1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нужен е увид во владиниот извештај до претседателот

28 април 2020

Дали е обезбеден принципот на недискриминација за мерки поврзани со ограничувањето на правото на движење? Прашањето е важно во време кога земјата отстапи од одредени членови од ЕКЧП.

https://p.dw.com/p/3bUxm
Nord-Mazedonien Skopje Coronavirus
Фотографија: DW/P. Stojanovski

На 27 ми март, на 30-тата седница, Владата ја усвои Информацијата за потребата да го извести Генералниот секретар на Советот на Европа, дека Северна Македонија ќе отстапи од одредени членови на Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП), како последица на пандемијата од Ковид-19.

„Воведувањето на вонредна состојба и мерките донесени од Владата за спречување на ширењето на пандемијата и за справување со здравствените ризици, влијаат на уживањето на правата гарантирани со Конвенцијата и нејзините протоколи. Заштитата на здравјето претставува легитимна основа за ограничување на наведените права со цел да се овозможи да се преземат мерки за справување со сериозните ризици по здравјето на населението, под услов да бидат засновани врз закон, неопходни во демократско општество и посебно насочени кон превенција на болест или грижа за болни лица“, соопштија тогаш од „Илинденска“ број 2.

Во известувањето до Генералниот секретар на Советот на Европа, Владата навела дека е нужно да отстапи од дел од обврските според член 8 (право на почитување на приватниот и семејниот живот), член 11 (слобода на собирање и здружување), член 2 од првиот Протокол (право на образование) и член 2 од Протокол бр. 4 (слобода на движење).

Повеќе:

Пендаровски прогласи нова вонредна состојба, и го укори ЏафериСлободата е во заложништво, но не одиме кон режимизација

Спасовски: Воведуваме полициски час

Според член 15 од Конвенцијата, на земјите им стои на располагање можноста за отстапување од ЕКЧП во случај на вонредна состојба, војна или некоја друга општа опасност која го загрозува животот на нацијата, но таа треба да биде ползувана на „ограничен начин и со надзор“ („limited and supervised manner"). Секоја земја која го користи тоа право должна е целосно да го информира Генералниот секретар на Советот на Европа за мерките и за причините за нивното преземање, но и да го извести за датумот кога ќе престане важноста на тие мерки, односно кога ќе започне повторно целосната примена на одредбите од Конвенцијата.

Coronavirus in Nord Mazedonien, Skopje
Во јавноста веќе се проблематизираат некои од мерките на ВладатаФотографија: DW/P. Stojanovski

Потребни чекори

Иако отстапувањето од ЕКЧП е очекувано по воведувањето вонредна состојба, од Институтот за европска политика-Скопје (ЕПИ) сметаат дека треба да се има предвид оти оценката и последиците нема да заависат само од известувањето за отстапувањето (дерогацијата), туку и од сите чекори кои земјата ќе ги преземе од почеток до денот кога ќе ја прекине дерогацијата.

 „Ова ќе бидат елементи на кои Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) ќе се фокусира кога ќе ги разгледува случаите кои ќе ги добие поврзани со мерките кои ги презеле или не ги презеле државите за време на кризата со Ковид-19. Но, како што укажува и Агенцијата за фундаментални права на ЕУ (ФРА), оваа криза ќе постави нов предизвик и за домашните судови кои ќе треба да ја проценат неопходноста и пропорционалноста на воведените мерки во случаите поврзани со овие мерки“, посочуват од ЕПИ.

Билјана Котевска, истражувачка координаторка во ЕПИ, која е авторка на краткиот осврт за дерогацијата од ЕКЧП, под наслов „По разнишани скалила: За човековите права и Ковид-19 во Северна Македонија по дерогирањето од Европската конвенција за човекови права“, се осврнува на неколку точки во врска со оваа дерогација: основата, обемот, нејзиното траење и прекин.

Таа потенцира дека и можноста за дерогирање не е без ограничувања.

