НПД слободно може и натаму да биде неважна | Свет | DW | 18.01.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

НПД слободно може и натаму да биде неважна

Германскиот Уставен суд не ја забрани десноекстремната НПД. Тоа го лути подносителот на барањето за забрана, Бундесратот, но ја покажува силата на нашиот Устав, оценува Фолкер Вагенер.

Не, новиот неуспех на политиката да издејствува забрана на НПД преку Уставниот суд, не е катастрофа. Тоа е повеќе бламажа за Бундесратот, кој по вторпат сакаше многу, а притоа немаше доволно факти. Во овој случај, се посегна по претерана мерка. Како што беше и во 2003 година, кога Бундестагот, Бундесратот и Владата заеднички доживеаја неуспех во врска со НПД пред Уставниот суд. Никој не порекнува дека НПД има нехумани и расистички цели. Но тоа не е доволно за забрана.

Партија како шифра за германскиот НС-комплекс

Забрана на една партија е најсилното оружје на Уставот. По него се посегнува само ако е во опасност слободарскиот и демократски поредок, што значи - ако се настојува тој да биде соборен. И, за тоа треба да се имаат јасни докази. Искрено, треба ли да се плашиме од партиичка која сега нема свој претставник во ниту еден покраински парламент и која никогаш немала свој претставник во сојузниот парламент? Не мораме. НПД е повеќе шифра за нашиот германски НС-комплекс (НС е кратенка за националсоцијализам, н.з.). Тој е сфатлив и е во позадина на нашите децениски напори да пружиме отпор (Никогаш веќе фашизам, никогаш веќе војна!“) Ваквото историски и психолошки потхрането чувство на спротивставување против навистина невкусниот вечно „вчерашен“ меѓутоа е сосема несодветно кога се работи за правниот 'рбет на забраната.

Судиите во Карлсруе сега тоа повторно го запишаа во регистарот на политиката. НПД, значи, смее и натаму да постои и смее и натаму да биде неважна. И, тоа не би требало да возбудува никого. НПД е само отцепена групичка и во вестите е застапена во најдобар случај кога станува збор за нејзината застарена организација и финансиската состојба. Не, демократијата не мора да гради внатрешна тврдина поради вакви политичко-идеолошки статисти со цел да ги држи надвор кафеавите современици.

Wagener Volker Kommentarbild App

Фолкер Вагенер

Правното натегање и онака доаѓа со децениско задоцнување. Во 60-тите години од минатиот век постапка за забрана ќе беше веројатно многу поуспешна и понеопходна. Тогаш НПД имаше свои пратеници во повеќе покраински парламенти, во некои покраини освојуваше дури и по десет 10 проценти од гласовите. Тоа беше повеќе отколку што во тоа време освојуваа либералите. Но тогаш - при исти уставни одредби - никој не покрена иницијатива за такво нешто. Многу нацисти беа сѐ уште професионално активни, општествената клима беше поинаква. Ако воопшто некогаш постоела дури и некаква теоретска опасност од нанесување штета од страна на НПД на младата Сојузна Република Германија, тогаш тоа беше тоа време. Но никој не се осмели. Шансата е пропуштена.

НПД е маргинализирана дури во ерата на Вили Брант (1969-1974). Зошто? Затоа што со Вили Брант (кој бараше: Да се осмелиме на повеќе демократија!) целото германско општество се придвижи во насока на левиот центар и со тоа ги минимизираше екстремните десничари, и тоа без никаква помош од Уставниот суд и барања за забрана.

Борба против десниот екстремизам со агрументи, не со забрани

Нашата демократија би требало едноставно да ја издржи НПД. Со рестрикции од една мини-партија може само да се направи здружение на маченици, кое брзо може да си создаде нова организација. Десноекстремната идеологија не може да се укине со забрана, за тоа е неопходна политичка борба со агрументи.

Германија, партиите во неа и целото општество одамна имаат еден друг проблем. Имагинарниот џин НПД, стилизиран како опасен, историски се надживеа. Во моментов други го загрозуваат консензусот на општеството, неговиот баланс: АфД, Пегида и новиот популизам. Тие агитираат со просто размислување и веќе најдоа сојузници, што се гледа и од успехот на покраинските избори на новата протестна партија. И во нивниот случај важи: забранување е забрането. Неохподно е соочување со пријателите кои светот го поимаат едноставно.

DW.COM

Реклама