буквално раката на Бога или пак само на случајност, Петре М.Андреевски во неговите висококондензирани и многу модерни раскази на мајсторски начин го остава како отворено прашање."