Ноќта кога Скопје наликуваше на „бојно поле“ | Северна Македонија | DW | 06.05.2015
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Ноќта кога Скопје наликуваше на „бојно поле“

Синоќешниот протест во Скопје и полициската акција за негово растурање го привлече вниманието на водечките светски медиуми. Утрово состојбата се нормализира

Водечките светски агенции синоќа и утрово информираа за протестите во Скопје, опишувајќи ја атмосферата во градот и причината за незадоволството на граѓаните.

Агенцијата Франс Прес јавува дека при ескалацијата на анти-владините протести биле повредени најмалку 19 луѓе, меѓу нив 15 полицајци и еден фоторепортер.

„Извикувајќи „Убијци! Убијци!“ демонстрантите бараа оставка од владата. Фрлајќи предмети скршија прозорци на владината зграда, оштетија неколку автомобили во околината и запалија неколку контејнери“, пишува АФП.

Протестите започнаа неколку часа откако опозицискиот лидер Зоран Заев го обвини премиерот дека се обидел да ја прикрие смртта на Мартин Нешковски, јавува Асошиејтед Прес.

Ројтерс јавува дека „околу 2.000 демонстранти се судрија со македонската политика пред зградата на владата во Скопје, барајќи оставка на премиерот кој е вмешан во скандал со прислушкување“.

Полицијата синоќа насилно го растури протестот на граѓаните употребувајќи притоа и водени топови и шок бомби. Државната МИА утрово јавува дека состојбата на просторот пред Владата е нормализирана. „Улиците се расчистени, сообраќајот се одвива нормално и не е забележливо засилено полициско присуство“.

Според информации од медиумите, но и од очевидци, во текот на ноќта полицијата привела поголем број демонстранти. Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска денеска информираше дека на протестите биле повредени 38 полицајци и еден цивил, а 30 демонстранти биле приведени. Според Јанкулоска „вчерашните протести биле вандалски напад врз полицијата“. Полицијата не употребила прекумерна сила врз демонстрантите, тврди таа.

Повеќе македонски медиуми јавија дека полицијата извршила упад и во читалната „Браќа Миладиновци“ каде во тој момент се наоѓале поголем број студенти. Од видео материјал постиран на „Јутјуб“ може јасно да се види како специјални полициски сили влегуваат во читалната и ги повикуваат присутните да излезат од просториите. Се слушаат гласови кои им објаснуваат на полицајците дека тие се студенти, а може да се види и апсењето на повеќе млади луѓе.

Реклама