Норвешка во шок по вчерашните напади | Европа | DW | 23.07.2011
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Европа

Норвешка во шок по вчерашните напади

По масакрот на норвешкиот остров Утоја и бомбашкиот напад во Осло во кои загинаа над 90 лица, полицијата уапси осомничен Норвежанец со антимуслиманска ориентација. Полицијата истражува по можен соучесник.

Норвешкиот премиер Столтенберг

Норвешкиот премиер Столтенберг

Владиниот кварт во Осло - насекаде урнатини. Малиот остров Утоја, оддалечен околу 40 километри, апокалиптичен кошмар. Млади меѓу 13 и 18 години во бегство, спасувајќи го голиот живот, скокајќи во водата или криејќи се зад дрвјата, но сепак напаѓачот застрела 85 од нив. Тој очигледно успеал да влезе во младинскиот камп на социјалдемократската младина на Норвешка со лажна полициска значка, токму во моментот кога стотици биле собрани за да се информираат за бомбашките напади кои кратко претходно се случиле во главниот град Осло.

Островот-рај стана пекол

„Одеднаш чув истрели однадвор. Прво се прашав - дали ова е некоја шега? Зашто, тука имаше едно момче што рече дека сето тоа е само виц, играчка-пиштол. Потоа едноставно истрчавме надвор. Јас трчав кон шумата заедно со околу 20 други. По отприлика 15 минути застанавме и не знаевме каде натаму, што да правиме. Затоа легнавме во тревата, колку што може поцврсто прилепени за тлото, сосема тивки, за да не не` најде напаѓачот. Кратко потоа се слушнаа шумови и некој извика ’О, Господе, тој доаѓа!’ Тогаш едноставно почнавме пак да бегаме, видов две момчиња кои лежеа таму, а насекаде имаше крв“, вака потресно раскажува едно девојче.

Schießerei in Jugendlager auf der Insel Utoya Flash-Galerie

Малиот остров Утоја

Страв, крв и солзи, овие зборови ги употреби норвешкиот премиер Јенс Столтенберг денеска на прес-конференција, на која островот Утоја го опиша како рај:

„Посебно ме боли што местото на кое и јас во 1974 година го поминав летото, стана арена на вакво брутално насилство. Еден рај за младите за неколку минути се претвори во пекол.“

Центарот на Осло во урнатини

Doppelanschlag Norwegen - Anders Behring Breivik

Осомничениот Андерс Беринг Брејвик

Цела Норвешка е во шок, велат дека ова е најголемата национална катастрофа по Втората светска војна. Сите знамиња се на половина копја. Центраот на Осло се‘ уште е блокиран поради истрагата по бомбашкиот напад од вчера (23.07.) во кој загинаа седум луѓе. Меѓу другото, погодено беше и бирото на премиерот Столтенберг.

Очевидец сведочи за силината на детонацијата: „Наеднаш целата просторија и целата зграда се крена во воздух. Прозорците се распрснаа, веднаш истрчав надвор и видов дека насекаде има чад.“

Претходно на местото бил забележан осомничениот напаѓач, кој по нападот со својот автомобил заминал кон 40 километри оддалечениот остров. Очевидци велат дека со себе имал пиштол, носел полициска униформа. Рекол дека неговата посета на островот е само рутинска по нападот во Осло, па го пуштиле на него, а кратко потоа започнале истрелите.

Човекот кого во меѓувреме полицијата го уапси е Норвежанец со невино лице и облека на добро ситуиран граѓанин. Станува збор за 32-годишниот Андерс Беринг Брејвик. Тој имал врски со деснорадикалната сцена, но се споменува и екстремно христијански фундаментализам како причина за нападот.

Дали постои втор напаѓач?

Норвешката полиција засега не соопштува детали. Нејасно е дали се трага по уште еден напаѓач, како што објавија медиумите. Прво беше објавено дека полицијата по исказите на сведоците трага по соучесник, кој не бил во полициска униформа, но полицијата тоа го демантира, истакнувајќи дека ги проверува сите евентуалности, но не трага по никого конкретно.

Во местото Сундволен утрово беше уапсен 20-годишен човек кај кого бил најден нож, но не е јасно дали тоа е во врска со нападите. Ножот кај себе го образложил со своето чувство на несигурност, а во моментот на апсењето во местото престојуваше норвешкиот премиер Столтенберг.

Автор: ЖА/ТТ/Тим Крон/дпа/афп

Редактор: Трајче Тосев

DW.COM

Аудио и видео прилози на оваа тема