Ноќниот живот се враќа во скратена варијанта  | Северна Македонија | DW | 06.01.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Ноќниот живот се враќа во скратена варијанта 

Угостителите повторно ќе можат да работат до 21 часот ако состојбата во вирусот остане стабилна, најави министерот за здравство Венко Филипче

Доколку епидемиолошката состојба остане стабилна, угостителските објекти ќе се вратат на работното време до 21 часот, најави министерот за здравство Венко Филипче, отворајќи ја можноста дека нема да има продолжување на мерката со која беа обврзани за време на празниците да затворат во 18 часот. 
„Конкретно, да кажам дека угостителите ќе се вратат на работното време до 21 часот, меѓутоа, засега тоа ќе остане какво што е. Сè уште следиме како ќе се развива ситуацијата и согласно анализите во иднина ќе одлучуваме дали ќе има дополнителни намалувања на рестрикциите“, рече Филипче во гостувањето во утринската емисија на националниот сервис МТВ 1.

Ситуацијата е стабилна

Мерката за дополнително скратување на работното време на угостителите во пресрет на празниците беше донесена на 15 декември и ќе трае до 20 јануари. Министерот оцени дека состојбата во моментов е стабилна, а охрабрувачки е тоа што, според едно истражување, над 60 проценти од здравствените работници би се вакцинирале против Ковид-19.

-повеќе на темата: Коронавирус: Заборавете на новогодишните прослави

„Исклучително висок процент на здравствени работници се заинтересирани да ја примат вакцината, и тоа е добар сигнал за сите граѓани. Здравствените работници беа на првата линија во борбата и знаат колку е опасен вирусот. Доколку тие се вакцинираат, тоа ќе влее поголема доверба и кај граѓаните“, истакна Филипче. Министерот нагласи дека вакцинирањето е сериозен и проверен процес, а вакцините се развиени на безбедни и проверени платформи на кои досега се развиваа и сите други вакцини. Сите вакцини што ќе пристигнат се целосно безбедни и граѓаните може да имаат целосна доверба, дециден е Филипче.

Финансиска помош

Рестриктивните мерки коишто беа воведени од почетокот на пандемијата, имаа сериозни последици врз работењето на угостителските објекти, кои со месеци работат со скратено работно време. Пред новогодишните и божиќните празници, Владата донесе одлука да се затворат кафулињата и рестораните до 18 часот, со цел да се спречи одржувањето на традиционалните предновогодишни забави на фирмите, но и собирањето на поголеми групи луѓе на прослави, за да се спречи ширењето на Ковид-19. 

-повеќе на темата: Нови мерки против коронавирусот: Нема кафеани, ниту прослава на плоштади за Нова Година

Во меѓувреме фрчат казни и контроли од страна на полицијата и инспекторите, кои буквално секој ден откриваат по еден локал којшто не ги почитува мерките и организира забави на кои има по 20-30 па поголем број на гости. Често се и случаите каде што сопствениците на локалите ја чекаа инспекцијата да замине, за потоа насилни да ги тргнат пломбите и забавата повторно да продолжи. Се додека не бидат приведени од полицијата, којашто будно ги демне. 

-повеќе на темата: Игра на мачка и глушец: инспекторите ги затвараат, кафулињата кршат пломби

Независната угостителска комора во повеќе наврати реагираше и бараше финасиска помош од државата за да се справат со последиците од ковид-кризата.Угостителите велат не постои дејност која може да издржи и опстане со месеци соочена со континуирани бројни рестриктивни мерки и протоколи со ограничувања во своето работење на 30 и 50 проценти од своите капацитети.„Невозможно е со месеци да премостувате, одлагате и да го издржите притисокот за навремено исполнување на сите редовни 100% обврски, додека прометот и приходите се толку смалени што тековното работењето на угостителските објекти наместо планирани добивки генерираат енормни трошоци и загуби. Државата и Владата мора да ја преземат целосната обврска и одговорност за опстанокот на угостителската индустрија до завршувањето на пандемијата Ковид-19“, укажуваа угостителите.

Реклама