НСУ: една ужасна годишнина | Свет | DW | 04.11.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

НСУ: една ужасна годишнина

Пред точно пет години беше откриено Национал-социјалистичкото подземје, келија одговорна за убиства на десетици луѓе, воглавно со мигрантско потекло. До денес не е разјаснето ништо.

Серијата убиства ги шокираа полициските инспектори ширум Германија. Беа очајни бидејќи не можеа да пронајдат трага која би довела до сторителите. Кој стои зад убиствата на 9 луѓе сторени од 2000. до 2006.? Сите жртви беа убиени со исто оружје. Серијата кривични дела, неофицијално но лекомислено и без никаков пиетет кон жртвите, добија име „донер-убиства“. Жртвите, имено, воглавно беа од турско потекло, а донер е турски специјалитет. За полицијата речиси никаква улога не играше идејата дека можеби се работи за убиства со расистичка позадина. Се говореше за пресметки и убиства од одмазда во мафијашките структури, беа осомничени дури и неколку членови на семејствата на жртвите. Поради тоа и владееше шок во јавноста откако беше откриена вистинската позадина на серијата злосторства.

Пред пет години, на 4 ноември 2011, се запали една камп-куќичка, веднаш по неуспешниот грабеж во Ајзенах. Во остатоците беа пронајдени две тела. Беа тоа лешевите на Уве Бенхарт и Уве Мундлос кои наводно извршиле самоубиство. Обајцата беа познати како припадници на екстремната десница. Од 1998 година, речиси 14 години живееја во илегала. И додека тие извршија самоубиство за да не бидат уапсени, нивната пријателка го запали заедничкиот стан во градот Цвикау, им испрати на медиумите писмо во кое се открива постоењето на терористичката келија и ѝ се предаде на полицијата.
Беате Чепе од мај 2013 е првообвинета во судот во Минхен. Обвинета е за убиство на девет мигранти, но и на една полицајка. Во декември 2015, Чепе конечно го прекина молкот и во судницата тврдеше дека немала ништо со убиствата.Таа ги обвини двајцата пријатели дека ги извршиле сите злосторства без нејзино знаење. Нејзините изјави, како и односот на четворицата обвинети за помагање во злосторствата, се големо разочарување за семејствата на жртвите. 

Beate Zschäpe Gerichtssaal im Oberlandesgericht in München Bayern

Првообвинетата Беате Чепе тврди дека е невина

Државата потфрли

Но, најголемо е разочарувањето од државното обвинителство и органите за безбедност кои, според нив, не покажуваат доволно волја за расветлување на сите случаи. Па така, само неколку дена по откривањето на келијата беа уништени сите акти на германската Служба за заштита на уставниот поредок кои имаа врска со оваа терористичка група. Повеќе соработници на германската тајна служба умреа во неразјаснети околности. Редовно се одбиваат барањата на семејствата на жртвите во процесот да се воведат и акти кои се уште го носат знакот на тајност и да се повикаат дополнителни сведоци. Сето тоа ги наведува семејствата на жртвите да сметаат дека службите знаат многу повеќе од она што сакаат да го кажат.

Бројни парламентарни комисии кои на сојузно или покраинско ниво ја истражуваа серијата убиства самокритично признаваат дека државата потфрлила на сите полиња. Во октомври годинава, адвокатот Карстен Илијус и тројца негови колеги кои застапуваат семејства на жртвите поднесоа тужба против Службата за заштита на уставниот поредок- поради попречување на правдата и задржување на документи. Адвокатот Илијус жестоко ја критикува и канцеларката Ангела Меркел, која на комеморацијата за жртвите на НСУ вети дека ќе стори сѐ за да се „разјаснат убиствата“. 

Infografik NSU-Mordopfer Deutsch

Жртвите на НСУ и местата и датумите на кои се убиени

Илијас вели дека тоа воопшто не е случај. Тој од канцеларката очекува, во рамки на нејзините правни можности, да изврши притисок врз Министерството за правда и Министерството за внатрешни работи. Верува дека на тој начин би се забрзал процесот. Сепак, со оглед на она што се случуваше во последните пет години, тој смета дека е малку веројатно оти ќе дојде до напредок.

Повеќето медиуми, а со тоа и јавноста, веќе долго покажуваат мал интерес за комплексното прашање за делувањето на терористичката келија НСУ. За наслови во весниците се погрижи неодамнешната одлука на првообвинетата да проговори во судницата. Спектаклот сепак не придонесе да се разјасни серијата убиства.
Соочувањето на општеството со насилното и злосторничко делување на десничарскиот екстремизам е на самиот почеток. Таквото мислење го дели и Штефан Креме, шеф на Службата за заштита на уставниот поредок во покраината Тирингија од која делувала келијата НСУ. „Мораме да признаеме дека бројот на прашања без одговор останаа исти како и на почетокот“.

DW.COM

Реклама