„Резолуцијата 2209 (2018) на ПССЕ служи како добра водилка за тоа кои се границите во кои ваквото дерогирање треба да се случи. Она што се чини најтешко да се утврди во случајот на дерогирањето од ЕКЧП на Северна Македонија, е пропорционалноста на мерките. Мерките се носат во врска со Ковид-19 и со цел заштита на јавното здравје. Но, за ретко која мерка е наведено конкретно зошто истата се носи и каква е процената на донесувачите на одлуки за влијанието од оваа мерка. Она што ја прави оценката за пропорционалноста дополнително тешка, е фактот што станува збор за нов вирус, па со тоа и не се знае доволно за начините за негово ширење. Поради ова, лесно е да се посегне по генерално оправдување на сите мерки што значат задржување на луѓето подалеку едни од други. Но, ваквата генерална мерка може диспропорционално да погоди посебни групи, на пример оние кои се приматели на нега по различни основи“, оценува Котевска.

Таа посочува четири чекори кои треба да се преземат. Прво, обезбедување на принципот на недискриминација преку воведување на интерсекциски пристап. Второ, стриктна еволутивност, пропорционалност и респонзивност на мерките: мониторирање и реевалуација на мерките, и по потреба нивно прилагодување или прекинување. Трето, транспарентност за воведувањето на мерките, нивната цел и нивното следење: известување за целите кои се сака да се постигнат со поединечните мерки, и проценка на државата за пропорционалноста, стриктната потребност и законската основа за нив. Четврто, запознаеност со проблемот: државата има обврска да го познава проблемот со цел да ги дизајнира и правилно да ги спроведе мерките поради кои првично било отстапено од ЕКЧП (на пример, преку тестирање во обем од кој би ги собрала потребните податоци со цел да ја пружи заштитата).

Nord-Mazedonien Ausnahmezustand wegen Coronavirus ausgerufen | Stevo Pendarovski
Вонредна состојба беше прогласена на 18-ти март во траење од 30 дена, а по нејзиното завршување на 16-ти април претседателот Стево Пендаровски донесе нова одлука за прогласување вонредна состојбаФотографија: Büro des Präsidenten von Nord-Mazedonien

Нужна транспарентност

Во Северна Македонија вонредна состојба беше прогласена на 18-ти март во траење од 30 дена, а по нејзиното завршување на 16-ти април претседателот Стево Пендаровски донесе нова одлука за прогласување вонредна состојба. Во текот на вонредната состојба Владата спроведува сет мерки со цел да се заштити здравјето на граѓаните. Како можат да се оценат тие мерки?

„Засега е тешко да се оценат мерките во врска со кои беше вложена дерогацијата од ЕКЧП и кои ќе бидат предмет на оцена од страна на судот во Стразбур, поради недостиг на споделени информации од страна на Владата за секоја од мерките (поединечно и како сетови од мерки) кои би оделе подалеку од генералното оправдување ‘заштита на јавното здравје' и спречување на ширењето на вирусната инфекција", вели Котевска.

„Така, основано во јавноста веќе се проблематизираат некои од мерките. На пример, дали е обезбеден принципот на недискриминација при планирањето, спроведувањето, мониторирањето, евалуирањето и прекинувањето на мерките поврзани со ограничувањето на правото на движење за определени возрасни групи, на пример, лицата над 67 години. Зошто токму овие групи, зошто во тие часови од денот и во тие денови од неделата, зошто во тие периоди од кризата со Ковид-19, дали и со какви исклучоци, како се вклопува оваа мерка со другите мерки, како и дали не постоеле други мерки со кои ќе се постигнела истата цел, а немало да се ограничи правото на движење на оваа група во толкава мера?“, вели Котевска за ДВ.

Според неа, ова се само дел од прашањата кои судот во Стразбур ќе ги постави во некои идни случаи кои до него ќе дојдат од нашата земја за воведените мерките, а поврзано со членовите од кои сме отстапиле.

„Поради ова, Институтот за европска политика даде препорака за транспарентност не само во врска со воведувањето на мерките, туку и транспарентност во врска со нивната цел, следење и прекин. Од клучно значење за ова е извештајот од Владата до Претседателот во врска со досега преземените активности од државните институции, кој требаше да уследи по 30-те дена вонредна состојба и за кој Владата донесе заклучок на својата 41-вата седница. Но, овој извештај засега не е објавен“, потсетува Котевска.