Нон-пејпер: ритуално возбудување | Информации и анализи за Балкан | DW | 29.04.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Балкан

Нон-пејпер: ритуално возбудување

Неофицијалните документи за Балканот кои наводно кружат добиваат во значење само поради тоа што се зборува за нив. Клучното прашање е кому тоа му оди во прилог, коментира Немања Рујевиќ.

Чудни се понекогаш патиштата по кои одат вестите. Во февруари 2019. одекна текстот на „Франкфуртер рундшау“ дека постои готов план од 17 точки за размена на територии меѓу Србија и Косово – требаше само да се потпише во јуни истата година. Но „планот“ всушност потекнуваше од еден македонски портал на албански јазик кој нема ниту уредник ниту импресум. Во суштина многу врева за ништо. И тоа беше некаков „нон-пејпер, само што тогаш не знаевме што значи тоа. Сега знаеме.

Уште не стивна метежот околу наводниот нон-пејпер кој наводно го напишал словенечкиот премиер Јанез Јанша, а приштинскиот весник „Коха Диторе“ во понеделникот (26 април) објави нон-пејпер кој наводно го напишале Берлин и Париз. Иако самиот весник пишува дека „не можел да ја потврди автентичноста“ – тогаш одлично прашање за уредникот би било зошто е објавен? И покрај тоа што и амбасадорите на Германија и Франција во земјата демантираа дека станува збор за нивен план темата продолжи да „се тркала“.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ е „загрижен“ и вели дека до најситен детал ќе го анализира документот во кој догодина се предвидува признавање на Косово, со автономија на Србите на северот и специјален статус за Српската православна црква. Вучиќ како некој јасновидец знае кој го напишал – „Се сомневам на едно лице, на една многу паметна жена бидејќи освен неа никој друг не би можел да состави вакво нешто. Околу 50 лица во светот се занимаваат со косовското прашање и јас сите ги знам. Треба да видиме кој го направил ова и кои се политичките мотиви.“ Наводниот нон-пејпер за Косово значи дека е дојдено на дневен ред во Белград малку да се паѓа во медиумски проследена „загриженост“, иста како што демонстрираа во Сарево по појавата на словенечкиот нон-пејпер.

Повеќе на темата:

-Нон-пејпер: Опасен пат во експлозивното минато на Западен Балкан 

-Јанез повторно би цртал граници

-„Нон-пејпери“ предизвикуваат немир на Западен Балкан

Суштината на ваквите „документи“ е да не се знае кој ги составил и да одат преку дипломатски канали. Затоа е лесно да се нагаѓа, демантира, да му се припишува некому или едноставно да се измисли нов нон-пејпер поради сензационализам или политички математики. Тоа е тавтологија: постојано да се зборува за нон-пејпери кои се важни само онолку колку што се зборува за нив.

Nemanja Rujevic

Немања Рујевиќ, автор на коментарот

Вчудоневидувачка е подготвеноста во политичките, новинарските и аналитичарски кулоари од Брисел до Балканот, без заддршка да се внесат во реторички битки од голем обем, а се на толку тенка основа како што е овој или оној нон-пејпер кои можеби постојат, а можеби и не. Така многу брзо се стасува до мавтање со карти со прекроени граници, нови војни и морални лекции од Европа.

Наводните заткулисни планови се разбира не „паднаа од Марс“. Дури и кога кај нон-пејперите не ги знаеме одговорите на петте главни новинарски прашања – кој, што, каде, кога и како – вреди да се постави и дополнителното прашање – Кому ова му оди во прилог?

Да ја земеме приказната за „мирно распаѓање” на БиХ проследена со „ѕвечкањето” на оружјето. Во ноември 2017 Милорад Додиќ во едно интервју за ДВ нацрта речиси иста мапа како што постои во наводниот нон-пејпер на Јанша. Бакир Изетбеговиќ исто така за ДВ рече дека во случај на отцепување на Република Српска е подготвен за војна. Неодамна и на Мило Ѓукановиќ земање оружје и одење „во шума” му се видоа како одлична идеја за „одбрана на Црна Гора”. Како што може да забележиме не се потребни никакви нон-пејпери за да се „запали бурето со барут”. Профитерите се секогаш истите: политичарите кои си ја префрлаат топката еден на друг, притоа играјќи си со најниските пориви на избирачкото тело. Додиќ сервис, Изетбеговиќ ритерн, Вучиќ форхенд, Тачи бекхенд - мечот се игра во недоглед, само на народот да не му текне дека границите не се мачкаат на леб и дека фабриките во кои се мотаат кабли не се баш одлика на економските тигри, ниту воздухот мора да мириса на јаглен. Идејата на властодржците е народот да го одвратат од ситничарско размислување за малите проблеми кои почнуваат во сопствениот паричник и наместо тоа да се посветат на геополитички теми и национални психози. Ние сме толку големи што ниту еден наш проблем не смее да биде мал.

Дел од играта се и моралните поуки кои стигаат од Европската Унија. На регионот му се порачува дека промена на границите е рецидив од деведесеттите, дека тоа би водело кон крвопролевање и масовни гробници, и дека светлата европска перспектива е околност поради која нема да биде важно од која страна на границата живеете.

Но, со оглед на тоа дека таа европска перспектива е втурната во неизвесен недоглед, Западот се задоволува со стабилократија. Ним како да им оди во прилог тоа што поради буката околу нон-пејперите добиваат потврда за својот стереотип дека Балканот е буре барут и дека се е добро додека таму не се пука. За овој метеж немаат ништо против ни од Истокот – колку повеќе работите се несредени толку им е поголем просторот за поткуп и манипулации.

За бесконечниот круг на политички профит кој се базира врз приказната за граници и војна придонесува секој таканаречен нон-пејпер и секоја ритуална возбуда околу него. А ќе има уште такви „документи“.